Коњановски и Кондовски како Сизиф поместуваа камења на Пелистер
Двајцата кандидати за градоначалник речиси да мораа да се појават на скијачката патека Копанки по повикот на независните советници
Анета Блажевска
БИТОЛА – „Сизифовски тешка“ стана кампањата за градоначалник на Битола. Кандидатите за градоначалник за вториот круг од локални избори Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ и Христо Кондовски од СДСМ денеска на Пелистер на едно исто место ја чистеа ски-патеката Копанки пред почетокот на зимската скијачка сезона. Повикот за чистење на патеката ја упатија независните советници кои освоија три мандати за новиот Совет, па двајцата кандидатите со своите советнички групи и членови на партиите веднаш се најдоа на Копанки.
Пиарите и на двајцата кандидати овој пат имаа иста цел, на битолчани да им прикажат дека нивните фаворити на изборите се вредни луѓе, поборници за чиста животна средна па постираа фотографии како креваат камења од патеката, како собираат ѓубре. Кампањата отиде дотаму да се види кој колкав камен кренал сам или со помош од сопартијците.
Но, без оглед на целта, и денеска од Пелистер беа испратени лути стрели. Така, Тони Коњановски ја нападна власта дека за четири години СДСМ на Пелистер оставила само 1 км ски-патека на која оперира жичница градена со самопридонес пред децении, при тоа не земајќи ги предвид 12 години власт на ВМРО-ДПМНЕ претходно.
„Работењето за Пелистер да биде современ рекреативен центар не подразбира косење на тревата. Ако тоа е ревитализацијата која СДСМ може да ја понуди за Пелистер, ги повикуваме веднаш да се откажат, ќе ја средиме ние битолчани, сами. Еве токму како денеска, кога се собравме сите заедно да го исчистиме и освежиме овој дел околу патеката Копанки“, порача Коњановски од Копанки, па вети „гарантираме дека Пелистер ќе биде развиен центар, дека ќе прерасне во туристичка атракција почитувајќи ги еко стандардите на она што значи најстар Национален парк во регионот.

Кондовски, пак, смета дека планината денеска ги обедини сите битолчани без оглед кој од која политичка партија или независна група доаѓа.
„Покажавме дека можеме да се обединиме кон една заедничка цел, а тоа е почиста животна средина. Тоа е показател дека и во иднина како нова локална самоуправа ќе нѐ обединува целта – граѓанинот да ни биде во прв ред, чиста животна средина и еколошки стандарди, развој на туризмот во Потпелистерието и ски-патеката Копанки“, порача Кондовски од Пелистер.
И тој вети дека како „иден градоначалник на Битола се надевам дека Планинарскиот дом ‘Копанки’ ќе излезе од судските лавиринти и ќе биде дом на сите битолчани и посетители на Битола“.
Всушност, двајцата претенденти за градоначалничката фотелја и Коњановски и Кондовски имаат уште два тешки камења за поместување – прво, кој ќе ја освои власта на 31 октомври и ќе привлече глас повеќе на своето конто; и второ, оној што ќе ја освои власта дали ќе обезбеди мнозинство за функционирање на Советот.
Силите за новиот состав на Советот не се наклонети ни кон едниот ни кон другиот.
ВМРО ДПМНЕ освои 13 советнички мандати, СДСМ 11, независните 3, Левица 2 и ЛДП и ДУИ по еден советник. СДСМ смета на советничките места на своите коалициски партнери ЛДП и ДУИ, што значи и двете партии имаат по 13 советници. До обезбедување мнозинство од 16 советници и на двајцата кандидати им се потребни советничките мандати на независните од „Поинаку“, оти мандатите на Левица не се доволни и за двете страни.
Па не случајно денеска и двата спротивставени табора се качија на Копанки и се обидоа да привлечат глас повеќе на своја страна, без оглед на тежината на камењата и товарот од исчистеното ѓубре.
Настрана од ова, реалноста е дека Битола досега, без оглед која опција и да беше на власт, не успеа од Пелистер да направи современ планински туристички центар со капацитети и содржани кои ќе привлечат домашни и странски туристи.