Коњановски бара итна вонредна седница на Советот, еден месец од политичкиот циркус во Битола
Битолскиот Совет е надвор од колосек од 20 април, сите „завојувани“ страни го чекаат извештајот од Вишиот државен инспектор за локална самоуправа
БИТОЛА – Речиси еден месец трае политичката криза во битолскиот Совет, и како што стојат работите нема изгледи да се надмине. Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски денеска 26 дена од последната седница на Совет кога претседателката Габриела Илиевска ја прекина, а ВМРО ДПМНЕ обезбеди мнозинство и ја продолжи седницата, преку Фејсбук порака ја повика Габриела Илиевска итно да свика вонредна седница. Во спротивно Коњановски бара советниците да обезбедат мнозинство според Статутот и Деловникот и сами да побараат свикување на вонредна седница, за да продолжи донесувањето на важни одлуки за градот.
Коњановски вели дека Илиевска покажува несериозност и неодговорност за позицијата која е избрана.
„Измина половина месец мај, а претседателката, иако треба да се грижи за организацијата и работата на Советот, очигледно ја заборавила својата должност. Ова е дополнителна потврда за несериозноста и неодговорноста кон граѓаните кои и ја дале својата доверба, за да може, преку Советот, да се иницираат промени и да се реализираат проекти“, напиша градоначалникот Коњановски на Фејсбук.
Во период на полн ек на градежната сезона, како и период за обезбедување финансиски средства од меѓународни фондови за реализација на проекти од витална важност за Битола, градот е закочен, обвинува градоначалникот.
„Од крајна итност е донесување на Одлука за изградба на велосипедски патеки, за да може да се пристапи кон издавање на одобрение за градење и реализација на овој проект оваа градежна сезона. Потребно е Советот да донесе одлука и за аплицирање за финансиска поддршка од УНДП, вклучувајќи и општинско кофинансирање за Проектот: Каскадно уредување на коритото на реката Драгор. Советот неопходно е да го усвои и извештајот изготвен од Комисијата за проценка на штети од минатогодишните поплави, за да може граѓаните кои пријавиле штети да бидат соодветно обесштетени“, наведува Коњановски.
Според него, општинската администрацијата која Илиевска ја посочува во континуитет како причина за кочење на нејзините предизборни проекти, ја завршила својата работа, па на ред е Советот да носи одлуки.
„Барам претседателката Габриела Илиевска, веднаш да закаже вонредна седница, на која ќе бидат разгледани и усвоени наведените точки, за да може реализацијата на проектите и постапките непречено да се одвива. Доколку, кај неа не постои желба за нови проекти во Битола, тогаш очекувам иницијатива на најмалку една третина од членовите на Советот за свикување на вонредна седница со наведениот дневен ред, со што заеднички ќе ја покажеме нашата должност за исполнителност и одговорност кон граѓаните кои ни ја дадоа довербата и од нас очекуваат работа и резултати“, повикува Коњановски.
И претседателката на Совет, Илиевска се огласи на Фејсбук па порача срамота било на фејсбук да се покажувале „јунаштини“.
„Да ви беше гајле за Битола и за проектите денес низ град ќе имаше нови камиони за ѓубре, видлив нов парк “по димензиите од проектот”, нови паркинг места и уреден простор секаде кај шо се турнаа гаражите, немаше да вработувате по список од партија, немаше да делите пари на роднини и пријатели, немаше да ви смета што има три независни советници кои една и пол година ве молеа да работите и со кои заради “кучињата низ град” се скаравте“, пишува меѓудругото Илиевска и накрај порачува: „А кога сме кај сериозноста, да ја имавте, немаше да си играте со довербата која ја добивте од битолчани. И не ги замарајте луѓето со вашата неспособност за соработка, ние сите сме избрани за да работиме за доброто на битолчани, за жал Вие одбравте да работите за лични интереси на неколкумина“,обвинува таа.
Битолскиот Совет е надвор од колосек од 20 април, сите „завојувани“ страни го чекаат извештајот од Вишиот државен инспектор за локална самоуправа, Раим Муслиу, кој на 26 април изврши контрола во Советот на Општина Битола за да ја утврди законитоста на спорната седница и одлуките донесени на неа, додека претседаваше Илиевски, и после тоа кога со седницата претседаваше најстариот член од Советот од редовите на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. (А.Б.)