Конференција на проектот „М6 Чекор напред“: „Македонската економија во двоен шок – каде се движиме?“


Во рамки на проектот „М6 Чекор напред“ утре во М6 Едукативниот центар во Скопје ќе се одржи третата по ред конференција, овој пат на тема: „Македонската економија во двоен шок – каде се движиме?“

Ќе се дискутира за прашања како ќе се соочиме со краткорочните/среднорочните предизвици, дали е нарушена макроекономската стабилност, кои мерки треба да се преземат за да се справиме успешно со кризата, колку сме подготвени да издржиме висока инфлација и висока кумулација на јавниот долг, потоа колку сме финансиски и економски стабилни и по 30+ години независност, кои се начините за зацврстување на потенцијалот на економијата, гласот на реалниот сектор…

Конференцијата се одржува во време кога македонската економија влегува во период на криза која по својот обем и времетраење ќе биде полоша од онаа со пандемијата.

„Енергетската криза која што ја зафати Европа, заради војната во Украина, се пренесе врз македонската економија. Стравувањата дека влегуваме во стагфлација, односно во период на низок раст, висока инфлација и зголемување на невработеноста, се сѐ поизвесни. Годишната стапка на инфлација во октомври 2022 достигна високи 19,8 отсто, што ја става Македонија меѓу државите кои се на врвот на листата според инфлацијата во Европа. Јавниот долг на крајот од третиот квартал се искачи на 7,64 милијарди евра и е повисок за 2,1 милјарда евра во однос на периодот пред ковид кризата. Буџетот за 2023 година се планира на 5,28 милијарди евра, што е нов историски врв на вкупни расходи, а буџетскиот дефицит повторно се планира да изнесува високи 700 милиони евра“, се вели во најавата за конференцијата.

Исто така се посочува и дека проекциите за економскиот раст во 2023 година се скромни, како од Владата така и од меѓународните финансиски институции, а проекциите за инфлацијата се сѐ уште високи. Енергетската криза во Европа тековно е во затишје, но сите предвидувања се дека нѐ чека уште потешка зима во 2023/24 година.

На конференцијата ќе учествуваат видни домашни и меѓународни експерти и стопанственици: Јасмин Чакери, менаџер за макроекономија трговија и инвестиции и Сања Маџаревиќ Сујстер, постар економист во Светска банка, кои ќе зборуваат за „Северна Македонија – Надвор од кризите“, Фатмир Бесими, министер за финансии кој ќе зборува за Буџетот 2023 и среднорочна фискална стратегија“, Анета Крстевска, главен економист Народната банка, која ќе ги презентира најновите макроекономски проекции на НБМ, како и Маја Кадиевска Војновиќ, професор и поранешен вицегувернер и финансиски експерт ќе зборува за ранливоста на македонската економија во услови на криза.

Во рамки на конференцијата е најавена и панел дискусија „Влијанието на инфлацијата и енергетската криза врз работата на компаниите во РСМ“, на која ќе дебатираат Светозар Јаневски, Претседател на Управен одбор на „ВВ Тиквеш“, Штефан Петер, Претседател на Управен одбор на „ЕВН Македонија“, Маја Стевкова Штериева, Претседател на Македонска банкарска асоцијација, Сашо Наумовски, Извршен директор на „Витаминка“, како и новинарот Горан Темегунов кој ќе ја модерира дискусијата.