Конференција: Фокусот на децентрализацијата на краток рок да биде ставен на зајакнување на општините


Фокусот на децентрализацијата на краток рок треба да биде ставен на зајакнување на општините преку подобрување на рамката за финансирање и зголемување на нивните надлежности, овозможувајќи висок степен на автономија, без притоа, тој никако да не биде на штета на граѓаните, туку во нивна полза, овозможувајќи исполнување на нивните основни права, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на обраќањето на „Годишната конференција за децентрализација и локално управување“.

Конференцијата ја организира Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа која оваа година се одржува на тема „Локална самоуправа – време за можности и ревизија“.

Според него, само системскиот пристап носи одржливи решенија, а таков е и пристапот што го имаме кон унапредување на локалната самоуправа.


– Покрај зголемувањето на фискалните трансфери кон општините, Владата е посветена и на изнаоѓање на дополнителни средства за капитални инвестиции, како неодамнешното потпишување на договорот со Европската инвестициска банка за заем од 50 милиони евра наменети за водоводна инфраструктура и третман на отпадни води во општините, истакна Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи го повтори апелот на Владата до општините да продолжат со изработка на квалитетни проекти и да аплицираат за овие средства.

-Истовремено би апелирал да се насочи особено внимание кон реализација на покрупни капитални инвестиции врз основа на одобрени заеми и склучени договори со меѓународни финансиски институции, подвлече Битиќи.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Улман, рече дека децентрализацијата е јадрото на швајцарскиот политички систем и рече дека транспарентното локално управување може да го подобри пристапот на квалитетна јавна услуга, зголемена финансиска ефикасност, како и на социјална инклузија и партиципација.


– Децентрализацијата е комплексен и сензитивен процес којшто бара упорност од страна на лидерството, како и јасно дефиницирање на одговорностите помеѓу централната и локалната власт, истакна амбасадорката Улман, посочувајќи дека граѓанското општество игра важна улога за успешна децентрализација и локално управување.

Постојаниот претставник на УНДП во нашата држава, Армен Григорјан, го постави прашањето кога функционерите не би биле во сегашните функции туку би биле млади лица во својата 20 годишна возраст, и живеат во една од најнеразвиените општини во Северна Македонија, која би била причината што би ги охрабрила нив да останат да живеат и да работат во нивното родно место наместо да се преселат во Скопје или надвор од земјата.


– Одговорот на ова прашање е тоа што може да го понуди децентрализацијата и локалниот развиток. Одговорот се адресира на проблемот на младите, нивното верување во јавните институции, демографијата, обезбедување на работно место и на многу други проблеми, истакна Григорјан.

Тој додаде дека локалната самоуправа, според пристапот и практиките на УНДП е внатрешен и клучен сегмент за прогресот на земјата и дека на најдиректен начин придонесува за подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.

– УНДП, како долгорочен партнер на земјата, работи на проценка на состојбите поврзани со локалната самоуправа, подготвува препораки и спроведува конкретни проектни активности за зајакнување на единиците на локалната самоуправа, со цел да ги зајакне нивните капацитети за извршување на нивните надлежности. Нашата целокупна работа на локално ниво е мотивирана од целта да изградиме поефикасна, поотпорна, поодговорна и потранспарентна локална самоуправа, со крајна мисија да се подобри квалитетот на животот на граѓаните, додаде Григорјан.

Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, пак, оцени дека се поважна станува улогата на општините во процесот на интегрирање на земјава во ЕУ, и оти подобрувањето на системот на локалната самоуправа е обврска на Министерството за локална самоуправа.

– Имаме висок степен на децентрализација на надлежности, локалните власти имаат големи одговорности. Секаде во секоја општина главна тема се финансиските ресурси, проблемите предизвикани со цената на струјата, како да се сервисираат училиштата, детските градинки.

Фото: Б. Грданоски

И верувам дека на локалните власти не им е лесно да се справат со последиците, како што не и е лесно ниту на Владата, рече тој.

Пенов истакна дека се бара начин како оваа година средствата од буџетот, но и од донаторите да се насочат кон проекти кои што ќе им помогнат на општините да бидат енергетски ефикасни и да заштедат енергија.

– Фискалната децентрализација исто така ќе помогне да се зголемат приходите од ДДВ и од персоналниот данок, се воспоставуваат нови механизми – фонд за воедначување и фонд за перформанси. Но, паралелно и општините треба да покажат резултати во наплатата на данокот на имот, додаде Пенов.

Според него, во процесот на интегрирање на земјата во ЕУ улогата на општините станува сѐ поважна. Тие се клучни субјекти во регионалната политика на ЕУ.