Конфедерацијата на слободни синдикати со кампања ,,Да се слушне гласот на работникот”
Кампања насловена „Да се слушне гласот на работникот” спроведува Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија како национален синдикат кој има за цел да ги заштитува правата на работниците, кои како што велат во време на пандемија и за време на вонредната состојба беа прекршени, а се прекршуваат и во периодот после завршувањето на вонредната состојба.
-Целта на кампањата е да се информираат работниците и пошироката јавност за актуелни теми од областа на работничките права и работата и улогата на синдикатите преку илустрации и упатување на порака за конкретни теми. Сметаме дека е од исклучително значење во овој период да се зголеми видливоста на синдикатот, како кај нашето членство, така и кај останатите работници и јасно да се презентира улогата на синдикатот во време кога многу работници се соочуваат со прекршување на правата од работен однос, а немаат каде да се обратат, наведуваат од КСС.
Досега, се посочува, се обработени повеќе теми како што се безбедноста и здравјето при работа, која е улогата на колективното договарање и социјалниот дијалог, права и обврски на работодавачи и работници, сигурно и пристојно работно место, поголеми и пристојни плати и др. Кампањата се одвива на официјалната фејсбук страница на КСС.
-Во нашата програма следуваат и други теми за интересите и правата на работникот знаејќи дека секој работник ја заслужува својата плата. Ги охрабруваме сите наши членови да не се двоумат и да се обратат во нашиот синдикат доколку се соочуваат со проблеми во остварување на нивните права од работен однос, а кои се загарантирани со закон, порачуваат од КСС.