Конечно ќе се гради потпорниот ѕид во Клинички


Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов одржа координативна средба на тема „Загрозување по животот и здравјето на луѓето и по материјалните добра од подземните води, одрон и рушење на потпорно-оградниот ѕид на улица „Белградска“ кај ЈЗУ УК за детски болести – Скопје, информираат од неговиот кабинет.

На средбата во ЦУК, присуствувале сите поканети претставници од Министерство за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекциски совет, Министерство за внатрешни работи. Присутни биле и вработени во Центарот – државниот советник Драги Тарчуговски и колеги од Секторот за операции и координација на ЦУК, кои, се појаснува во соопштението, непосредно се ангажирани за конкретната проблематика за координација за решавање на опасноста.

На средбата биле разгледани материјали од досегашните активности и инспекциски наоди и се донеле неколку заклучоци.

(Видео) Падна потпорниот ѕид на Детската клиника во Клинички центар

– Министерството за здравство, согласно решението и заклучокот од градежниот инспектор на Општина Центар, да започне со изградба на ограден – потпорен ѕид како привремено решение. Град Скопје да изработи динамика и да започне активности за изработка на нов сообраќаен проект во координација со СВР – Скопје, со што би се редуцирало движењето на тешки товарни возила. Град Скопје ќе пристапи кон пресадување на дрвјата на трасата на улицата „Белградска“, истовремено, при активностите за изградбата на потпорниот – ограден ѕид од страна на Министерството за здравство. ЦУК да побара извештај од Министерството за животна средина и просторно планирање – водостопански инспектор за намената и состојбата на руиниран канал, каналски систем, на улицата. За трајно, долгорочно решавање на проблемот, Град Скопје е потребно, во координација со останатите надлежни институции, да изготви нова хидролошка студија и студија за заштита на подземните води на падините на Водно, врз основа на што би се преземале трајни мерки за изградба на нова улица со потребната каналска мрежа и нејзино асфалтирање, појаснуваат попладнево од ЦУК.