Конечно пробиена улицата „Есенинова“ од Чешма до „Трета македонска бригада“


Улицата „Есенинова“, која беше пробиена од Чешма во Кисела Вода, до булеварот „Трета македонска бригада“ на влезот во Аеродром, претставува трето поврзување на двете големи општини Кисела Вода и Аеродром.

– Со изградбата на „Есенинова“ ги поврзуваме булеварите „Борис Трајковски“ и „Трета Македонска бригада“ во Аеродром. Оваа улица е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и Центар затоа што оваа улица ќе претставува трето поврзување со урбаните делови на Аеродром и Кисела Вода – порача градоначалникот Петре Шилегов.

Булварот „Трета македонска бригада“ е долг повеќе од 2,6 км, а има само две поврзувања: едното кај булевар „Србија“, со булеварот „Борис Трајковски“ и второто кај Тутунски комбинат каде се создава голем сообраќаен метеж.

Со новата улица се скратува движењето, не мора да се оди на крстосниците кај Тутунски и метежот ќе се преполови. Ова служи за граѓаните кои патуваат од „Континентал“ во Гази Баба, кон Рампа и Чешма во Кисела Вода и со тоа се избегнува тесното грло кај Тутунски.

Новоизградената улица „Есенинова“ е долга 730 метри, со променлива ширина, односно, има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во „Трета македонска бригада“. Поставено е улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа, а за тоа се дислоцираа постојните резервоари и бунари кои се наоѓаа на таа локација. Вредноста на изградбата на оваа улица е  околу 71 милион денари со вклучен ДДВ.