Концерт на Камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски Ѓумар“ во Софија
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски Ѓумар“ вечер ќе одржи концерт во салата на Чешки центар во Софија. Диригент на концертот ќе биде Ангел Спироски, а според програмата се предвидени композиции од Дарија Андовска, Ајвс, Шпор и Мартину.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид 1986 година.Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа. Составен е од студенти на ФМУ во Скопје, но и од гости и млади музичари, од други земји. Во досегашниот период имаат учествувано над 350 млади.Со своето музицирање во сиот овој период се наметна на музичката јавност, не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.
Диригенти и уметнички раководители биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски – Ѓумар, В. Николовски – Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Олег Кондратенко со постојана тенденција за промоција на млади диригенти и солисти (Дијана Илкоска, Иван Еминовиќ).
Оркестарот има реализирано повеќе од 90 концерти, добивајќи голем број високи позитивни критики, но и национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар оркестарот има изведувано дела од современи како и од македонски автори. Како признание за постигнатите резултати во 1995 година беше поканет и одржа концерт во Будимпешта, по повод 50-годишнината од основањето на Светската Федерација на ММ.
Оркестарот има остварено повеќе ТВ и радио снимки како и сопствена ЦД продукција (пет изданија). Веќе 32 години завршниот концерт на Летната сесија на оркестарот е дел од програмата на Фестивалот „Охридско лето“, а во последните 12 години и на „Скопско лето“ и „Битолско лето“.