Концерт на камерниот ансамбл „Нов здив” во Охрид


Фото: Б. Грданоски

Камерниот ансамбл на Филхармонија – „Нов здив“, вечерва, во 21 часот ќе настапи во црквата „Св. Софија“ во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Станува збор за настан во организација на Филхармонија, кој се реализира како дел од програмата на најстариот фестивал во земјата.

На програмата се „Verklärte Nacht“ за гудачки секстет од Арнолд Шенберг, „Омен“ за соло сопран, кларинет, виолина, виолончело и ударни инструменти од Валентина Велковска-Трајановска и Пијано квинтет од Антон Веберн. Диригент е Паскал Галоа од Франција.

– Идејата за овој концерт на камерниот ансамбл „Нов здив“ произлегува од желбата и предизвиците за изведба и на современа музика на нашата музичка сцена, и фактот што во нашата држава не постојат многу состави кои се длабински посветени на новата музика. Членовите на камерниот ансамбл „Нов здив“ на Филхармонија во соработка со диригентот Паскал Галоа од Франција, грижливо прават селекција на композиции од македонски и светски автори, велат од Филхармонија и додаваат дека сите композиции кои се дел од програмата на овој концерт се ретко изведувани.

-Дел од композициите и премиерно ќе се изведат во РС Македонија, a наедно ова ќе биде и премиерно преставување на камерниот ансамбл „Нов здив“, соопштуваат од Филхармонија.