Комунални редари ќе ги „удираат по рака“ несовесните што расфрлаат ѓубре


Со новиот закон за локална самоуправа комунални редари ќе внимаваат далчи граѓаните го фрлаат губрето и отпадот на соодветно место и на соодветен начин. Оваа можност ја има и сега, предвидени се во Законот за комунални дејности, тврди министерот за локална самоуправа Златко Перински, но со новиот закон тоа ќе биде облигаторна обврска на градоначалниците.

– Воведување на комунален надзор, под ингеренции на локалната самоуправа, да се доуреди со Законот за комунални дејности, но како обврска во иднина градоначалниците мора да ја имаат. Инаку, треба да превенира девијантни појави на мала група граѓани, коишто секојдневно несоодветно го депонираат и одлагаат отпадот. потоа, несоодветно постапуваат со урбаната опрема, за којашто локалните самоуправи и тоа како издвојуваат значајни средства од своите буџети – рече Перински денеска на консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, во Битола.

Со воведувањето на оваа обврска преку Законот за локална самоуправа градоначалниците нема да имаат можност бораат дали сакаат или не сакаат да има комунални редари.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски рече дека се обиделе да воведат ред особено околу пазарите, продажбата на улица, несоодветното депонирање отпад со тоа што пред неколку години ангажирале луѓе, кои биле брендирани, да им укажуваат дна оние кои расфрлале наоколу да не го прават тоа. Но, вели, кога луѓето знаат дека тие не можат ништо да им направат, немаат ингеренции, ниту начин да ги казнат, продолжуваат да се однесуваат исто. Смета дека со новите измени на законот, таа состојба ќе се смени.