„Комунална хигиена“: Општина Чаир намерно расфрла отпад покрај контејнерите


Фото: Б. Грданоски

Од сите скопски општини само Чаир ни должи седум милиони денари за собирање на ѓубрето, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми. Тој испрати соопштение до медиумите во кое го обвинува градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, дека не им плаќа за собирањето на ѓубрето низ општината.

„Овој долг сериозно ја отежнува нашата секојдневна работа. Сепак, и покрај сè, ние продолжуваме со редовно чистење и празнење на контејнерите на секоја точка за собирање отпад. Она што е уште позагрижувачки е дека Општина Чаир не се грижи за отстранување на гломазниот отпад, иако постојано рекламира акции што во реалноста не се реализираат“, вели Рустеми.

Тој вели дека имале сигурни информации дека во неколку случаи самата општина организирала фрлање на отпад надвор од контејнерите, со цел да се создаде хаос и вината да се префрли на претпријатието.

„Ова однесување не само што е неодговорно, туку директно ги оштетува граѓаните и животната средина. Поради оваа вонредна ситуација принудени сме да користиме багери за да го отстраниме неправилно фрлениот отпад, нешто што не е вообичаено за еден град што цели кон чистота. Општина Чаир е единствената во Скопје која, освен што не соработува, самата создава хаос во управувањето со отпадот. Упатувам апел до институциите да интервенираат“, додава во соопштението директорот на ЈП „Комунална хигиена“.