Компанијата која работи 16 години во Македонија Мицкоски ја објави како нова странска инвестиција

Компанијата „Вабтек МЗТ“ работи во Македонија уште од 2008. Поради финансиски проблеми во август ќе објави емисија на акции во вредност од 2,5 милиони евра


„Вабтек МЗТ“ работи во погоните на поранешниот „МЗТ Хепос“

 

Премиерот Христијан Мицкоски од САД преку Фејсбук објави дека американската компанија „Вабтек“ е новата странска инвестиција, која ќе вложи 35 милиони евра во земјава и со која ќе се отворат 100 работни места. Компанијата ќе инвестира во производство на сопирачки за шински возила. Мицкоски информацијата ја објави по средбата во Вашингтон со извршниот потпретседател на компанијата. 

Во оваа информација на премиерот не е јасно дали „Вабтек“ ќе отвори нов погон во Македонија или ќе го проширува стариот, затоа што американската компанија за сопирачки работи е дел од македонската економија веќе 16 години и цело време произведува сопирачки за шински возила. А моментално има финансиски предизвици поврзани со отплата на кредити.

Според информацијата на Американско-македонската комороа Ам-Чам, таа е членка на ова здужение уште од 2010 година. Фирмата во Македонија е позната  како „Вабтек МЗТ“ и се наоѓа во погоните на поранешниот Металски завод „Тито“ во Скопје.

Според информациите на Ам-Чам „Вабтек“ е водечки светски снабдувач на опрема, системи, дигитални решенија и услуги со додадена вредност за товарниот и транзитниот железнички сектор и има повеќе од 150 години искуство. Компанијата има 27.000 вработени во над 50 земји ширум светот.

„Вабтек МЗТ“ се појави во економските билтени минатиот вторник кога компанијата соопшти дека планира да го зголеми вкупниот акционерски капитал за 2,5 милиони евра преку нова емисија на акции. Специјализираната страница за економски вести од регионот SeeNews објави на 2 јули дека компанијата планира да издаде 49.000 нови обични акции по цена од 51,13 евра секоја, еднаква на нивната номинална вредност, се вели во пријавата на берзата.

„Зголемувањето на капиталот ќе ѝ помогне на компанијата да ги надмине финансиските предизвици кои произлегуваат од отплатата на долговите за кредити и да обезбеди понатамошен раст и развој“, соопшти „Вабтек МЗТ“. Акционерите на компанијата ќе гласаат за планот на состанокот закажан за 5 август.

Тековниот акционерски капитал на „Вабтек МЗТ“ од 4,1 милиони евра е поделен на 80.295 обични акции со номинална вредност од по 51,13 евра. Акциите на компанијата не се тргуваа на Македонската берза во изминатата година.

Во март 2022 година компанијата „Вабтек МЗТ“, која е дел од американската корпорација „Вабтек“ соопшти дека ја зголемила својата нето загуба на 300,9 милиони денари (4,9 милиони евра) во 2021 година, многу повеќе од загубата од 23,3 милиони денари забележани претходната година. Македонскиот „Вабтек МЗТ“ ја зголеми нето загубата во 2021 година поради повисоки трошоци.

„Вабтек МЗТ“ е основан во 1953 година како „МЗТ Хепос“. Компанијата беше купена од италијанската групација ПОЛИ во 2003 година, а во 2008 година стана единица на „Вабтек“. „Вабтек МЗТ“ ги извезува своите производи во над 50 земји во светот. (Н.В.)