Компанија основана од пријател на Путин ќе ги купи странските имоти на „Лукоил“
Компанијата соопшти дека ќе биде купена од „Гунвор“, трговец со стоки основана од шведскиот бизнисмен Торбјорн Торнквист и милијардерот Генадиј Тимченко
„Лукоил“, руската нафтена компанија која е предмет на санкции од САД, ќе ги продаде своите странски средства на меѓународниот трговец со стоки „Гунвор“. Самиот „Гунвор“ даде понуда, објави компанијата. „Клучните услови на договорот беа претходно договорени од страните. „Лукоил“, од своја страна, ја прифати понудата, согласувајќи се да не преговара со други потенцијални купувачи“, се наведува во соопштението за медиумите.
Договорот се однесува на аквизиција на 100 проценти од „Лукоил Интернешенел ГмбХ“, кој беше ставен на продажба поради санкциите. Аналитичарите ја проценуваат нивната вредност на 3-4 милијарди долари, вклучувајќи ги и попустите. Самата вредност на компанијата е околу 10 милијарди долари, но за продажбата е понуден огромен попуст. „Попустот ќе зависи од многу фактори: времето, вклучените страни, геополитиката и позициите на страните. Можеме да зборуваме за попуст до 70 отсто во непријателски јурисдикции и до 50 проценти во неутрални и пријателски“, објасни Дмитриј Касаткин, управувачки партнер во „Касаткин консалтинг“.
Прес-службата на „Лукоил“ додаде дека трансакцијата, поточно склучувањето обврзувачки договор, ќе бара одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) на американското Министерство за финансии. Може да бидат потребни и одобренија во други земји. Во овој случај, страните ќе побараат од ОФАЦ да ја продолжи тековната лиценца до завршувањето на договорот.
„Гунвор“ е основана во 1997 година од шведскиот бизнисмен Торбјорн Торнквист и милијардерот Генадиј Тимченко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин. Долго време компанијата беше најголемиот продавач на руска нафта во странство и беше еден од трите најголеми трговци со нафта во светот. По анексијата на Крим, во пресрет на воведувањето на американските санкции, Тимченко ги продаде сите свои акции. Министерството за финансии на САД тврдеше дека Путин „има инвестиции во ‘Гунвор’ и пристап до неговите средства“.
„Гунвор“ е мултинационална компанија за трговија со енергија регистрирана на Кипар, со главна трговска канцеларија во Женева, Швајцарија.
„Гунвор“ има продажни канцеларии во Сингапур, Хјустон, Стемфорд, Лондон, Калгари и Дубаи, како и мрежа на претставници низ целиот свет. Компанијата работи во трговијата, транспортот, складирањето и оптимизацијата на нафта и други енергетски производи, како и инвестиции во нафтени терминали и пристанишни објекти. Работата на компанијата се состои од обезбедување сурова нафта и нафтени производи и нивна испорака на пазарот преку цевководи и танкери.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија. Компанијата, исто така, има удели во проекти за развој на нафтени полиња во Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Ирак, Египет и ОАЕ, како и во Латинска Америка и Западна и Централна Африка. Поседува рафинерии за нафта во Бугарија, Романија и Холандија, како и мрежа на бензински пумпи во Европската унија. Во Македонија има 40 бензински пумпи.
Компанијата е во сопственост на бизнисменот Вагит Алекперов, иако тој има само 28 отсто од акциите (според податоците од 2021). Тој е на првото место на листата на руски милијардери со нето вредност од 28,7 милијарди долари.
„’Лукоил’ е готов“, изјави за „Политико“ поранешен врвен извршен директор на компанијата. Тој проценува дека без своите странски средства, „Лукоил“ ќе изгуби 30% од своите приходи. Алекперов, потомок на нафтен магнат и последен заменик-министер на советската нафтена индустрија, лично добил над 2 милијарди долари минатата година. Поради санкциите и принудната продажба, „Лукоил“ би можел да изгуби 15-17% од вкупното производство на јаглеводороди. Странските рафинерии, кои снабдуваат мрежа од 5.000 бензински пумпи, сочинуваат една четвртина од вкупниот обем на рафинирање на нафта на „Лукоил“. Губењето на странските средства би можело да има значително влијание врз финансиските перформанси на Лукоил.
На 22 октомври, САД воведоа санкции врз повеќе од 30 подружници на руските енергетски компании „Роснефт“ и „Лукоил“. САД им дадоа рок на компаниите до 21 ноември да ги прекинат своите трансакции со руските производители на нафта.