Комисиска расправа за Извештајот на ЈО за посебните истражни мерки во 2022 година


Фото: Б. Грданоски

Собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите денеска треба да расправа за  Извештајот на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија за примена на посебни истражни мерки во 2022 година.

-Од примената на посебните истражни мерки во 2022 година, забележително е дека има минимално намалување на бројот на случаи во кои биле применети вакви мерки во однос на 2021 година, но затоа во истиот период удвоен е бројот на опфатени лица, а исто така и бројот на предмети кои биле опфатени со мерките бележи благ нагорен тренд. Ова укажува на фактот дека предмет на кривичен прогон биле посложени облици на организиран криминал и криминални организации кои претставуваат
и најголема општествена опасност и токму заради нивното сузбивање се воведени овие алатки како инструмент за справување со овие штетни појави, стои во заклучоците од Извештајот.

Како најприменувани посебни истражни мерки во континуитет со минатите години се мерките од член 252 ст.1 т.1 (Следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации) и од член 252 ст.1 т.3 (Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен). Ова, стои во заклучоците, укажува дека овие мерки се покажуваат како најкорисни инструменти кои даваат резултати.

-Како и минатите години, забележително е дека посебните истражни мерки во најголем број случаи се применувале за обезбедување докази за кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и перкурсори од чл.215 од КЗ, додека за другите кривични дела определени се во помалку случаи. Во однос на 2021 година примената на посебните истражни мерки во 2022 година била поефикасна, бидејќи поголем број случаи завршиле со понатамошни постапки, отварање на истрага и подигнување на обвинение, стои во извештајот.