Комисијата за економски прашања го усвои Предлог-финансискиот план на РКЕ за 2022


Комисија за економски прашања денеска ги усвои Предлог на финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РЕКВУ) за 2022 година и Предлог на одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на РЕКВУ за 2022 година, во рамки на 10-тата седница.

За пратениците од опозицијата, финансискиот план на Регулаторна комисија за 2022 година, е неиздржан во услови на енергетска, пандемска, мигрантска и топлинска кризна состојба во државата, а регулаторите си дозволуваат највисок износ на расходни во однос на претходните години, трошоци кои ќе бидат платени од буџетот, односно со народни пари.

– Се работи за највисок износ на расходи или над 91 милион денари. Овие расходи се неоправдани и сметам дека 204 илјади евра повеќе на грбот на граѓаните се голема сума. Регулаторот си предвидел зголемени средства од 33 проценти за да може да ги подмири трошоците за електрична енергија, но кога требаше да реагира за сметките на граѓаните, тогаш не така одлучно реагираше, односно молчеше и влезе во положба на владејачката гарнитура. Регулаторот ја промаши основната функција да ги заштити потрошувачите, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Вељановски.

Според него, во државата се случува целосен колапс на енергетскиот систем и има големо зголемување на цената на струјата, парното и горивата, а од четирите кризи кои владеат во државата, за две се директно поврзани со работата на РКЕВУ, и тоа енергетската и топлинската криза.

– И во такви услови, со финансискиот план предвидува дополнителни 160 илјади евра за зголемување на плати и надоместоци, забележа Вељановски.

Пратеникот Дејанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ праша кои се тие интелектуални услуги кои секоја година се зголемуваат, а има вработени во РКЕВУ.

– Кои се овие експерти кои се плаќаат, а кои „не заштитија“ од енергетската криза, праша Ефтимов.

Претседателот на Комисијата од редовите на СДСМ Диме Велковски, во реплика до Ефтимов рече дека договори за интелектуалните услуги се потпишани со Електро-техничкиот факултет, МАНУ и Машинскиот факултет и дека таа соработка е уште кога е основано регулаторното тело.

– Ние ќе разговараме на крајот од годината колку е потрошено. Вие ги читате само едните бројки, но не и другите. Во 2021 година, регулаторното тело предвидело да потроши за електрична енергија околу милион денари, а потрошило околу 770 илјади денари. Оваа година има ставено околу милион и 400 илјади денари и по истата логика, нема да се потрошат сите предвидени средстава, туку можеби околу милион денари, рече Велковски, кој потенцира дека обично се предвидуваат повеќе средства од тие што ќе се потрошат.

Тој истакна дека Регулаторната комисија не предвидела нови ставки во финансискиот план за 2022 година и оти се работи за истите ставки, кои се предвидуваат секоја година.