Комисиите на Бугарија и Македонија започнуваат со работа за една недела
Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева и министерот за надворешни работи на Македонија,Бујар Османи, се договориле на денешната средба следната недела да започнат со работа билатералните комисии кои произлегоа од Договорот за добрососедство од 2017 година.
Ова е прва средба на ниво на министри за надворешни работи откако мешовитата историска комисија престана со работа по избивањето на корона-кризата, а Бугарија во меѓувреме постави услови да се даде зелено светло за започнување на преговори на Скопје со ЕУ,
– Оваа посета го враќа политичкиот дијалог по долга пауза. Имаше избори и Ковид -19. Да се врати духот на пријателство и добрососедство. Ние се покажавме сите овие години како добар сосед и пријател. Идните генерации нема да ни простат. Мора да се вратиме на договореното од 2017 година, рече Екатерина Захариева.
Според неа Софија ги признала современите реалности околу нашата држава, па ред е сега и Македонија да ги признае историските. Таа дополни дека патот е поврзан со многу реформи, исполнување на критериумите но и на внимавање на националната позиција на Бугарија.
– Не сакам да дозволам атмосферата во медиумите да влијае на оваа средба. Соседите преку патот на реформите мора да бидат членки на ЕУ. Имаме време, не многу, двете комисии ќе се состанат следната недела по пауза од речиси една година, додаде Захариева.
Таа како и премиерот Бојко Борисов на средбата не спомнаа можна блокада на Македонија туку инсистираа нашата држава да направи компромиси. Захариева и овојпат тврдеше дека Бугарија секогаш ја поддржувала евроинтеграцијата на Македонија.
„Знам дека секоја вест трае три дена, но ќе си дозволам да ве потсетам
дека Бугарија е земјата што првпат по 15 години за време на своето прво претседателствување со ЕУ ја постави темата на европската перспектива и
проширувањето на земјите од Западен Балкан како главна тема во ЕУ“, потсети Захариева.