Комерцијална банка со добивка од 69,1 милион евра во првите девет месеци годинава


Комерцијална банка, најуспешната банка во нашата земја во првите девет месеци од годинава оствари добивка пред оданочување од 69,1 милион евра, покажуваат финансиските резултати што пред малку беа објавени на страницата на Македонската берза. Во истиот период вкупните приходи од работењето на банката изнесуваат 104,9 милиони евра, се вели во извештајот.

Како што стои во Коментарот на неревидираниот (неконсолидиран) Биланс на успех и Биланс на состојба на Комерцијална банка, од 01.01. до 30.09.2025 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 4.250,1 милиони денари (околу 69,1 милион евра, заб.), наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 4.422,6 милиони денари (71,9 милион евра, заб,), што претставува  намалување за 3,9 отсто.

Од банката посочуваат дека планираната бруто-добивка за трите квартали од годинава е остварена со 110,0 %.

„Позитивниот резултат од работењето е остварен во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, осцилациите на светските пазари како резултат на неизвесноста од воведените тарифи од страна на САД, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата“, се вели во извештајот на банката доставен до Берзата.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 4,8 % пониска во однос на истиот период минатата година.

Според објаснувањето на банката, намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од намалените останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на наплатени претходно отпишани побарувања и помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот во однос на претходната година), a во помал обем и поради зголемените вкупни расходи од работењето кои не ги надминуваат планските проекции.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 6.453,7 милиони денари и бележат намалување од 2,6 % во однос на истиот период минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2025 година истите бележат мало зголемување од 1,1 % во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 101,7 %.

Приходите по основ на камата се зголемени за 1,7 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата и нефинансиските друштва како резултат на зголемените пласмани. Расходите по основ на камата се зголемени за 6,7 % поради зголемените орочени депозити, споредено со истиот период минатата година.

Проектираната годишна нето каматна маржа на ниво на Банката со 30.09.2025 година изнесува 3,58 %, додека на крајот од третиот квартал од минатата година истата изнесуваше 3,87 %.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2025 година изнесуваат 904,7 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат зголемување од 3,3 %, во најголем обем како резултат на зголемен обем на работење со картички. Планот за анализираниот период е остварен со 102,7 %.

Нето-приходите од курсни разлики на 30.09.2025 година изнесуваат 323,9 милиони денари и бележат зголемување од 20,9 % во однос на истиот период минатата година, како резултат на одржување на отворената девизна позиција на оптимално ниво кое овозможуваше остварување задоволителни приходи во услови на непречено исполнување на вкупните капитални барања на Банката. Планот за анализираниот период е остварен со 136,7 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2025 година изнесуваат 730,1 милиони денари и бележат намалување од 26,1 % во однос на истиот период минатата година, главно како резултат на помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања и помалку остварени приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 77,2 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01. – 30.09.2025 година изнесуваат 1.785,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 3,7 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 84,6 %.

Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 30.09.2025 година изнесува 412,9 милиони денари и бележи намалување од 13,6 % во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 478,0 милиони денари. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства главно се должи на добрата финансиска дисциплина и редовното сервисирање на обврските по кредити од страна на клиентите.

Во периодот од 01.01. до 30.09.2025 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 4,9 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Во делот посветен на Билансот на состојба на Комерцијална банка се наведува дека вкупната актива на Банката на 30.09.2025 година достигна износ од 186.736,2 милиони денари и во однос на декември 2024 година бележи зголемување од 4,5 %. Зголемувањето на вкупната актива во најголем обем се должи на зголемените парични средства и зголемените кредити на комитенти. Планот е остварен со 100,7 %.

Фото: Б. Грданоски

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 13,6 %, во најголем обем поради зголемената состојба на пласираните депозити до 7 дена во НБРСМ во споредба со декември 2024 година, како и поради зголемената состојба на орочените девизни депозити преку ноќ во странство. Планот е остварен со 106,2 %.

Средствата за тргување бележат намалување од 49,1 %, главно како резултат на повеќе продадени од купени акции, а делумно и поради усогласување на портфолиото со пазарната вредност. Планот е остварен со 142,4 %.

Финансиските средства по објективна вредност преку Билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 383,6 милиони денари, се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови кои се зголемени како резултат на пазарното вреднување на уделите на КБ Инвест балансиран и паричен.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 8,0 % како резултат на зголемената состојба на орочените депозити со рочност од 3 месеци до 1 година во валута ЕУР. Планот е исполнет со 141,0 %.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 6,4 % како резултат на зголеменото кредитирање на секторите домаќинства и нефинансиски друштва. Планот е остварен со 102,2 %.

Вложувањата во хартии од вредност се намалени за 7,8 %, главно како резултат на поголем износ на достасани од запишани континуирани државни обврзници во денари и државни записи во денари, како и повеќе достасани од запишани македонски еврообврзници. Планот е остварен со 88,9 %.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања бележат намалување од 50,1 % по основ на продажби на преземен имот и извршено редовно оштетување на дел од преземениот имот. Истите имаат незначително учество во вкупната актива.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 159.841,2 милиони денари и бележат зголемување од 3,4 % во однос на декември 2024 година, во најголем обем како резултат на зголемените депозити на домаќинства. Планот е остварен со 100,0 %. 

Обврските по кредити изнесуваат 3.124,1 милиони денари и во однос на декември 2024 година се зголемени за 114,4 % како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии.

Фото: Б. Грданоски

Во извештајниот период се повлечени средства од кредитните линии: РБСМ Транша 1, 2, 3, 4, 5 и 6 од Унгарскиот кредит наменет за компании, кредитната линија GEFF III на ЕБОР (кредитна линија за енергетска ефикасност на домаќинства), кредитната линија GFF (Green Finance Facility) на ЕБОР за финансирање проекти кои овозможуваат поттикнување инвестиции на МСП во високи технологии и услуги кои ја поддржуваат зелената економија во државата, кредитната линија на Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд – ИФАД 2 и од линијата за дигитализација, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија (ДИГ/ЕЕ/ОИЕ) преку РБСМ. Планот е остварен со 185,7 %.

И покрај значителниот пораст на обврските по кредити, истите остануваат и понатаму со минимално учество од 1,9% во вкупните обврски на Банката. Значителното надминување на планот се должи на повлекувањата за Унгарскиот кредит кои не беа вклучени во планските проекции бидејќи во периодот на изработката на истите не беа достапни релевантни податоци од надлежните институции.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2025 година достигнаа износ од 22.248,7 милиони денари и во однос на декември 2024 година бележат зголемување од 6,7 % како резултат на зголемените останати резерви по основ на прераспределба на дел од добивката за 2024 година во износ од 1.916,0 милиони денари, додека во задржана добивка за инвестициски вложувања се распределени 160 милиони денари согласно Одлуката за употреба и распоредување на нераспределената добивка за 2024 година, донесена од Собранието на акционери на 03.04.2025 година. Во рамки на оваа позиција на почетокот на септември се евидентирани откупени сопствени акции на Банката по основ на правосилно судско решение за намирување на побарувањата од стечаен должник, во износ од 13,4 милиони денари. Планот е
реализиран со 100,2 %.

Во однос на очекувањата за претстојниот период од Комерцијална банка посочуваат дека макроекономските услови во кои Банката ја остварува својата активност во текот на 2025 година се условени од домашните политички случувања и од неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент.

Иако генералните очекувања се дека движењата во рамки на домашната економија ќе имаат позитивна насока, притисоците и зголемената неизвесност во рамки на глобалната економија упатуваат на потребата од внимателен пристап во обликувањето на очекувањата за 2025 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република С Македонија, ММФ и Светската банка.

И понатаму се очекува макроекономската стабилност да се остварува преку одржување на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Во 2024 година просечната годишна инфлација достигна 3,5 %, додека за 2025 година останува неизвесно остварувањето на проектираната стапка на инфлација од 3,0 %, согласно последните оцени на Народната банка. Нагорните ризици околу инфлацијата се сѐ уште присутни и главно се поврзани со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката, се вели во извештајот.

Се очекува дека банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува кредитна поддршка, во услови на постепено забрзување на економскиот раст и стабилизирање на очекувањата.

Кредитниот раст на крајот на 2024 година достигна 11,2 %, додека, согласно последните проекции од НБРСМ, за 2025 година е проектиран на околу 9,0 %. Како резултат на стимулативните услови за штедење, растот на расположливиот доход на населението, стабилните очекувања и јакнењето на довербата, депозитите, како најзначаен извор на финансирање, на крајот од 2024 година остварија солиден годишен раст од 12,4 %, а во 2025 година се предвидува раст на депозитите од околу 7,5 %.

Од аспект на новодонесената регулатива, во следниот период се очекува истата да има значајно влијание врз профитабилноста на Банката и врз можноста за зајакнување на капиталната позиција на среден рок, во услови на очекувано натамошно зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот.

Имено, Одлуката за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица, значително ги заострува показателите кои банките треба да ги исполнуваат при одобрување кредити на физичките лица, додека Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за задолжителна резерва со која се зголемени стапките и променет е начинот на пресметка на задолжителната резерва во денари и во странска валута, ќе предизвика намалување на потенцијалот за пласирање на средствата во реалната економија, односно Банката ќе има помал капацитет за кредитна поддршка, и тоа, како директно преку ново кредитирање, така и индиректно преку вложувања во нискоризични државни хартии од вредност.

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски

Комерцијална банка посочува дека ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, натамошно усогласување со техничките барања за процесирање на плаќањата преку единствената европска платежна област – СЕПА, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со новата регулатива за заштита на потрошувачите, регулативата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл.

 

Исплатени дивиденди

Во извештајниот период Банката објави повик за учество на Годишно собрание на акционери, кое се одржа на 03.04.2025 година. Составен дел на материјалите за Собранието беа и Одлуката за употреба и распределување на нераспределената добивка до 31.12.2024 година и Одлуката за определување на износот на дивидендата и датуми на исплата на дивидендата за 2024 година.

Врз основа на наведените одлуки, Банката на 07.05.2025 година изврши исплата на дивидендата за 2024 година на акционерите иматели на обични акции кои се евидентирани во книгата на акции на 22.04.2025 година.

Од вкупно пресметаната дивиденда за 2024 година во износ од 2.848.833.750,00 денари, исплатена е дивиденда на правни лица во износ од 1.426.003.750,00 денари и на физички лица во износ од 1.422.830.000,00 денари.

Износот на дивиденда по една акција е 1.250,00 денари, односно 125,0% во однос на номиналната вредност на акцијата.