Комеморативна седница по повод Денот за сеќавање на геноцидот на Сребреница


Со едноминутно молчење денеска во собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците се одржа Комеморативна седница по повод одбележување на 11 Јули – Денот за сеќавање на геноцидот на Сребреница.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на комеморацијата истакна дека се наоѓаме пред уште една тешка одлука, пред уште една раскрсница на нашиот пат на пристапување во Европската Унија и посочи да не дозволиме на тој пат да газиме по сето тоа што е направено досега, по сите надминати тешкотии, спорни прашања и конфликтни ситуации, и да не дозволиме несогласувањата и револтот да предизвикаат лавина која ќе направи иреверзибилна штета.

– Да бидеме мудри и сплотени, да изградиме официјален став по францускиот, сега веќе европски предлог, како држава, со широк консултативен процес со сите чинители во државата, со опозицијата, граѓанскиот сектор, медиумите, експертската и севкупна јавност во земјата, и се разбира разгледување на истиот во Собранието затоа што предлогот е солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за оваа можност која се отвора за нашата земја сега и можеби никогаш повеќе за официјално отпочнување на преговарачкиот процес и одржување на првата меѓувладина конференција со Европската Унија, рече Џафери.

Апелира до сите за максимално посветување на градење на вистински релаксирани, демократски општества, со владеење на правото и почитување на човековите слободи и права, почитување на различните и обѕири кон послабите, немоќните.

– Да се посветиме искрено и максимално, затоа што ги имаме сите услови да бидеме пример за добрососедски односи, за регионална соработка и заеднички напредок, со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на секоја држава поединечно. Имаме човечка и морална одговорност да се посветиме максимално на изнаоѓање на мирни решенија по дипломатски пат, со отворен и конструктивен дијалог помеѓу страните, рече тој.

Во моментите кога во Балканските земји се градат мостовите за помирување помеѓу народите и кога даваме најдобар пример за миротворство не смееме никако да го заборавиме минатото, сосема спротивните епизоди од она што го имаме денес, епизоди кои ја потресоа совеста на целиот свет, кои ја тресат и нашата совест денес, истакна првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

– Низ многу мрачни етапи на непријателство поминаа нашите земји, се пролеа многу невина крв и конечно се разбудивме, градејќи мир меѓу себе во корист на идните генерации. Една од оние трагедии што секој Јули не потсетува на болката на бошњачкиот народ, е геноцидот во Сребреница во 1995 година. Ќе поминат многу години и векови, оваа голема трагедија која резултираше со убиство на околу 8.000 невини луѓе ќе остане засекогаш запаметена, рече Груби.