Комбинаторики за избор на градоначалник и советници во Град Скопје


Фото: Б. Грданоски

ЛДП/ДОМ освоија повеќе гласови од Бени Шаќири, Петровска повеќе од Зелен хуман град, а Шилегов има поголем коалициски потенцијал од Арсовска

Од споредбата на бројот на освоени гласови на листата на Совет на Град Скопје и за Градоначалник на Град Скопје може да се извлечат неколку интересни заклучоци.

Благодарение на нивниот носител на листа д-р Никола Пановски, листата на ЛДП/ДОМ за Совет на град Скопје има освоено повеќе гласови од нивниот кандидат за градоначалник Бени Шаќири. Имено, листата на ЛДП/ДОМ за Совет на град Скопје има освоено многу повеќе гласови од нивните општински листи во Карпош, Центар, и Аеродром, додека Бени Шаќири има освоено повеќе гласови во Чаир.

Ана Петровска има освоено околу 700 гласови повеќе од листата на Зелен Хуман Град за Совет на град Скопје и повеќе од Бени Шаќири, иако листата на ЛДП/ДОМ за Совет на град Скопје има малку повеќе гласови од листата на Зелен Хуман Град.

Исто така, Петре Шилегов има над 25 илјади повеќе гласови од на листата на советници на СДСМ, додека Данела Арсовска има над 7 илјади повеќе од листата на советници на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се должи на многу поголемата поддршка од ДУИ за Шилегов, отколку на АА/А за Арсовска.

На прв поглед, Петре Шилегов има поголем коалициски потенцијал од Арсовска, ако ги земеме предвид гласовите на коалиционите партнери на СДСМ во Владата (не само ДУИ, туку и ЛДП/ДОМ, БЕСА, ДПА). Ако Шилегов успее да добие поддршка и од Зелен Хуман Град и од помалите партии (како Бошњачки демократски сојуз), тогаш реално може да се случи победа на Шилегов над Арсовска на изборите на 31 октомври 2021 година. Доколку десничарската ВМРО-ДПМНЕ се обиде да коалицира со Левица во Град Скопје, неизвесно е дали таквата неприродна коалиција би предизвикала зголемена излезност и повеќе гласови, или пак зголемен револт кај гласачите на обете партии и помалку гласови на контото на Арсовска.