Коловозите низ земјата претежно влажни,а некои и со остатоци од снег


Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози и наместа со остатоци од кашест снег на коловозот. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат од АМСМ.

ЈП Македонија пат, информира дека сите патни правци во државата се проодни и предупредуваат дека поради ниски температури на одредни патни правци можна е појава на голомразица.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. 

Од АМСМ потсетуваат дека од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.

Инаку, од понеделник под влијание на циклонска активност и студен воздух од север ќе започнат нови врнежи претежно од снег, во делови од Повардарието од дожд, особено во западниот дел и на исток каде што во понеделник врнежите ќе бидат пообилни ќе се зголеми и ќе се прошири и снежната покривка. Снег ќе има понекаде и во пониските места.