Колку ќе чини изградбата на автопатиштата на „Бехтел и Енка“ – 1,3 или 2,6 милијарди евра?

Цената може да биде два или три пати повисoка од 1,3 милијарди евра, смета гувернерот Трајко Славески. Двајца министри со различни видувања како ова ќе влијае на долгот


Вистинската цена на проектот ќе ја знаеме за неколку години

 

Колку вкупно ќе чини изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10д, кои што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“? Дали ќе биде 1,3 милијарди евра, колку што е наведено во договорот кој го склучи тогашната влада на СДСМ и ДУИ пред нешто повеќе од две години, или пак многу повеќе, дури два или три пати над овој износ, за што свои процени јавно изнесуваат функционери и економисти кои што се дел од владејачката структура?

Ваква процена деновиве искажа и новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, во интервју за емисијата „Бизнис 21“ на ТВ 21, но слични математики имаше и уште додека се „крчкаше“ договорот, поради скриените трошоци кои што не се дел од фактурите коишто ги испорачува турско американскиот конзорциум, како што се на пример трошоците за експропријација и други активности.

Како што се наведува во најновиот извештај на ЈП за државни патишта (ЈПДП) за реализација на проектот кон „Бехтел и Енка“ до сега се исплатени вкупно 301 милиони евра, што е 23,2 отсто од вкупниот договорен износ, кои инаку според она шрто беше потпишано, треба да се исплаќа со средства од буџетот.

Сега меѓутоа, во јавноста сѐ погласно се зборува дека наместо од буџетот, парите за исплата кон „Бехтел и Енка“ ќе се обезбедуваат од гаранциите кои што ги доби македонската влада од британската Експорт банка што ќе овозможат поевтино задолжување. Како ќе се спроведе тоа, засега е нејасно, бидејќи според најавите од Владата, новото задолжување од 6 милијарди евра, врз основа на договорот со Обединетото Кралство, се за проектни заеми, а не за буџетско финансирање.

Гувернерот Трајко Славески тврди дека крајната цена ќе биде повисока за два или три пати

Ако се остварат прогнозите на новиот гувернер, дека проектот на крајот ќе биде двојно или тројно поскап, тогаш тоа значи дека изградбата на автопатските делници ќе достигне фантастични 2,6 до 3,9 милијарди евра. Исто така, Славески смета дека за финансирање на овој проект ќе се користат и дел од парите од кредитите што ќе ги земе владата врз основа на гаранциите на Обединетото Кралство, иако од Владата велат дека примарно парите се за финансирање на брза пруга.

„Јас мислам дека повеќе од тие две милијарди евра (кои се очекува да бидат повлечени годинава – н.з.), ова не ми е проверен податок, но мое очекување, е дека ќе се насочат на исплата на фактурите што ќе ги испорачува конзорциумот ‘Бехтел и Енка’“, изјави гувернерот Славески во интервјуто за ТВ 21.

Според него, за прв пат во историјата на Македонија, минатата влада влезе во една авантура да потпише договор за којшто не беа обезбедени средства за финансирање. На забелешката дека финансирањето на автопатиштата треба да е од буџетот, Славески рече дека ако на Буџетот покрај обврските коишто ги има од плати пензии, социјални давачки итн, и нешто за капитални инвестиции, му се додадат по 200, 300 или 500 милиони евра дополнителни средства, треба да најде начин од каде да се финансираат.

Тој направи и паралела со делницата Демир Капија – Смоквица, од времето кога беше министер за финансии, за која за 30-ина километри, не почнале додека не обезбедиле финансиска конструкција, односно евтино финансирање од Европска инвестициска банка, од ЕБОР и тн.

„Ова е невидено што го направи претходната влада, со проектот ‘Бехтел и Енка’ и некој мора да се снаоѓа сега во таа ситуација. Да обезведува колку толку поволни средства“, рече Славески повторувајќи дека мисли дека „добар дел барем од првичните средства кои ќе дојдат од британскиот кредит ќе бидат насочени за покривање на тоа“, додавајќи дека „тогашната влада со тогашниот премиер и вицепремиер ја стави под хипотека иднината на Македонија барем за десет години“.

„Парите кога ќе ги ставите на едно место не е битно од каде се. Мора да ги обезбедите, а потпишавме договор од 1,3 милијарди евра, но тоа е само номинална сума, сигурно ќе биде три пати повисока по моите проценки“, изјави Славески, додавајќи дека според неговите познавања на реализација на проекти, до крајната реализација на проектот цената ќе порасне два-три пати.

„Верувајте ми на тоа. Тоа е кажано и од други, експерти и политичари во Македонија и некој треба да ги обезбеди тие средства. Преземените обврски мора да се почитуваат“, рече Славески.

Сегашниве власти кога беа во опозиција силно го критикуваа договорот со „Бехтел и Енка“, но сепак, по формирањето на владата зедоа попрагматичен пристап велејќи дека раскинувањето на договорот би било поштетно одошто неговото реализирање. Иако најавуваа дека ќе го објават договорот, такво нешто не се спроведе, со образложение дека на тоа се спротивставува другата договорна страна, што го тврдеше и претходната Влада која го склучи договорот.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во повеќе наврати изјави дека раскинувањето на договорот би ја однело државата пред арбитража, каде што со оглед на големината на конзорциумот, шансите да се добие решение во наша полза се минимални или никакви, а губењето на спорот би значело плаќање пенали од половина милијарда ева.

Но, се наметнува прашањето, што доколку математиките дека автопатиштата ќе поскапат двојно или дури тројно, дали тогаш уште повеќе не се доведува во прашање исплатливоста на проектот?

Во самата Влада исто така има различни видувања како овој проект ќе влијае врз јавниот долг. Така, на пример, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред два дена одговарајќи на новинарски прашања за јавниот долг и како новите задолжувања (унгарскиот кредит и британските гаранции) ќе влијаат на висината на долгот, рече дека неа повеќе ја загрижува влијанието на проектот со „Бехтел и Енка“ и неговото влијание врз јавниот долг.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска е загрижена за влијанието на проектот со „Бехтел и Енка“ врз јавниот долг (Фото: Б. Грданоски)

„Ние имаме друг проект што треба да го завршиме, тоа е проектот со ‘Бехтел и Енка’. Сега во моментов сме фокусирани во тој дел и можам да кажам дека тоа ни создава дополнителен јавен долг кој ние не им го вкалкулиравме пред неколку години кога рековме дека нѐ задолжија. Не рековме дека долгот ни се зголеми за 1,3 милијарди, како што и сега не можеме да зборуваме дека се задолжуваме за две или за пет милијарди. Долгот го регистрираме во моментот кога повлекуваме од кредитот“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Сосема поинакво мислење има вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој во интервју за поткастот „Претрес“, изјави дека тоа нема да се одрази на јавниот долг.

„Граѓаните не треба да враќаат ништо, затоа што финансирањето решивме да оди од буџетот и таму нема задолжување“, истакна Николоски.

„Ние решивме во рамки на буџетот да најдеме средства и да го финансираме проектот“, додаде тој посочувајќи дека кога бил избран минатата година, кон „’Бехтел и Енка’ биле платени 260 милиони евра „за ништо“.

„Јас бев пред следната одлука, да отидеме на арбитража и да изгубиме најмалку уште толку, и да ми кажат големо ‘фала’ затоа што ќе заработеа половина милијарда евра без камен да стават, или да ги натерам да работат. Заедно со Коце Трајановски успеавме да ги натераме да работат и да ги сработат парите. Во моментов има отворен фронт на 68 километри, а треба да стигне до 105 или 115 километри зависно од трасата“, изјави Николоски.

Инаку, извештајот од надзорот за прогрес на работите за автопатските делници на коридорите 8 и 10д што ги гради конзорциумот „Бехтел“ и Енка“ за периодот од 1 до 30 април годинава покажува дека се завршени 95 проценти од проекциите за експропријација за автопатската делница Тетово-Гостивар, 46 проценти за Гостивар-Букојчани, а 78 проценти за делницата Прилеп-Битола.

Според Извештајот, објавен на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), за делницата Букојчани-Гостивар се реализирани 73 проценти од геотехничките истражувања, а за Прилеп-Битола 63 проценти.

Надзорот регистрира напредок од 60 проценти на работите за спецификација и проектирање на автопатот Тетово-Гостивар, од 30 проценти за Букојчани-Гостивар, а од 49 проценти за Прилеп-Битола.

Кон „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д заклучно со минатата година беа исплатени 261 милион евра, а годинава за таа намена во буџетот на Министерството за транспорт се предвидени 130 милиони евра. Планирано е да се работи комплетно на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 километри, на Гостивар–Букојчани на приближно 17 километри и на Прилеп–Битола на 25 километри.

Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра беше склучен во март 2023 година.