Колку гласови ќе му одземат на ВМРО-ДПМНЕ десничарските партии


На овие избори, за кои кампањата почнува в среда, учествуваат 15 партии и коалиции. Покрај „ветераните“ од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА…, за повеќето други учесници ова се први или втори парламентарни избори

 

За три дена почнува можеби најневообичената изборна кампања во земјава – пред парламентарните избори на 15 јули. Без митинзи и со редуцирани средби со граѓани, главно, преку видео презентации на партиските програми и обраќања преку социјалните мрежи ќе тече оваа кампања. А изборите ќе траат три дена и ќе се спроведуваат според посебни протоколи за заштита од Ковид–19.

Во такви услови, 15 политички субјекти со 87 листи, кои првично планираа да ги измерат силите на 12 април, ќе се натпреваруваат за 120 пратенички места во парламентот, од чиј распоред зависи и која партија, по изборите, ќе го добие мандатот за формирање на новата политичка влада и со кого  и врз кои принципи ќе коалицира.

Ова се први парламентарни избори за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но не и прв изборен предизвик за ова партиско раководство, за кое прв тест беа ланските претседателски избори. Претстојните избори, всушност, се прво директно соочување меѓу Мицкоски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како кандидати за премиер, иако опозицискиот водач избра да не се кандидира за пратеник.

За Заев ова се трети парламентарни избори откако е на чело на СДСМ, покрај неговиот уште подолг стаж  како носител на листа во четвртата изборна единица. Иако Заев му е главен ривал на Мицкоски, СДСМ не е единствената конкуренција на ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека уште неколку политички субјекти од десеничарска провиниенција пријавија учество на изборите. Со оглед на тоа што станува збор за помали партии, прашање е дали ќе  обезбедат пратенички места, ама многу веројатно е дека ќе одземат дел гласови од  избирачкото тело кое е понаклонето кон ВМРО-ДПМНЕ.

Од тој аспект, воочлив е независниот изборен настап на дел од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори, по расцепот низ кој мина партијата по референдумот за името во 2018 година, односно пред донесувањето на уставните амандмани. „Македонски концепт“ на Петар Богојевски, кој беше разрешен од заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, обезбеди учество на изборите преку партија која е регистрирана како социјалдемократска, односно преку СДУ, што своевремено ја формираше Лазар Еленовски.

Од друга страна, прв изборен настап има и новата партија Глас за Македонија, што ја формираше поранешната пратеничка Солза Грчева, која беше исклучена од СДСМ, а која на референдумот беше меѓу десничарските  групации што водеа кампања за бојкот на референдумот. Од тој табор што отворено се залагаше за бојкот на референдумот за Договорот од Преспа е и Единствена Македонија на Јанко Бачев, која влезе во колација со Фродем на Јове Кекеновски. Бачев и Кекеновски направија коалиција што ја нарекоа „Никогаш Северна – секогаш Македонија“.

Новоформиранатра партија Интегра на Љупчо Ристевски, која се декларира како конзервативна партија, исто така, има премиера на овие избори.

Наспроти раслојувањето низ кое помина ВМРО-ДПМНЕ за време на политичката криза со прислушувањето, а потоа и околу реферндумот за името, што се рефлектира и преку листите на овие избори, ситуацијата во левичарскиот табор се чини почиста.

Твоја партија, која беше формирана пред самиот старт на изборите, исто така, ќе има премиера на овие избори, но само во три изборни единици, каде што на листите има неколку познати имиња од правните кругови, како адвокатот Александар Тортевски, универзитетската професорка Мирјана Најчевска и пензионираниот професор Ѓорѓе Марјановиќ.

За Левица ова ќе бидат втори парламентарни избори по „премиерата“ што ја имаше партијата на во 2016 година, кога за малку не освои пратеничко место. Но по  последните парламентарни избори, оваа партија помина низ повеќе раслојувања. Од водачите на партијата во тоа време, сега само Димитар Апасиев, кој ја оспоруваше уставноста на референдумот за името, остана носител на листа во првата изборна единица.

Две партии формирани во 2018 година, исто така, ќе учествуват на овие парламентарни избори – Граѓанската демократска унија и Демократи. На списокот е и МОРО – Работничка партија, која веќе има искуство на парламентарни избори – во 2014 и во 2016 година.

Конкуренцијата во албанскиот политички блок, на овие избори, е сведена на една коалиција – на Алијансата за Албанците на Зијадин Села и на Алтернатива на Африм Гаши, кои првиот изборен тест го имаа во 2016 година, како и на некогашните главни ривали во овој кампус  ДУИ и ДПА кои настапуваат самостојно во битката за пратеници. Беса на Билал Касами, пак, како што е познато, склучи партнерство со СДСМ, односно стана дел од коалицијата „Можеме“. (Н.В.)