Која е Соња Должан, годинешна добитничка на меѓународното признание „Блаже Конески“ на Денот на МАНУ?
Соња Должан од Словенија e годинешната добитничка на меѓународното признание „Блаже Конески“ што се доделува на денот на МАНУ.
Македонската академија на науките и уметностите денеска со пригодна свеченост и во присуство на високи гости, одбележа 59 години од основањето. По тој повод беше положено цвеќе пред споменикот на Блаже Конески, по што своја пригодна реч одржа академик Живко Попов, претседател на МАНУ.

„Почитуван претседателе на МАНУ, акад. Живко Попов,
почитувани академици,
почитувани гости,
Денес ја чествуваме Соња Должан, славистка (кроатист, србист и македонист), еден од најважните неплатени македонски културни амбасадори-мисионери во Република Словенија. Иако не е дел од академската средина, Должан е извонредно проминентна на полето на научно презентирање на македонските книжевни вредности, и се разбира, на полето на преводот. Нејзиниот опус подразбира не само превод на 5 романи од македонски писатели на словенечки, туку, многу повеќе, широк спектар на научни трудови со кои таа, според мојата евиденција, промовирала и обелоденила пред словенечката културна јавност – вкупно 51 македонски писател. На тие педесетина писатели, им посветила научни трудови, критички осврти и есеи, интегрални или парцијални преводи на нивните дела, сето тоа печатено на словенечки и македонски јазик. Еве само дел од таа нејзина широко-спектрална опсесија со македонската книжевност: Григор Прличев, Митко Маџунков, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Катица Ќулавкова, Лилјана Дирјан, Светлана Христова-Јоциќ, Оливера Николова, Паскал Гилевски, Томислав Османли, Раде Силјан, Атанас Вангелов, Горан Стефановски, Иван Џепароски, Венко Андоновски, Блаже Миневски, Сашко Насев, Гоце Смилевски, Оливера Ќорвезировска, сé до најмладите – Никола Маџиров, Јулијана Величковска, Живко Гроздановски, Румена Бужаровска, Жарко Кујунџиски и други.

Зошто една личност, без загарантирана академска кариера и професорско место би се занимавала толку ин екстензо, и уште повеќе – ин интензо со македонската книжевност и со македонскиот јазик? Можеби дел од тие причини се наоѓаат во нејзината биографија:
Соња Должан е родена 1964 година во Љубљана. Основно училиште заврши во Литија, а гимназија во Љубљана. На љубљанскиот Филозофски факултет дипломира на студии по хрватски, српски и македонски јазик со книжевности и споредбена словенска лингвистика.
Веќе од ова исклучително образование, кое подразбира дури и компаративна славистичка лингвистика, станува јасно дека Должан, имајќи ги пред себе како можност и српската и хрватската култура (за кои има исто така сторено многу), сепак, предност ѝ дала на македонската книжевност. И не само на книжевноста, туку и на македонскиот јазик и педагошкиот пристап при изучувањето на нашиот јазик. Веќе кажав дека Должан е авторка е на бројни научни статии, но од исклучителна важност е што таа се јавува и коавторка на Наставниот план за македонски јазик во основните училишта во Словенија. Тоа значи – ширење на македонската лингвистичка супстанција на територијата на Република Словенија.
Нејзината љубов кон македонскиот јазик, како и оправдување на титулата „неплатен амбасадор на македонската култура“, се гледа и од податокот дека за време на студиите на Филозофскиот факултет во Љубљана, во истата институција таа две години волонтерски ги држела лекторските вежби по македонски јазик. Од 2007 до 2022 година работи како професорка по македонска книжевност во меѓународната гимназија во Марибор, а од 2008 до 2016 година и во меѓународната гимназија во Љубљана. Од 2016 работи како учителка по словенечки јазик во Скопје. Нејзините ученици се во главно млади Македонци кои сакаат да студираат во Словенија.
Таа тивка, формално неакадемска кариера на македонист, крие еруптивна креативна енергија, како што се виде од оние педесетина македонски писатели промовирани во Словенија низ научни трудови или преводи. Должан преведува литературни, научни и стручни текстови од македонски, српски, хрватски, бугарски и англиски јазик на словенечки и обратно. Дел од тие преводи се и научни дела: на пример, Божидар Видоевски, или Никос Чаусидис имаат книжевна рецепција во словенечката културна јавност токму благодарејќи ѝ на Должан. Нејзините преводи и авторски трудови се објавени во неколку зборници и книжевни списанија, од кои се издвојуваат Мугри (алманах на студенти на Филолошки факултет во Скопје), Годишен зборник на Филолошки факултет во Скопје, Синтези, електронско списание Блесок, Kolo (Хрватска), Apokalipsa, Vpogled и OtočjeO. (Словенија). Овде треба посебно да се истакнат две антологиски изданија, и тоа превод на избор од македонскиот краток расказ на хрватски којшто излезе во 2009 година под наслов Don’t you Fyrom me! во Književna revija на Matica hrvatska и превод на избор од македонски прозни, поетски и есеистички текстови на словенечки којшто излезе во 2011 година во книжевно списание OtočjeO. Првата антологија, Don’t you Fyrom me!, покажува дека Должан се трудела македонската книжевност да ја промовира и во соседна Република Хрватска, бидејќи е и кроатист. Таков случај е навистина реткост кај нашите пријатели македонисти ширум светот.
Cankarjeva založba од Љубљана до сега објави пет нејзини преводи од македонски на словенечки, и тоа романите Тромбот на Оливера Николова, Нишан на Блаже Миневски, Папокот на светот на Венко Андоновски, Сестрата на Зигмунд Фројд и Враќањето на зборовите од Гоце Смилевски. Во издавачката куќа Modrijan од Словенија во 2022 година излезе нејзиниот превод на збирка раскази Не одам никаде на Румена Бужаровска.
Во 2011 година, во издавачката куќа Силсонс од Скопје излезе нејзината стручна монографија Во таинствените длабочини на фантастиката и еротиката. Тоа е една од најинтересните монографии сврзани со феномените на еросот и фантастичното, не само во Македонија, туку и во поширок културен контекст.
Покрај промоцијата на македонската книжевност во Словенија, Должан е и промотор на најдоброто од словенечката книжевност на македонски. Матица македонска издаде неколку нејзини преводи од словенечки на македонски, и тоа романите Аламут на Владимир Бартол и Измени ме на Андреј Блатник, монографијата Мартин Крпан, дипломат и воин на Милан Јазбец и неколку поетски збирки, преведени во соработка со Викторија Блажеска: избор од словенечката современа поезија под наслов И ти светнува парче убавина, потоа – избор од поезијата на Томаж Шаламун под наслов Моите песни се како светлосни бомби, избори од поезијата на Милан Јазбец: Сјајна ѕвезда со лавовска грива, По работ на светот одам, Капка си, моја капка, Кога ова еднаш ќе мине. Минатата година во издавачката куќа Темплум излезе преводот на збирката есеи Трчање во место на познатата словенечка авторка Рената Салецл.
Должан сорабува и со неколку словенечки театри, најмногу со Slovensko mladinsko gledališče од Љубљана и Prešernovo gledališče од Крањ.
Сето тоа говори за импресивна творечка личност, со вулканска творечка енергија: Соња Должан.
Кога ќе се погледне ова импресивно преведувачко дело, кога ќе се погледнат нејзините културни акции и промоции на нашата, македонска култура во Словенија, неизбежно ќе се дојде до заклучокот: нашата Соња има сработено за македонската култура многу повеќе од платен културен амбасадор или многу повеќе од некаков платен Институт за промоција на македонската култура во странство. Може да се каже: Соња Должан, сосема волонтерски, про боно и од љубов кон македонистиката, врз себе презеде товар еднаков на едно мало прекугранично министерство за книжевност. Затоа јас обично за неа велам дека е жена-институција за нашата култура.
Конечно, неколку зборови и за сложеноста на оваа културна мисија на Должан. Ние обично за вакви појави, користиме израз „преведувач“. Со тоа не само што неправедно запоставуваме цел еден културен и културолошки осмислен (планиран) процес на трансмисија на делото до читателот (промоции, литературни читања, фестивали, разговори, книжевни проекти, гостувања по медиуми), туку, се чини, го поедноставуваме и процесот на преводот на едно дело. Индикативно е што во библиографијата на Должан се повторуваат на неколку места, научни трудови кои имаат наслови „За проблемите околу преведувањето на…“ Тоа значи дека Должан е исклучително заинтересирана за и упатена и во теоријата на преводот, една од најважните дисциплини кои се развија во дваесеттиот век. За да објаснам колку е важно да се разговара за проблемите при преводот, зашто преводот не е лингвистички, туку културолошки феномен, ќе морам да се повикам на поимот семиосфера на истакнатиот и светски познат семиотичар на книжевниот текст и на културите, Јуриј Лотман.
Семиосферата одговара просторно на она што ние доста неодредено го именуваме како „национална култура“. Семиосферите можат да бидат соседни или далечни, големи или мали. Само по себе се подразбира дека македонската култура би одговарала на малите семиосфери, а словенечката, поради постојаниот допир со европските култури – на поголемите. Соседните и јазично блиски семиосфери функционираат според законот на капиларноста: дискурзивните практики од едната семиосфера влегуваат во другата и обратно. Притоа, вообичаено е малите култури да трпат поголем капиларен притисок (влијание) од големите, иако и големите семиосфери се изложени на повратни капиларни влијанија од помалите.
Внесувањето на една мала култура во поголема семиосфера (а тоа е она што Должан го прави) претпоставува бришење на опозицијата големо/мало, и внесување на аксиологија, односно внесување на вредносни судови за малата култура, кога таа ќе се „одомаќини“ во поголемата култура. Тоа значи дека влезот на еден македонски автор во словенечката култура не е само превод од македонски на словенечки јазик! Преводот на еден роман не е само лингвистички превод на роман, туку и превод на цела една култура на јазикот на другата култура: македонските обичаи, културни и морални норми треба да најдат соодветен еквивалент во словенечката култура. Преведувајќи книжевни дела, ние преведуваме цели култури, и тоа Должан одлично го знае. И го прави. Тоа значи дека кога Должан ќе преведе еден автор, нејзиниот превод на словенечки е превод и на македонскиот јазик и на македонската култура. Тие два превода – јазичниот и културолошкиот, текстуално завршуваат со последниот збор и точката на преводот, но преводот на културите продолжува токму кога преводот на делото е завршен. Во своите белешки, поговори, во претставувањето на делото, Должан мора да му ја определи на тоа дело културната вредност и место во новата култура во кое тоа дело заживеало, па да се направи споредба на таа македонска вредност со некоја вредност од нејзината култура. Да речеме, за Сердарот на Прличев да се каже дека во македонската книжевност го има истото место кое во словенечката го има поемата Krst pri Savici на Франце Прешерн. Преводот на културите подразбира нужно внесување на една компаратистика на културите: Прличев е македонскиот Прешерн кога е преведен на словенечки, а Прешерн станува словенечки Прличев кога е преведен на македонски. Без тој втор, културолошки, аксилошки превод, не е можно едно „туѓо“ дело да заживее во културата на чиј јазик е преведено. Затоа Должан толку често известува за „проблеми при преводот“: не се во прашање проблеми со јазиците, туку со културите!
Освен тоа, треба да се има предвид дека македонската и словенечката култура не се соседни семиосфери, и дека се географски доста оддалечени. Но, и тоа не претставува некој посебен проблем за Соња Должан, зашто таа воспоставува постојан, непрекинат (што значи – капиларен) проток на семиотички потоци од македонската кон словенечката култура и, рековме – обратно, од словенечката кон македонската.
Да завршам: културите, со тоа што веќе се поделени на крупни и помали семиосфери, личат на зборовите во јазикот. Има култури кои се именки, и без нив не може да се состави ниедна реченица на светската култура. Има култури кои се придавки, кои ги сенчат големите култури со кои се допираат (придавката секогаш граничи со именката), и без нив, исто така, не може да се состави ниедна реченица на светската култура. Има крупни, џиновски семиосфери кои се глаголи, и без кои не би постоело дејство во големата културна светска реченица. Што е македонската култура во таа светска културна реченица? Нека е и само сврзник. Сврзникот, иако е „помал“ (во семантичка смисла) и од именката и од придавката и од глаголот, е пресуден за сврзување на елементите (=културите) кои ја сочинуваат таа голема светска културна реченица. Без сврзници, речениците остануваат неразбирливи. Затоа македонската култура е нужна меѓу големите култури на светот: таа е сврзник.
Соња Дoлжан тоа на време го увиде, и можеби затоа и даде на македонската книжевност предност пред другите словенски книжевности за кои е специјалист. Затоа, денес, сите ние што дојдовме овде, во МАНУ на врачувањето на медалот „Блаже Конески“ на нашата Соња, неизмерно и длабоко ѝ благодариме и ѝ се поклонуваме!
14 октомври, МАНУ, Скопје
Република Македонија