Која е девојката која падна зад Шилегов на неговата промоција за кандидат за градоначалник?


Изборните кампањи, независно дали се работи за локални или парламентарни, знаат да бидат доста напорни и да влијаат на сите оние кои се помалку или повеќе вклучени во нив.

Еден карактеристичен момент од оваа изборна кампања беше делот кога една од кандидатките (за малку) падна на бината на претставувањето на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.

Дина Спировска е кандидатка за советник од СДСМ за Советот на Град Скопје, а стана позната како жената која на момент ја изгуби свеста на бината зад Шилегов, пред да ѝ помогнат колегите-кандидати за советници. Дина е родена скопјанка, потекнува од Општина Центар и е член на СДСМ од 2009-тата година и се наоѓа на 17-тата позиција на листата за Совет на Град Скопје од СДСМ.

Се надеваме дека си подобра од вторникот, кога се случи настанот при промоцијата на Шилегов за кандидат за градоначалник на Град Скопје. Што се случи конкретно?

Многу подобра, ви благодарам. Изминатиот период беше малку напорен за мене, имав прилично многу приватни и работни обврски, па заморот си го направи своето. За жал, како по некое непишано правило, во најнесоодветен момент, организмот го вклучи црвениот аларм. По консултација со медицински лица, соодветна терапија и мал одмор сум подготвена да продолжам од таму каде што застанав.

Како се чувствуваш денес, како се справуваш со последиците од падот?

Се чувствувам одлично и подготвена да го дадам најдоброто од себе. Искрено, не ми е сеедно во поглед на коментарите од противниците кои се крајно невкусни и користат нечија здравствена состојба со намера да го оцрнат Петре Шилегов како личност, а и нашата советничка листа. Настан од таков карактер мора да биде професионален, без разлика што може да се случат и вакви непредвидливи и несакани моменти. Јас ќе бев разочарана ако непотребно го прекинеше говорот, со оглед на тоа што инстантно се погрижија за мене другите советници, а и од причина што според мене општото добро е пред личното. Дополнително, во рамки на СДСМ секогаш сме биле сите другари пред се, тука беа и колегите советници кои ми помогнаа да се симнам, а до бината ме пречекаа медицински лица кои се погрижија за мене.

Дали е ова твој прв пат како кандидат за советник во Град Скопје? На кратко, што ти сметаш дека му недостасува на градот, со што ти би придонела кон развојот на Скопје во уште помодерна и урбана метропола?

Да, ова е моја прва кандидатура и се надевам дека ќе имам можност да придонесам кон развојот на нашиот град и да стане уште поубав од што во моментов е.
На Град Скопје му недостига љубов, онаква каква што добива во изминатите четири години од моменталната градска администрација. Предлого време нашето Скопје беше уништувано и силувано.

Партиите се во полн погон, митинзите течат, кампањите се во полн ек. Какви се твоите размислувања во однос на кампањата и спотовите на вашиот политички противник, ВМРО-ДПМНЕ?

Политичките кампањи особено за локални избори треба да бидат поле за борба на идеи и проекти кои ќе носат бенефит на граѓаните. Впрочем баш од таа причина решаваат за кого ќе го дадат својот глас. Безидејноста и обидите само да се оцрни противникот не верувам дека ќе вродат плод. Не е пријатно да ги гледам оние црнила со мојот лик во нив, но, нека им служи на чест на тие што си манипулираат на овој начин со нечие здравје.

Какво е чувството да се биде дел од една голема политичка кампања? Што е она што тебе те привлече да бидеш дел од тимот на Советот на Град Скопје?

Чувството да можеш да направиш промена во средината во која што живееш и да ги движиш работите во позитивен правец е мојата главна мотивација. Како што рекол Ганди – „Биди промената која сакаш да ја видиш во светот” , но ако не можеш да го промениш светот, почни од себе и од средината во која живееш.

Како го замислуваш твоето идно делување во Советот?

Доколку ја добијам поддршката од граѓаните да ги застапувам нивните интереси и мислења, знам дека ќе дадам се од себе за да ја оправдам нивната доверба. Оние кои ме познаваат знаат дека секогаш се залагам за другите, сакам да помогнам и сакам секој скопјанец да се гордее со нашиот град.

Дали веруваш дека Скопје и скопјани ќе ја препознаат разликата и на крајот, ќе донесат исправна одлука за градоначалник и Совет на Град Скопје?

Верувам дека скопјани во изминатите четири години увидоа кој му мисли најдобро на Скопје и дека поголемиот дел од нашите сограѓани се веќе одлучни дека на 17 Октомври својот глас ќе го дадат за Петре Шилегов и советничката листа од коалицијата „Најдоброто за нашата општина“. Оние кои можеби сеуште размислуваат или се двоумат, ги поканувам да го посетат промотивниот штаб на улица Македонија каде би можеле да поразговараат со кандидатите за идните проекти, да дадат сугестија и да се запознаат со деталната програма и план за Скопје во наредните четири години.

Што мислиш за Данела Арсовска, како противкандидат на Петре Шилегов? Може ли Арсовска доследно да ги исполни сите нејзини ветувањата кон скопјани?

Сметам дека за да исполниш дадено ветување кон некого, пред сè треба да размислиш и осмислиш план како тоа ќе го изведеш и дали постојат можности за тоа. Досега видовме најавени и ветени проекти и популистички мерки кои во пракса би било невозможно да се спроведат. Граѓаните знаат да проценат што е добро, вистинско и корисно. Што би се рекло „мачкање очи“ веќе не поминува и реалната слика е сосема различна. (Б.Б.)