Кој трепна прв во спорот меѓу Софија и Скопје
Еве каде е закопано кучето во кавгите со Скопје - во неколку грешки направени меѓу јуни и октомври 2019. Овде се спомнати заедно. Вклучително и поради нив, паднаа две влади - едната во Софија, другата во Скопје
Бугарско-македонските односи ги следам од 2017 година кога требаше да се потпише Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Скопје. И тогаш бев песимист за решавање на историскиот спор. Во оваа смисла, директниот судир со ветото од ноември 2020 година не ме изненади.
Но, одлуката што ја донесе бугарскиот парламент во петокот изгледа како отворање на ќор-сокак. Тоа ми дава можност да направам преглед зошто дојде до 20-месечното вето и како ќе одиме напред.
Историјата на една „географска област“
Во декември минатата година, мојот пријател од Ресен, Васко Цветковски, обрна внимание на нешто важно: сосема различните мотиви на двете земји за склучување на Договорот во 2017. Васко виде дека тогашната Република Македонија сака да влезе во НАТО и да започне преговори за идно членство ЕУ. Додека Бугарија, тврдеше мојот пријател, сака на македонското општество да му ја открие „историската вистина“ за своето минато и „заедничката историја“ со Бугарија и Бугарите.
Уште не беше направен нацртот-договорот од 1 август 2017 година, кога бугарскиот историчар Наум Кајчев го редефинира наведениот текст за „заедничката историја на двете земји и нивните народи“ во „единствена историја“, во која се налагаше македонските историчари едноставно да ги препишат бугарските за прашањата од населувањето на Словените на Балканот до 1944 г.
Последователните други изјави, како и Рамковната позиција на Бугарија, која се појави во октомври 2019 година, само го потврдија ова. Самиот Наум Кајчев влезе во заедничката историска комисија и стана нејзин заменик-копретседател.
Вака не мислеше македонската страна која некако тивко ја замени „заедничката“ историја со „споделена“.
Работата на мешовитата комисија сè уште не беше започната, кога нејзиниот копретседател од бугарска страна Ангел Димитров објави како Гоце Делчев се борел за слободата на „географската област Македонија“. Неговата изјава беше навредлива за самиот Гоце и за неговите соборци од Внатрешната организација кон крајот на 19. и почетокот на 20. век (не случајно често ја нарекуваат „татковина“, а самото име „Македонија“ брзо се сакрализира). Да не зборуваме дека станува збор за земја која во 1992 година беше признаена од Бугарија, и тоа под името „Република Македонија“.
Коските на Гоце Делчев – изгубени во преводот
Ако сето направено не беше дел од долготрајна стратегија, погреши и македонската страна.
По плодниот состанок на Мешовитата комисија во февруари 2019 година следеа уште два – во јуни и септември 2019 година – што само го влоши конфликтот. Од бугарска страна, февруарскиот пристап беше протолкуван (можеби не без причина) како соучесништво на Северна Македонија во изнаоѓањето формулации за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и Самуил. Ова во бугарските медиуми го објави Екатерина Захариева како признание за првпат од Скопје дека имало средновековна бугарска држава.
Македонскиот пристап изгледаше како дел од паметна тактика, бидејќи само две недели подоцна се очекуваше бугарскиот парламент да го ратификува влезот на Република Северна Македонија во НАТО. Што и го направи.
Состанокот во Скопје во јуни 2019 година доведе до објавување на македонскиот предлог: да се одбележи пренесувањето на коските на Гоце Делчев од Софија во Скопје во октомври 1946 година. Но за бугарската страна ова беше одлука единствено на Бугарската комунистичка партија и Георги Димитров, а тој самиот е и персонификација на ликвидацијата на повеќепартискиот систем и демократијата во земјата, по бруталниот судир дури и со поранешните сојузници од Татковинскиот фронт и антифашистите. Заедно со ова, предлогот побуди многу бугарски асоцијации за присилната македонизација со југословенски шмек во Пиринска Македонија во периодот 1946-48 година.
Што се однесува до средбата од 12 и 13 септември 2019 година, која помина во неплодни разговори, таа беше непосредниот повод за бугарската рамковна позиција, која се појави околу еден месец подоцна, која одеше подалеку од договорот од 2017 година.
Незаобиколната рамковна позиција
Како што рековме „Рамковна позиција“. Тука како да доаѓаме до втората македонска грешка или пропуст.
Времето од 13 септември 2019 година (состанок на комисијата во Софија) до состанокот на политичките партии кај претседателот Румен Радев на 30 септември, а потоа до гласањето за Рамковната позиција на 9 октомври и Декларацијата на парламентот за нејзина поддршка на октомври 10, не требаше да го „преспие“ македонската дипломатија.
Ми се чини дека појавата на споменатиот документ требаше да биде спречена со некои гестови од страна на Скопје. Таквите едвај да беа можни и тешко дека би биле понижувачки за македонската страна на заднината на алтернативата – 20-месечното вето.
Во замена за тоа, тука некаде се формираше македонска позиција, која траеше до крајот на 2021. На прв поглед таа изгледаше издржано и оправдано.
Критериумите од Копенхаген од 1993 година за членство во ЕУ бараат демократски институции, владеење на правото, почитување на човековите права, правата на малцинствата, функционална пазарна економија итн. Таму не се зборува за никаква историја. Според вредностите на ЕУ, се поддржува културната различност, поради што „ние Македонците имаме право да кажеме кои сме и на кој јазик зборуваме“. Политичарите да не се мешаат во работата на заедничката историска комисија, туку да ја остават мирно да работи. Веќе следуваа изјави од самите историчари за тоа како други слични комисии работеле „децениски“ и како оваа комисија нема мандат да одлучува за историски личности како Гоце Делчев и да утврдува идентитети. Најпосле, имаше изјави за тоа како Гоце Делчев е македонски државотворен мит и вистината за него е над фактите.
Тоа го правеше бугарскиот услов комисијата да има решение за Гоце Делчев до октомври тешко за секаква реализација.
Копенхашки критериуми или вето?
Всушност, така стокменото и на прв поглед убедливо македонско образложение за билатералните разговори би можело да има вредност само доколку Бугарија го нема своето легитимно право на вето според правилата на ЕУ. И, исто така, дека има реални основи за очекувањата на македонските државници оти Софија може да попушти под надворешен притисок.
Меѓутоа, се покажа дека тоа воопшто не е така. И еден ден не само што имаше вето од Софија (наречено неодобрување и блокирање на преговарачката рамка за Република Северна Македонија), туку тоа продолжи околу 20 месеци, и после првото беше продолжено двапати – во јуни и декември 2021 година. Ова доведе до пад од власта во Република Северна Македонија на премиерот Зоран Заев, каков што Бугарија се чини дека уште долго време ќе бара.
И има уште нешто. Во Договорот од Преспа меѓу Скопје и Атина и во неговиот чл. 7 сè уште зборува за „историја“, „цивилизација“, „култура“, „наследство“. Односно се додава „историја“ без разлика што пишува во Копенхашките критериуми.
Дел од оваа македонска стратегија беше и континуираната неплодна работа на историската комисија, придружена со прекин на нејзините активности поради предвремените парламентарни избори во 2020 година.
Чувствувајќи ја опасноста од ново „грчко сценарио“, поранешниот шеф на македонската дипломатија, Денко Малески, даде изјави прифатливи за бугарската страна за Георги Коритаров, кои би можеле да ги отклучат процеси. Следуваше разделбата на претседателот Пендаровски од Малески, а со текот на времето тој ја загуби функцијата претседателски советник.
Вето без историја
На 9 септември 2020 година, Красимир Каракачанов го најави претстојното вето доколку нема напредок во работата на историската комисија. И покрај претстојната опасност, Скопје не ја смени тактиката. Премиерот Зоран Заев дури рече дека комисијата решила „три епохи“ и дека „цела Европа има заедничка историја“, а Никола Димитров по втор пат повтори дека за јазикот и идентитетот не се преговара.
Каракачанов во тој момент тргна со офанзивни квалификации. Тој го нарече македонското знаме „вентилатор“. Тој понуди да испрати инженерски баталјон да уништи некои споменици во Северна Македонија. Тој најави дека македонската азбука е дело на „учени-недоучени“.
Во својство на министер за надворешни работи, Екатерина Захариева со иронија зборуваше за целиот процес на „измислување“ на азбуката. Овие чудни ставови на Рамковната позиција со нејзиното разбирање за само една бугарска историја до 1944 година што е спротивно на Договорот и несериозниот однос кон македонскиот јазик дополнително ја влошија ситуацијата и ја натераа македонската политика и јавноста да бидат на штрек спрема изјавите како оние на Денко Малески.
Тогаш бугарската страна реши да обезбеди информативно вето и да ја подготви јавноста за тоа. Од тој момент, со пауза од 3-4 дена на почетокот на 2022 година, во трите утрински блока на бугарската телевизија се појавија само поддржувачи на ветото. Ангел Димитров, Наум Кајчев, Иван Илчев и Кирил Топалов ги менуваа телевизиите, а ним им се придружија и други дежурни и претплатени говорници на темата. Бугарските историчари зборуваа како политичари.
Телевизиите добија задача да ја згуснат бојата толку многу што една од нив дури и го искриви значењето на отвореното писмо на бугарските и македонските интелектуалци, претставувајќи го како писмо за поддршка на ветото. Конечно, самото вето, кое беше поставено поради немање одговор на прашањето за Гоце Делчев, беше аргументирано од сосема други причини. Или барем јавно ги посочи Екатерина Захариева на Советот за општи работи на 17 ноември 2020 година, објавувајќи дека Бугарија не ја прифаќа преговарачката рамка на Република Северна Македонија. Таа во име на Бугарија инсистираше на следново:
- да се користи терминот „официјален јазик на Северна Македонија“ во преговарачката рамка;
- да има патоказ за реализација на Договорот од 2017 година;
- да се даде изјава од македонска страна дека името на државата не значи територијални претензии кон Бугарија и претензии кон малцинство.
Во следните недели, на овие барања се додадоа нови барања, повторно неповрзани со историјата. Се разговараше за состојбата на бугарскиот бизнис во Република Северна Македонија; за недостиг на напредок на Коридорот №8; за говор на омраза. Тука некаде се појави изјава дека Бугарија има над 100.000 сонародници во РС Македонија, кои не може да ги напушти.
Но, иако Бугарија не изнесе историски аргументи, Заев знаеше дека „кучето е закопано таму“. Тој категорично зборуваше за патоказ и за „заедничка историја“. Тој дури отиде дотаму што го прифати зборот „администрирање“ на Македонија од Бугарија за време на Втората светска војна, како и реченицата „Југославија нè подели“. Заев дури го спомна присуството на Бугарите во Македонија и нивните права, бидејќи во честитките посветени на Илинден во претходните години, како и во другите официјални говори во кои се набројуваа народите во земјата, Бугари не постоеја.
Но, како и изјавите на Денко Малески претходно, а во овој случај, на позадината на викотниците во македонското општество (тројца историчари од македонскиот дел на комисијата, од кои двајца се уште таму, дури истата вечер се скараа со Заев), така и ваквите гестови и понатаму беа недоволни за Софија.
Да ја „преточиме“ историјата низ Копенхашките критериуми
Бугарија во следните месеци се посвети на изнаоѓање начини како некако да се „преточи“ Рамковната позиција низ Копенхашките критериуми. Така се роди „пакетот 5 плус 1“.
Во него се зборува за тоа како нашиот југозападен сосед мора да се погрижи неговото долго и кратко име да нема територијални претензии кон Бугарија; како Скопје треба да се откаже од потрагата по македонско малцинство во Бугарија; како треба да се применат резултатите од работата на историската комисија; како жртвите на режимот на Тито по Втората светска војна треба да се рехабилитираат и да се отворат архивите; како да се запре говорот на омраза.
Кон нив еден од советниците на Радев го додаде и внесувањето на Бугарите во македонскиот устав. Барањето не е содржано во ниту еден документ, ниту е договорено со некој бугарски парламент. Од друга страна, условот стана „главен“, „водечки“ и „клучен“. Им го кажаа на медиумите, кои ни за момент не се посомневаа во неговата валидност.
На конференцијата посветена на Гоце Делчев во Националниот палата на културата на 4 мај годинава, Радев дури го нарече целиот пакет на нов начин – „1 плус 5“. Овде, пак, за првпат се напушта јазикот, како и предлозите на бугарската Рамковна позиција, која излезе од опсегот на договорот – на пример, зборувајќи за само една бугарска историја до 1944 година.
Голем дел од сето ова сега е содржано во предлогот на Европската унија, познат како „француски“, кој помогна да се укине ветото на бугарскиот парламент.
И сега каде?
Во текот на месеците додека се чекаше пристигнувањето на францускиот предлог во бугарските медиуми се прошири хистерија, а премиерот Кирил Петков постојано беше обвинуван за „народно предавство“. На ред дојдоа бугарските историчари од комисијата не само да зборуваат како политичари, туку и да се караат со премиерот, па дури и да „подметнат рамо“ на обидите за рушење на кабинетот. Цело време имаше поплаки за „говорот на омраза“ кој доаѓаше од нашиот југозападен сосед кон Бугарија.
Тогаш еден од бугарските членови на мешовитата комисија, Иван Илчев ѝ објасни на бугарската јавност дека „немаме морков за магаре“. Се покажа дека „магарето“, секако, е земјата со која преговараме и потпишавме договор за пријателство.
Тогаш бугарскиот јавен простор и медиумско опкружување беа исполнети со изрази како „макета“, „северномакедонци“, „северномакедонски јазик“, „Македонија е Бугарија“, „македонија е бугарска“, „кога ќе искапеш Македонец станува чист Бугарин“, „коминтерновска творба“, бугарски јазик на српска машина за пишување“, „вас ве излисли Тито“, македонската историја почнува по 1944“.
Новиот предлог на ЕУ направен за време на француското претседателство може да биде основа за нов почеток. Дали чекот ќе биде полн или празен ќе зависи од взаемните напори. Сепак, едно е јасно. Билатералниот процес е неизбежен во наредните години. И тоа ќе биде поврзано со целосно редефинирање на македонскиот идентитет, како и на бугарските идеи за историјата и односите со југозападниот сосед.
(Стефан Дечев е бугарски историчар. Предаба на Југозападниот универзитет во Благоевград и на Софискиот универзитет. Текстот е објавен во бугарската редакција на Радио Слободна Европа)