Кој ја загрозува унитарноста и стабилноста на Македонија – Западот или Русија?

Ефектите на проруската пропагандна мрежа во медиумскиот простор се особено видливи по руската инвазија на Украина. Дезинформациите се користат како моќно оружје во информациската војна


Дезинформациите дека Западот ја загрозува унитарноста и стабилноста на Македонија беа најраширени за време на македонската политичка криза 2015-2017 и пред зачленувањето на Македонија во НАТО. Медиумските дезинформации не беа насочени само против Западот (ЕУ, САД и НАТО), туку и против про-западните политички сили во земјата. Како извори на вакви дезинформации се јавуваа домашни медиуми и политички партии, но и странски медиуми и политички субјекти кои ги застапуваа дезинформациските наративи на Руската федерација. Дезинформациските наративи дека Западот ја загрозува унитарноста и стабилноста на Македонија се јавуваа во повеќе форми кои накусо ќе ги проследиме во анализава.

 

1) Теориите на заговор за државен удар во соработка со „странски служби“ (тнр. случај „Пуч“)  Дезинформацискиот наратив за „пуч“ беше пласиран директно од премиерот Груевски, а веднаш беше поддржан од Русија во почетокот на 2015. Официјална Москва ја поддржа приказната на Груевски за спречен „државен удар“ од страна на лидерството на СДСМ, во соработка со „странски служби“. Во кампањата за оцрнување на Зоран Заев како „пучист“ кој добил снимени материјали од странски служби учествуваа и проруски пропагандисти и руски пропагандни канали. Тие ги обвинија претставниците на САД за „пуч во Македонија во стил на Киев“, тврдејќи дека „бомбите на Заев“ му биле дадени од ЦИА. И македонски провладини медиуми ги ширеа дезинформациските наративи за  дестабилизирање и уривање на Македонија од страна на македонската опозиција во соработка со странски разузнавачки агенции.

Дезинформацискиот наратив за „пуч“ беше отфрлен од правосудниот систем. Наместо докази за обвинителниот акт за „пуч“, беа обелоденети докази за масовно прислушување од страна на службите под контрола на Груевски и шефот на тајната служба (негов прв братучед) и обиди за прикривање на докази и уништување на опремата за прислушување. Сепак, ваквиот наратив долго време предизвикуваше поларизација, поделби и дезориентација кај граѓаните во врска со одговорните лица за масовното прислушкување во Македонија.

 

2) Теориите на заговор „украинско сценарио“, „обоена револуција“ и „македонски Мајдан“  Напоредно со дезинформацискиот наратив за „пуч“, руски и проруски пропагандисти ширеа теории на заговор „украинско сценарио“, „обоена револуција“ и „македонски Мајдан“.

Руските пропагандни канали ширеа конспирации за обоена револуција во Македонија, доведувајќи ја во врска со рускиот енергетски проект „Турски поток“ токму кога Путин ја истакнуваше опасноста за меѓународната безбедност од различни сценарија за „обоени револуции“.

Дезинформацискиот наратив за „обоена револуција“ содржеше обвинувања за насилно преземање на власта и за пеколно „украинско сценарио“. На пример, руската пропаганда се обиде да прошири дезинформација за да го дискредитира Заев, кој на масовниот протест на 17 мај 2015 година божем рекол дека ако Груевски не си замине „Македонија ќе види војна, како во Украина“. Познатиот руски тв-водител и пропагандист Киселев го најави пропагандниот прилог за опозицискиот камп како „Мајдан во Македонија“, тврдејќи дека се развива по класично „украинско сценарио“, наспроти изјава на лидерот на опозицијата Заев кој испрати експлицитни пораки против употреба на насилство. Со сеењето стравови за „украинско сценарио“ руската пропаганда ги таргетираше Западот, НАТО и ЕУ, како фактори за дестабилизација.

И клучната пропагандна порака на Груевски во 2016 беше – „Додека стојам нема да дозволам украинско сценарио во Македонија“, а истата беше медиумски зајакнувана од „патриотските“ здруженија како ГДОМ. Дури и одлуката на Иванов беше пропагандно бранета како спречување нов обид за државен удар и „украинско сценарио“ во Македонија. Тогаш руски пропагандисти ги обвинуваа Вашингтон и нему подредениот Брисел дека сакале да предизвикаат „крвава граѓанска војна во Македонија по примерот на украинското сценарио“.

Дезинформациите и конспираците за „крваво украинско сценарио“ беа демантирани не само од Договорот од Пржино, туку и од одржаните мирни избори на 11 декември 2016. Ваквите потпалувачки наративи предизвикуваа политичка поларизација и клима на политичка нетрпеливост и омраза, пред, за време и по изборите.

 

3) Теориите на заговор за „голема Албанија“ и кампањата против кантонизација и федерализација на Македонија  За време на македонската политичка криза во 2015-2017 руските и српските пропагандни канали постојано објавуваа бројни написи кои сееја страв од „Голема Албанија“ и од „албанскиот тероризам“, тврдејќи или инсинуирајќи дека зад ваквите проекти за дестабилизација на Балканот стојат САД и ЦИА.

На ваквите заплашувачки наративи се надоврза и предизборната кампања на Груевски за „спас на државата“ од федерализација и кантонизација. Заплашувачката кампања не беше само етноцентрична, туку поттикнуваше поделби, меѓуетничка нетрпеливост, омраза и недоверба кон Западот. Соочен со обвиненија за корупција, изборни измами и други криминални активности, Груевски побара спас во масовни и организирани кампањи со дезинформации, кои беа поддржани од руските пропагандисти, медиуми и политичари.

 

4) Кампањата против „Тиранската платформа“ на движењето за „единствена Македонија“  Откако Груевски не успеа да формира парламентарно мнозинство по изборите во 2016, кампањата против федерализација, кантонизација беше „проширена и надградена“ со наративот против „тиранската платформа“, а за „единствена Македонија“.

Спас од одговорноста за сторените криминали, обвинетиот Груевски побара во масовни протести кои се обидоа да го спречат демократското преземање на власта од новоформираното парламентарно мнозинство. Груевски лично ги повика своите следбеници на најгледаната телевизија да излезат и да ја одбранат државата, ширејќи дезинформации дека била нападната однадвор унитарноста на државата и дека и се заканува растурање.

Додека следбениците на Груевски масовно протестираа против „тиранската платформа“, поттикнувајќи нетрпеливост и омраза на етничка и политичка основа, дезинфо-наративите за федерализација, кантонизација, „Голема Албанија” и „украинско сценарио“ го преплавија медиумскиот простор, главно контролиран од ВМРО-ДПМНЕ. Руската пропагандна машина почна да го обвинува НАТО дека сака да види „крв на улиците во Македонија“ заради проектот на „Голема Албанија“. Спутник сееше страв за дезинтеграција на земјата и испраќаше порака дека дошло време за Македонија „да ѝ се верува на Русија, а не на Трамп“. 

На 27 април 2017 станавме сведоци како напливот од дезинформации и говор на омраза кулминираше во дотогаш невидено политичко насилство во Собранието, во кое беа загрозени животите на новиот претседател на Собранието и пратениците од парламентарното мнозинство кои гласаа за него. По насилството на 27 април од страна на провладините демонстранти подржани од Русија, Москва ја обвини опозицијата за обид за насилно преземање на власта и дека тоа било планирано однапред. Руската пропаганда ширеше дезинформации дека демонстрантите во парламентот биле невооружени и сакале да спречат државен удар и ги обвинуваше Вашингтон и Брисел за двојни стандарди.

Во пролетта 2017 власта не беше насилно преземена со никакво „украинско сценарио“. Парадоксално, токму структурите што ширеа медиумски дезинформации дека Западот ја дестабилизира Македонија се обидоа да ја дестабилизираат земјата предизвикувајќи голема внатрешна политичка поларизација и недоверба во државните институции кои ги штитат демократските западни вредности. Пет години подоцна никој веќе не зборува за „тиранска платформа“, ниту пак се обистинија теориите на заговор за федерализација, кантонизација и уривање на Македонија.

 

5) Кампањите со дезинформации за Договорот од Преспа и референдумот   Ако проруските кампањи со дезинформации во 2015-2017 втеруваа страв од  кантонизација, федерализација, поделби на земјата и нејзино разнебитување, дезинфо-наративите во 2018 создаваа перцепции дека Договорот од Преспа и референдумот водат кон „самоуништување“, „самоубиство“, „самоукинување“, „исчезнување“, „геноцид“ итн.

По Договорот од Преспа, Русија успеа да го „зајакне незадоволството“ промовирајќи насилни протести и онлајн кампањи со дезинформации за намалување на излезноста на референдумот. Систематски организираната кампања на прорускиот камп „Македонија бојкотира“ беше предводена од политичари и агитатори обучувани од руски пропагандисти блиски на Путин. Пропагандните кампањи со хаштагот #Бојкотирам создаваа поларизација на „патриоти“ и „предавници“, го радикализираа политичкиот дискурс и поттикнуваа негативни чувства и омраза кон „предавниците“. Кампањите со дезинформации и конспирации што предизвикуваа страв, недоверба, несигурност и поттикнуваа непријателство и говор на омраза, се покажаа како моќно оружје – за пасивизација на гласачите, за поткопување на референдумот како демократски процес и за зајакнување на недовербата кон ЕУ и НАТО во Македонија.

И покрај тоа што проруската пропаганда предизвика политичка и општествена поларизација за Договорот од Преспа и референдумот, сепак таа не ја оствари целта да го спречи зачленувањето на Северна Македонија во НАТО. Како делумно успешни можат да се оценат и обидите за дестабилизација преку насилни протести. Изостана и посакуваниот ефект од кампањите со дезинформации – политички пресврт на претседателските избори во 2019 и на парламентарните избори во 2020.

Меѓутоа, веќе создадената проруска пропагандна мрежа во Македонија продолжи да подрива со други кампањи, како што беа кампањите со дезинформации за пандемијата со Ковид-19 или за пописот на населението. Медиумската сфера беше контаминирана со проруски дезинформации и говор на омраза помеѓу „предавници и патриоти“ и за време на претседателските избори во 2019 и за парламентарните избори во 2020 и за локалните избори во 2021.

Ефектите на проруската пропагандна мрежа во медиумскиот простор се особено видливи по руската инвазија на Украина. Дезинформациите се користат како моќно оружје во информациската војна, а проруските кампањи со кои се дискредитираат Западот и демократските институции нѐ бомбардираат секојдневно, особено на социјалните мрежи.

(Жарко Трајаноски е дел од Институтот за медиуми и аналитика ИМА)