Кој е Слави Трифонов, вистинскиот победник на изборите во Бугарија


На бугарските граѓани едни продаваат автопати, други омраза, а лидерот на партијата Има таков народ им продава сон

 

Успехот на партијата Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов ја испомеша бугарската политичка сцена на изборите во неделата. „Независен“ минатата седмица објави портрет на овој шоумен кој стана политичар објавен во бугарскиот весник „Дневник“. Денеска го преобјавуваме овој текст по кој на многумина во македонската јавност ќе им стане појасно кој е Салви Трифонов, за што се залага и дали воопшто има идеологија:

„Едни продаваат автопати, други  омраза, а Слави Трифонов продава соништа. Тој ги освои бугарските гласачи со голем сон: Засакуваме политичар кој нè инспирира со доверба и го избираме да нѐ претставува. Утре политичарот паѓа под искушение од власта, почнува со злодела, почнува да мисли повеќе за себе отколку за нас – нè разочарува, губиме доверба и го отповикуваме.

Сепак, овој  прекрасен сон е политичка утопија, бидејќи сѐ уште не е измислен изборен механизам што го гарантира. Слави сепак му даде име – двојно мнозинство гласови. Името е поздодевно од сонот, па фановите не се фокусираа на тоа, туку го прифатија политичкиот сон што никој друг не им го понуди досега.

Бугарски Бепе Грило

Бепе Грило ги воодушеви Италијанците пред една деценија кога почна да комуницира директно со нив на плоштадите и на интернет. На плоштадите во италијанските градови, во стилот на ‘комедија дел арте’, тој од скечевите скокаше во политиката и обратно, а неговата слава растеше пропорционално со собраниот народ. Фановите се множеа и на интернет, каде Бепе Грило го имаше најпопуларниот политички блог и преку него со сарказам и хумор ја разби актуелната политичка класа. Незабележливо и полека хуморот прерасна во политика, иако алатките останаа исти – пратениците беа селектирани на интернет и таму даваа подоцна отчет на своите избирачи. Слави Трифонов отиде подалеку, тој ги спои плоштадот и медиумите во едно – неговото уникатно ТВ-шоу.

 ‘Учествувам во кампањата на начин на кој  ја разбирам затоа што веќе долго време сум во оваа област’, ја сумираше Слави Трифонов својата невообичаена политичка кампања. Тука има две пораки.

Првата порака е омилениот слоган на транзицијата: Некои ги следат правилата, други ги создаваат. Слави нема кој да го научи како да прави кампања – толку е здодевно подготвувањето за дебати што никој не ги слуша, особено откако 783.000 луѓе комуницираат со вас на Фејсбук и 11.000 од нив ви пишуваат коментари. Но, влегувањето во власта ја засени звездата на лидерот на Пет звезди, Бепе Грило. Колку ќе биде силна звездата на Слави по неговата ‘некампања’ и по изборите, кога ќе треба да избере како ќе се позиционира – со опозицијата или со власта?

Генерацијата ‘Патриоти’, која е заведена од проектот Трифонов, не припаѓа на хистеричните националисти кои ги мразат Македонија, Ромите, бегалците. За неа е својствено пеењето на патриотски песни за бугарската национална преродба, за оние што го веат бугарското знаме дури и на најмалиот планински врв, за танчерите по музика на Слави и ‘Ку Ку бендот’ за свадби и крштевки.

‘П’ е исто така и ‘протест’ генерацијата ‘Сакам да живеам во Бугарија’, тие што одбрале да останат тука, а не да заминат. Протест-генерацијата сака да биде слушната на овие избори. Но, има многу конкуренти за победа, а колку од гласачите ќе го дадат својот глас за Има таков народ, партијата на Слави, е една од најголемите загатки на овие избори.

Политика во влечки

Вие сте слободни граѓани – ќе ми поставувате прашања, јас ќе ви одговарам. Не ми требаат посредници – новинари.

Вака Слави Трифонов ја започна својата комуникациска иновација – комуникација со гласачкото тело на Фејсбук ‘во влечки’. Сцената за директна комуникација со луѓето е непосредна, дома, а кодексот за облекувањето уште повеќе. Сепак, радикалната демофилија не е (само) театар, таа е стратегија на Слави и се провлекува низ пораките, програмата, јазикот на телото и песните.

Програмата директно ја предава власта на народот – тие директно ќе ги изберат и главниот обвинител и началниците на полицијата. Цивилната контрола е сеприсутна: програмата предвидува електронски механизми за комуникација и граѓанска контрола, како и граѓанско учество во отворените податоци. Можеби звучи како повторување, но рефренот е важен за да се засили пораката, дека граѓанската контрола ќе биде клучна во здравството, е-владата и јавните набавки. Растојанието со институциите е скратено насекаде, при што Има таков народ како партијата се залага за индивидуална уставна жалба. Слоганите ‘Одлучувачкиот глас си ти’ и ‘граѓанската контрола’ се силни демократски пораки на Има таков народ. Сепак, тие се ослабени на два начина.

Првиот е радикалната демофилија – народот е сè, нема држава, институции, правила. ‘Крајно време е да владеете! Земете ги работите во свои раце и престанете да си играте. Нема таква земја, но има таков народ’. Изборната утопија – денес избирате, утре отповикувате, е надополнета со управувачка утопија – народот станува елита и владее. Сите револуции веруваат во оваа утопија, но како луѓето да станат владетели – таква историја сè уште не е измислена.

Вториот начин да се ослаби граѓанската порака е радикалниот популизам. Слави е совршен популист, влезен во политиката од љубов кон водачот и народот, љубов што не треба да биде ослабена од ништо и ништо да не може да ги оддели. ‘Немам избор’ е лајтмотив на комуникацијата на Фејсбук со гласачкото тело. Слави ја гради својата слика за човек осуден на моќ. Владата покажа, им рече тој на своите фанови, дека не ја интересираат 3,5 милиони Бугари, како ни Уставот и законите. А, бројката од 3,5 милиони Бугари е света, бидејќи останатите кандидати ретко се осмелуваат да споменуваат бројки на граѓани, додека Слави тоа го прави гордо и постојано. Тие што гласаа на неговиот референдум ги смета за негов ‘народ’, така што немал друг излез освен да основа партија што ќе ги претставува.

Лидерот на радикална демофилија не може да има ништо друго освен контрадикторен став кон моќта – и радикално ја отфрла и – и пружа рака. Оттука и каскадата од пораки што треба да ја удават контрадикторноста во привлечноста на парадоксот: ‘Моќта, парите, славата не се за оној што ги сака, туку за оној што не ги сака’ или ‘Кога не знаеш што да правиш, направи го тоа достоинствено’.

‘Каква е вашата врска со Бојко Борисов, вие бевте пријатели и се споменуваа некои проценти?’

Фановите не се некритички, поставуваат прашања и се обидуваат да разберат. Тие не слушнаа објаснувања за процентите, за пријателството со премиерот – вистина е, имало и неколку такви, но тоа е во минатото. Сега, и тоа доста сериозно, Слави Трифонов ја објави својата нова љубов – претседателот Румен Радев. Генерал, со највисок рејтинг, кој зборува како граѓаните и кој е достоинствен – според портретот направен од Слави. Граѓаните можеби се ‘одлучувачкиот глас’, но тоа не ги спречува политичарите да си прават сметки зад нивниот грб.

Во идниот расцепкан парламент нишалото за мандатот може да се пресели од ГЕРБ на Бугарската социјалистичка парија (БСП) и да стигне до третата политичка партија. И, која ќе биде таа трета партија, претседателот, според Уставот, може да избере сам. ДПС не сака да го поддржи Радев за втор мандат, а Слави Трифонов ја остава вратата отворена. Заедно со песните оди и алаш-веришот, ти на мене мандат при формирањето влада, јас тебе поддршка за претседателските избори.

Празен говор 

Некои пресметаа дека во програмата на ГЕРБ зборот ‘приоритет’ се користи дури 71 пати, украсен со ‘стратешки’, ‘клучен’ или ‘врвен’. Нешто што се повторува 71 пати не може да биде ниту приоритет, ниту клучен, уште помалку стратешки и воопшто не е врвен. Фановите на Слави се меѓу згрозените од оваа кражба на содржината на зборовите, од нафрлањето фрази без значење, од политиката без насока. Она што ги поврзува е одбивноста кон власта и убедувањето дека корупцијата, ароганцијата и неказнивоста повеќе не смеат да се толерираат. Оттаму, портретот на електоратот на Слави Трифонов станува шарен: бугарски бизнисмен сака Слави конечно да воведе е-влада; друг учесник ја сака вистината; една дама од мал град има многу специфичен предлог – штом Бугарија биде осудена, да не плаќаат сите туку вработената која е виновна. Како да се обединат сите овие различни очекувања, ставови, барања?

Слави Трифонов ја примени стратегијата на ‘празниот симбол’. Тој, сепак, не го измисли – првиот што го воведе на бугарската политичка сцена беше Симеон Саксобурготски кој, под изговор дека не зборува бугарски јазик, не зборуваше или зборуваше неразбирливо, така што преку привлечна празна форма ги обедини десничарите и левичарите, монархистите и републиканците. Слави – професионалец во зборување, избра тој и неговите луѓе да не зборуваат за време на оваа кампања. Да имаат некампања како кампања. Недостатокот на предизборен говор е реализација на стратегијата на празниот симбол – барате силен чекор напред и голема промена, но не разговарате за нив, не ги исполнувате со специфична содржина. Колку е попразна апликацијата со специфични ветувања, толку е поотворена за сите гласачи, поканувајќи ги сите да стават во неа каква што сакаат содржина.

‘Ние не гласавме со години. Сега ќе гласаме за вас. Целата наша генерација се обложи на вас’.

Ова признание на една дама од голем град ја сумира силата на проектот Слави Трифонов – неговата способност да ги инјектира пасивните во своето гласачко тело поради одбивноста кај граѓаните кон политичката класа. Прашањето е – дали Слави Трифонов ќе ги врати украденото значење и изгубената насока на политиката? Единствено сигурно е спектакуларното шоу. И, што е парадоксално, во духот на политичкото шоуменство ќе се стави крај на кампањата иако немаше кампања. Сите политичари очајно се борат за љубовта на народот оваа недела, а само Слави ќе го побара тоа со песна на ‘Има таков концерт’. Кој ќе ја освои љубовта на народот, сепак, ќе се знае в недела, кога ќе се одржат изборите“. (Дневник.бг)