Кој беше осуден за пожарот во дискотеката „Колектив“ во Букурешт? Тоа беа активни функционери

Највисока казна доби сопственикот на клубот. Беше осуден актуелниот градоначалник на општината, двајца пожарникарски функционери кои не ја провериле безбедноста, како и луѓе од компанијата за пиротехнички средства


Еден од многуте протести во Букурешт за трагичниот пожар во дискотеката „Колектив“

 

Трагедијата во Кочани овие денови не само во македонските туку и во европските медиуми се наведува како втор најголем ваков случај во Европа во последните деселетија. Првиот е познатиот случај во дискотеката „Колектив“ во Букурешт во Романија, каде исто така поради употреба на пиротехнички средства настрадаа 27 лица, а подоцна во болниците од лошо лечење починаа уште 37 души. Вкупно 64.

Несреќата во „Колектив“ се случи на 31 октомври 2015. Протестите во Букурешт избувнаа речиси веднаш и тогаш се појави оној слоган кој потоа се рашири насекаде: „Корупцијата убива“. Притисокот на јавноста беше пресилен, а владата мораше да поднесе консеквенци. Владата на премиерот Виктор Понта поднесе оставка неколку дена подоцна, на 4 ноември 2015.

Судењето за одговорните за таа трагедија почна во 2017, а конечните второстепени пресуди беа донесени во мај 2022. Значи, безмалку седум години од несреќата.

Осум лица добија казни затвор, тие беа активни функциоенри во тоа време, сопствениците на клубот и надлежните за пиротехничките средства што ги употреби рок-групата за својата свирка. Вкупните затворски пресуди изнесуваа 61 година.

Тогашниот градоначалник на општината Сектор 4, Кристијан Попеску Пиедоне, доби четири години затвор затоа што ѝ дозволил на дискотеката „Колектив“ да работи и покрај тоа што не ги обезбедила неопходните безбедносни стандарди.

Пиедоне првично беше осуден во прв степен на осум години и шест месеци затвор, но казната му беше намалена од страна на Апелацискиот суд во Букурешт. Неколку дена пред изрекувањето на пресудата, тој беше уапсен од полицијата на аеродромот во Букурешт и спречен да ја напушти земјата.

Клубот имаше тројца сопственици. Еден од нив, Алин Георге Анастасеску, беше осуден на 11 години и 8 месеци затвор, додека другите двајца косопственици, Пол Ганчеа и Костин Минку, добија по 8 години затвор. Казната за Анастасеску беше најголема во овој случај.

По 6 години и 10 месеци затвор добија двајцата техничари кои го поставија огнометот за рок-концертот од кој избувна пожарот. Нивниот менаџер доби условна казна.

Двајцата пожарникарски функционери, кои требало да проверат дали дискотеката ги исполнува сите безбедносни регулативи, беа осудени на затвор од 8 години и 8 месеци секој.

Апелацискиот суд во Букурешт не изрече само затворски казни туку и парични. Судот пресуди дека семејствата на жртвите од пожарот во „Колектив“ имаат право на вкупна отштета од околу 36 милиони евра.

Износите за компензација доделени на семејствата на жртвите се движат од 200 евра до еден милион евра.

Надоместокот заеднички ќе го платат Градското собрание на општината Сектор 4 во Букурешт, Инспекторатот за вонредни состојби, компанијата што го поседуваше „Колектив“, како и пиротехничката компанија

Судската одлука им наложи и на тројцата сопственици на „Колектив“ да платат отштета за семејствата на настраданите. (Н.В.)