Кои се најновите информации за пожарите во Лос Анџелес и што ги предизвика?


Најголемиот од четирите пожари, оној во областа Палисадес сега е проширен на повеќе од 20.000 хектари, иако пожарникарите постигнаа скромен напредок во контролата над огнот, објави Би-Би-Си.

Пожарот се движи кон исток, загрозувајќи го ексклузивниот кварт Брентвуд, дом на Гети Центарот, светски познатиот уметнички музеј кој сега е евакуиран. Студентите од блискиот Универзитет во Калифорнија, Лос Анџелес, чекаат ажурирања од официјалните лица.

Фото: CAL FIRE_Official, Public domain, via Wikimedia Commons

Потврдени се 11 смртни случаи во пожарот во областа Итон и уште пет во пожарот во областа Палисадес. Повеќе од 153.000 луѓе се под наредба за евакуација во округот Лос Анџелес, според локалните власти, од саботата. Уште 166.000 се под предупредување за евакуација. Повеќе од 12.000 објекти се срамнети од огнот. Под објекти службените лица подразбираат домови, помошни згради, бараки, мобилни домови и автомобили. Повеќе од 7.000 објекти се уништени од пожарот во Итон. Пожарот во Палисадес уништи околу 5.300 објекти, вклучувајќи најмалку 426 куќи.

Властите велат дека строго се спроведува полицискиот час што е во сила од 18:00 часот по локално време (02:00 часот по Гринич) до 06:00 часот наутро во областите погодени од пожарите во Палисадес и Итон, по извештаите за грабежи. Имаше 22 апсења – 19 во Итон и три во Палисадес. Две апсења беа за прекршување на полицискиот час и овие лица беа приведени. Останатите се приведени поради сомнение за кражба, грабеж, кражба на лични карти, поседување наркотици. Едно лице било на условна слобода и поседувало скриено огнено оружје.

Фото: CAL FIRE_Official, Public domain, via Wikimedia Commons

Околу 400 членови на Националната гарда се распоредени низ регионот и помагаат во затворањето на патиштата и критичните инфраструктурни објекти, велат официјални лица.

Пожарите би можеле да се покажат како најскапите во историјата на САД, потенцијално да направат штета помеѓу 135 и 150 милијарди долари, според прелиминарната проценка на AccuWeather. Се очекува дека осигурените загуби ќе бидат над 8 милијарди долари (6,5 милијарди фунти) поради високата вредност на оштетените имоти.

Познати личности кои ги загубија своите домови се Мел Гибсон, Лејтон Мистер и Адам Броди, кои присуствуваа на Златните глобуси пред само неколку дена, и Парис Хилтон.

Фото: CAL FIRE_Official, Public domain, via Wikimedia Commons

Каде се пожарите?

 

Според пожарникарите во Калифорнија, во поширокото подрачје беснеат четири пожари:

Палисадес: Првиот пожар што избувна во вторник и е најголем во регионот, кој може да стане најразорниот пожар во историјата на државата. Изгоре повеќе од 23.654 хектари, вклучувајќи ја и луксузната населба Пацифик Палисадес. Во саботата 11 отсто од пожарот беше под контрола.

Итон: Го погоди северниот дел на Лос Анџелес, пламнувајќи низ области како што е Алтадена. Тоа е втор најголем пожар во областа, горејќи повеќе од 14.000 хектари. Околу 15 отсто е под контрола

Херст: Се наоѓа северно од Сан Фернандо, почна да гори во вторникот вечерта и порасна на 799 хектари, а 76% е под контрола.

Кенет: Овој пожар избувна во четвртокот на границата со окрузите Лос Анџелес и Вентура. Досега зафаќа повеќе од 1.052 хектари. Властите велат дека неговиот напредок е запрен и дека е 90% контролиран, без оштетени или уништени објекти.

Претходните пожари во Арчер, Сансет, Лидија, Вудли и Оливас се локализирани.

Фото: CAL FIRE_Official, Public domain, via Wikimedia Commons

Политичкиот спор за подготвеноста на градот за справување со пожарите избувна откако се покажа дека цревата на некои противпожарни екипи се исушија. Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом повика на независна истрага за губењето на притисокот на водата во хидрантите и зошто резервоарот Санта Инез бил затворен заради одржување и празен кога избувнал пожарот.

„Губењето на залихи од противпожарните хидранти веројатно ги наруши напорите да се заштитат некои домови и коридори за евакуација“, напиша тој.

Градоначалничката Карен Бас се вратила во градот од претходно договореното патување во Гана за да го најде во пламен. Таа се соочи со интензивни прашања за подготвеноста на регионот, нејзиното лидерство во оваа криза и проблемите со водата.

Во саботата, таа ги отфрли обвинувањата за нејзиното справување со итниот случај, велејќи на прес-конференција: „Во моментов, нашата прва и најважна обврска кон Лос Анџелес е да ја поминеме оваа криза“.

Фото: CAL FIRE_Official, Public domain, via Wikimedia Commons

Пред да избувнат пожарите, началникот на пожарникарите на градот Лос Анџелес во меморандум предупреди дека буџетските кратења ја попречуваат способноста на одделот да реагира на итни случаи. Исто така во саботата, началникот на пожарникарскиот округ ЛА Ентони Мароне одделно негираше дека неговиот оддел бил неподготвен.

„Направив сè што е во моја моќ за да се осигурам дека имаме доволно персонал и ресурси пред да започне првиот пожар“, рече тој.

„Оваа катастрофа не е поради недоволна подготовка или носење одлуки. Тоа е природна катастрофа“, додаде Мароне.

Вознемиреноста од заканата од пожар беше влошена со предупредувањата што погрешно беа испратени до секој мобилен телефон во Лос Анџелес во четвртокот, велат жителите, што предизвика гнев кај дел од нив.

Околу 10 милиони луѓе живеат во округот. За време на прес-конференцијата во саботата наутро, градските власти ја обвинија грешката во софтверот, за која рекоа дека е „фрустрирачка, неприфатлива“. Тие рекоа дека го менуваат нивниот систем за предупредувања за да створат партнерство со системот за известување за итни случаи на ниво на државата Калифорнија.

Фото: Tim McCune from Santa Monica, CA, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Што ги предизвика пожарите?

 

Шерифот на округот Лос Анџелес Роберт Луна рече дека детективите продолжуваат да ги истражуваат можните причини.

„Сè е апсолутно на маса“, рече тој.

Молња – најчестиот извор на пожари во САД – е исклучен како причина за пожарите во Палисадес и Итон. Досега, нема официјални индикации дека пожарите се подметнати, или пак, дека причината се електрични инсталации – штои се следните два најголеми виновници за предизвикување пожари.

Многу влажните години на Калифорнија од 2022-23 година донесоа огромен раст на вегетацијата, која се исуши во сушата минатата година, создавајќи изобилство за разгорување. Комбинација од исклучително сушен период – во центарот на Лос Анџелес има само 0,16 инчи (0,4 см) дожд од октомври 2024 година – и моќните налети на брегот познати како ветрови на Санта Ана, исто така, создае зрели услови за шумски пожари.

Синоптичарот на Би-Би-Си, Сара Кит-Лукас, вели дека нема прогноза за дожд во областа барем за следната недела. Иако се очекуваше ветриштата малку да се намалат од петокот кон саботата, синоптичарите предупредија дека тие повторно ќе зајакнат од недела кон понеделник.

Фото: CAL FIRE_Official, Public domain, via Wikimedia Commons

Каква улога одиграа климатските промени?

 

Иако силните ветрови и недостатокот на дожд ги поттикнуваат пожарите, експертите велат дека климатските промени ги менуваат условите во позадина и ја зголемуваат веројатноста за такви пожари.

Голем дел од западните делови на Соединетите Држави, вклучително и Калифорнија, доживеаа децениска суша која заврши пред само две години, што го направи регионот ранлив.

Промените помеѓу суви и влажни периоди во последниве години создадоа огромно количество сува вегетација која беше подготвена да изгори. Истражувањето на американската влада недвосмислено покажа дека климатските промени се поврзани со поголемите и посериозни шумски пожари во западниот дел на САД.

„Климатските промени, вклучително и зголемената топлина, продолжената суша и сувата атмосфера, беа клучен двигател за зголемување на ризикот и обемот на шумските пожари во западниот дел на Соединетите држави“, велат од Националната управа за океани и атмосфера. Сезоната на пожари во јужна Калифорнија обично се протега од мај до октомври – но гувернерот претходно истакна дека пожарите станале трајно прашање. „Нема сезона на пожари“, рече тој додавајќи „ова е огнена година“. (Мета)