Кои држави имаат договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство?
Мотив за договорите е излегувањето на Велика Британија од ЕУ, што го принуди Лондон да ги регулира одново односите со државите на билатерална основа

Наспроти помпата со која беше објавен договорот за стратегиско партнерство на Македонија со Обединетото Кралство, во британските медиуми не може да се најде ни збор за него, ниту пак за шесте милијарди за кои сѐ уште не е јасно како ќе дојдат во државата и од кого.
Уште повеќе станува јасно дека договори како со нашата земја Обединето Кралство има со повеќе држави во светот, иако тоа не го намалува значењето што меѓу нив се најде и Македонија, а фокусот во нив се става на различни прашања, во зависност од интересот на Лондон што го има кон одредена држава.
Според оние податоци што може да се најдат, Обединето Кралство досега има потпишано договори за стратешко партнерство со Украина (на 100 години!), со Индија (единствен кој беше оценет како историски), со Нигерија, со Казахстан, со Бахреин, со Финска, со Норвешка, со Нов Зеланд и со Европската унија, а со многу други земји има потпишано договори само за економско и трговско партнерство. Такви договори, според министерството за трговија, Обединетото Кралство има потпишано 39 со 73 трговски партнери, бидејќи со некои тие догови се склучуваат во рамки на регионални организации.
Мотив за ваквите договори е излегувањето на Велика Британија од Европската унија, што го принуди официјален Лондон да ги регулира одново односите со државите на билатерална основа, надвор од привилегиите што ги нудеше единствениот европски пазар и силата на ЕУ како преговарач.
Од она што може да се види, сите договори се различни и во некои е ставен акцент на безбедноста, а во други на трговијата, даноците и инвестициите, додека во договорот со нашата држава фокусот е на справување со мигрантите, иако нашиот премиер главно посочуваше на економски придобивки од договореното со Кир Страмер. Она што може да се види пак од економските делови на договорот со Украина е дека Лондон очекува во идните големи проекти во земјата Обединетото Кралство да биде префериран партнер. Еве што стои во дел од стратешкиот договор на ОК со Украина:
„Новата шема за верификација на жито ќе има за цел да го следи украденото жито од окупираните региони на Украина, а ќе се воспостават или ќе се унапредат научни и технолошки партнерства во здравството, превенцијата на болести, агротехнологијата, вселената и беспилотните летала. Велика Британија, исто така, ќе биде претпочитан партнер за енергетскиот сектор на Украина, вклучително и во проекти за развој на: обновливи извори на енергија, стратегија за критични минерали и производство на желен челик“.
„Пакетот за трговија и извоз вреден 12,3 милијарди фунти вклучува користење на експертизата од приватниот сектор на Велика Британија за критична инфраструктура за вода, енергија, телекомуникации и одбрана, како и обезбедување идни инвестициски проекти во секторите за чиста енергија, фармацевтска индустрија, логистика и финансиски услуги.
Проектот за вода во Басра, меѓусебното поврзување на електричната мрежа меѓу Ирак и Саудиска Арабија, подобрувањето на ирачката национална мрежа, воведувањето на 5G и проектот за ирачка железница се меѓу проектите договорени во пакетот“, стои во договорот со Ирак.
Договорот за партнерство и соработка меѓу Казахстан и Обединетото Кралство, од друга страна, ја продлабочува соработката околу критичните минерали, зелената енергија и климата, транспортот и логистиката, фармацевтската индустрија и здравствената заштита, образованието и финансиските партнерства. Двете влади потпишале неколку билатерални документи, вклучувајќи Патоказ за соработка во земјоделството, како и меморандуми за соработка во управувањето со водните ресурси и локализацијата на биофармацевтските производи во Казахстан во партнерство со „АстраЗенека“. Во Казахстан се очекува започнување на договорно производство на првата серија оригинални лекови на „АстраЗенека“.
Најголем е договорот со Индија кој е преговаран од 2022 година и во него акцент е ставен на намалување на даноците, бидејќи Индија има меѓу највисоките даноци на увоз во светот. Врз основа на податоците од 2022 година, намалувањата на царините на британските производи во Индија ќе изнесуваат над 534 милиони долари, а тоа треба да се зголеми повеќе од двојно по 10 години. Велика Британија, исто така, се согласи да ги намали сопствените царини, кои беа релативно пониски од индиските, за некои производи. Ова ќе значи дека 99% од извозот на Индија во Велика Британија нема да се соочи со никакви царини. Договорот, исто така, ќе им помогне на британските компании да се натпреваруваат за повеќе договори за услуги во Индија.
Каков е договорот на Македонија и што содржи од информациите со кои се располага е многу рано за да се каже, но тешко дека тешките милијарди евра ќе дојдат така лесно и без привилегирани услови, ако дојдат воопшто, за британските фирми.
Инаку, Македонија веќе има потпишано Договор за партнерство, трговија и соработка со Обединетото Кралство кој стапил на сила во 2023 година и на него стои потписот на екс министерот Бујар Османи. СДСМ денес праша кој ќе ги врати парите, т.е. шестте милијарди евра што според нив ќе бидат земени како кредит од комерцијалните банки. Ако се потврди тоа, тогаш треба да се каже и какви привилегирани услови се понудени на британските фирми да се случи тоа, бидејќи Обединетото Кралство сигурно не обезбедува туку така пари низ земјите со кои има склучени стратегиски договори. (Н.В.)