Кога Мицкоски ќе се разбуди


ЕРОЛ РИЗАОВ

Да се молиме Мицкоски конечно да се разбуди и да открие кој тоа управувал со државата во изминатите 30 години и го држел под ропство сопствениот народ

 

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, имал ужасна мака која, во напад на искреност, ја сподели со јавноста. Чувствувал голема одговорност што народот во овие четири години живеел најтешко од 30–те години независност. Секоја вечер заспивал и наутро се будел со тој тежок товар на душата: како да го спаси својот народ од зулумќарите и арамиите.

Тоа навистина е тешко и болно страдање на еден голем патриот кога гледа како власта бездушно им ги краде годините на граѓаните. Си велам, добро е што човекот сепак може да спие при вакви кошмарни напади. Многу голема надеж и утеха ни испорача со ветувањето дека кога ќе се разбуди ќе продолжи да се бори да ни ги врати украдените четири години од животот. До тогаш на сите ни преостанува да се молиме Мицкоски конечно да се разбуди и да открие кој тоа управувал со државата во изминатите 30 години и го држел под ропство сопствениот народ. Откако тоа ќе го дознае, како многу учен човек, сигурно  ќе открие дека со промените на власта во Македонија не престануваат страдањата на граѓаните, ако не на сите, сигурно не на мнозинството.

Кога човек си легнува и се буди со една мисла како да ја урне власта за тој да дојде на власт за да си го спаси народот неопходна е и лекарска помош. Но, за голема среќа Мицкоски е со добро здравје бидејќи е лесно препознатливо и одамна видено и чуено дека  ваквите настапи се само популистичка претстава и предизборна кампања. Но Мицкоски го знае и тоа  дека во демократијата двајца будали повеќе вредат од еден паметен. Затоа Мицкоски си спие ѓоа бебенце и си сонува убави соништа.

Што се однесува до украдените четири години од граѓаните тука професорот од математика поминал на домашен есап кој тешко излегува кога ќе се оди на пазар, па макар тоа било и партиска предизборна кампања. Ако не ги сметаме првите неполни две години од експертската влада на премиерот Никола Ќлусев ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите коалициски партнери со државата управуваа безмалку подеднакво. ВМРО-ДПМНЕ 15 години, а СДСМ 13 години, ако пак експертската влада двете политички партии ја поделат рамноправо тогаш се 16 према 14 години на големи достигнувања и страдања во зависност од тоа дали си легнувате како лидер на власта или се будите како лидер на опозицијата. Вака како што легнува и се буди Мицкоски произлегува кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт тоа се најубавите години и најголемите достигнувања, а штом дојде СДСМ настапува мракобесие.

Фактите зборуваат нешто сосема друго. За време на „украдените“ четири последни години за првпат во 30-годишната историја на независна држава почнаа да се остваруваат стратегиските интереси на Македонија. Членството во НАТО и исполнетите услови за почеток на преговорите со ЕУ се најголемите достигнувања во изминатите три децении. Демократските процеси по падот на режимот на Никола Груевски повторно се деблокирани иако сѐ уште се далеку од она што треба да биде во една европска држава.

Она што останува рак рана на македонското општество и што е најголемата пречка државата да ја оправда независноста и што ја јаде општествената супстанца и натаму е организираниот криминал и високата корупција, клиентелизмот и непотизмот. Квалитетот на живеење на граѓаните и натаму е далеку под европскиот просек. Владеењето на правото и покрај зачестените пресуди во изминатите три години е на ниво кога криминалот е сѐ уште исплатлив ризик бидејќи покрај пресудите конфискацијата на имотите стекнати незаконски остануваат негибнати. Недовербата во судството не е само поради високиот криминал и тешката корупција, туку и поради илјадниците судски предмети за кои се водат долгогодишни судски постапки, така што задоцнетата правда станува голема неправда. Со оваа неправда се чини дека нема граѓанин кој не се соочил.

Затоа најдобро би било лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и премиерот на владата Зоран Заев да легнуваат и да се будат не со тоа како да дојдат на власт, или како да ја сочуваат власта, туку со визија како заеднички да ги впрегнат силите во остварување на националните и стратегиски државни интереси. Има уште многу работа за сите. Властите ќе доаѓаат и ќе си одат, оценките за нивната работа обично доаѓаат многу подоцна.