„Кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици“ – Арсовска изјави дека така ѝ се заканувал Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ побара од градоначалничката на Скопје доставела лекарски доказ дека е психички здрава и најавија дека ќе биде побарано за искажаното да го докаже на суд


Данела Арсовска за време на интервјуто на Канал 5

 

Вечерва дополнително се заостри вербалната војна меѓу градоначалничката на Скопје и партијата што ја поддржа на локалните избори – ВМРО-ДПМНЕ. Данела Арсовска во интервју на Канал 5 кажуваше со какви зборови ѝ се заканувал Христијан Мицкоски, а од партијата веднаш одговорија дека биле загрижени за психофизичката состојба на градоначалничката.

Оставајќи го речиси без зборови уредникот Гоце Михајлоски за време на емисијата „Само интервју“, Арсовска ги објасни наводните закани кои ги добивала од Мицкоски:

„Јас сум имала закани од Христијан Мицкоски. И тоа конкретно, лично и директно. Со зборовите ‘Доколку не го направиш ова ќе ти се случи тоа и тоа. Во првиот момент кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици, ќе го бришеме подот со тебе’. Верувам дека не жена, туку ниеден човек не треба да биде ставен под таков притисок“.

Потоа таа додаде дека на човек кој дава вакви закани не треба да му се дозволи да биде на функција да владее:

„На оној којшто ги искажува овие закани не треба да му се дозволи во ниту еден момент да биде на функција од која може да ги исполни сите овие закани. Не треба да им се дозволи на лица коишто на овој начин претендираат да дојдат и да владеат за да го направат тоа. Едноставно, не заслужуваат“, рече таа.

ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение оцени дека Арсовска имала „срамно интервју на Канал 5“ во кое изрекла „огромно количество лаги“ и побара таа да доставела лекарски доказ дека е психички здрава и најавија дека ќе биде побарано искажаното да го докаже на суд.

„Крајно сме загрижени за психофизичката состојба во која се наоѓа градоначалничката Арсовска. Сметаме дека постојат основани сомнежи, кои се манифестираат во континуитет неколку месеци наназад, за здравствената способност таа да ги извршува надлежностите што ѝ се доверени.

Арсовска има должност, со оглед на тешките последици врз скопјани што се предизвикани од нејзината деструктивност и компулсивност, да ѝ достави на јавноста релевантен лекарски доказ од кој ќе се увиди дека таа е навистина психички здрава личност.

Имајќи ја предвид тежината на обвинувањата што ги искажа во интервјуто приморани сме да побараме тоа да го докаже во редовна постапка пред македонските судови“, стои во соопштението.

Во интервјуто Арсовска нагласи дека досега повеќепати јавно кажала дека добива закани, но дека засега никој од институциите не презел конкретни мерки околу тоа прашање.

„Не знам што повеќе треба да се случи за кој било да преземе нешто во оваа држава. Сакаме да зборуваме за систем, за борба против криминал, против корупција, против влијанија, а што е ова ако не е влијание, ако не е притисок“, рече таа.

Арсовска уште еднаш потврди дека нема намера да поднесе оставка и покрај сите притисоци што ги има од септември наваму откако нејзината соработка со ВМРО-ДПМНЕ драматично се скрши со тврдењата за „рачињата во медот“ околу изградбата на пречистителната станица во Скопје. (Н.В.)