Коефициентот ги определува платите на функционерите. Кај кого е највисок?

Најголемиот предвиден коефициент (до 4,5) се однесува на платите претседателот на државата, на Собранието и на Владата. Но во практика не се применува тој коефициент


 

Претседателот Стево Пендаровски има плата од 93 илјади денари со пресметан работен стаж од 32 години. Премиерот Димитар Ковачевски прима 88 илјади денари, исто така заедно со стажот. Тогаш, колкави ќе бидат нивните плати по одлуката на Уставниот суд, а ко за нив се определат највисокиот коефициент – 4,5, кој сега изгледа не се применува.

Одлуката на Уставен суд со која како основа за пресметување на нивните примања ќе се користи просечната плата, наместо како до сега фиксен износ кој што беше определуван од Собранието предизвика огромни реакции во јавноста. Причината е јасна – станува збор за значајна разлика – бидејќи наместо досегашниот износ од 26.755 денари кој што се користеше како основица, сега таа ќе се зголеми на речиси 32 илјади денари, колку што минатата година беше просечната плата, и оваа сума ќе треба да се помножи со коефициенти од 2,2 до 4,5, како и да се додадат бројот на годините на стаж.

Но, кои работни места, односно избрани и именувани лица во државата имаат најмал, а кој најголем коефициент? Еве што предвидува Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица:

Очекувано, најголемиот коефициент (до 4,5) се однесува на платите на функциите претседател на државата, на Собранието и на Владата, што значи дека доколку се почитува одлуката на Уставниот суд, или пак, ако сегашните коефициенти останат во примена тогаш само по оваа основа разликата би била околу 23 илјади денари. Сепак, треба да се земе предвид дека платите на овие функционери не се толкави.

Претседателот на државата Стево Пендаровски лани пред крајот на годината на ТВ 24 рече дека неговата плата е 93.000 денари со 32 години стаж. Во јавно публикувана информација беше соопштено и дека премиерот Димитар Ковачевски има плата од 88.260 денари, додека платите на вицепремиерите и на министрите се околу 70 илјади денари. Тоа значи дека коефициентот за нивните плати е околу 3,5 и на таа сума треба да се ддодат и приходите од работниот стаж

Доколку се земе просечната плата како основа и коефициентот биде 4,5 тогаш по оваа основа би нивните основни плати без работен стаж би требало да изнесуваат 143 илјади денари.

Законот исто така предвидува дека платите на претседателот на државата, на функционерите избрани од редот на пратениците, на функционерите кои ги избира или кои ги именува Собранието и носители на правосудни функции и на раководните работници кои ги назначува надлежното тело на Собранието ги утврдува Собранието или телото што ќе го овласти.

Платата на функционерите и на раководните работници кои ги именува, односно кои ги назначува претседателот на државата или телото што тој ќе го овласти ги утврдува претседателот или телото што тој ќе го овласти.

Владата ги утврдува личните доходи на функционерите и на раководните работници кои ги именува или назначува.

Покрај коефициентот, врз износот на платата влијае и работното искуство, кое се вреднува така што платата во месечен износ се зголемува процентот утврден за работното искуство од 0,5 отсто за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20 отсто.

Малку помал коефициент од оној за платите на највисоките функционери во државата, имаат примањата на претседателот на Уставниот суд, потпретседател на Собранието и потпретседател на Владата, и тој за нив според одредбите изнесува 4.

Зад нив, со коефициент до 3,70 се платите на членовите на Владата, претседател на работно тело на Собранието, претседател на Врховниот суд, јавен обвинител, судија на Уставниот суд, гувернер на Народната банка, јавен правобранител, народниот правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата.

Платите на заменик министер, директор на републичка организација, раководител на Кабинетот на претседателот на државата, советник на претседателот на државата, секретар на Кабинетот на претседателот на државата, потоа на републички советник во Собранието, заменик на гувернерот на Народната банка, заменик на секретарот на Собранието, судија на Врховниот суд, заменик на јавниот обвинител, заменик на јавниот правобранител, заменик на народниот правобранител, претседател на апелационен суд и виш јавен обвинител, се добиваат која основицата ќе се помножи со коефициент до 3,40.

Коефициентот за утврдување на платата на раководен работник кој го именува Собранието или кој го назначува надлежното тело на Собранието, на судија на апелационен суд и заменик на вишиот јавен обвинител, претседател на основен суд и основен јавен обвинител изнесува до 3,20 , а на судија на основен суд и на заменик на основниот јавен обвинител, изнесува до 2,80.

Нешто поразличен е пристапот за утврдување на платите на градоначалниците, бидејќи таму коефициентите се од 2,70 до 3,70 и тие се определуваат според бројот на жители во општината.

Така, за градоначалник на општина до 10.000 жители, коефициент е 2,70; за градоначалник на општина од 10.001 до 25.000 жители коефициент е 2,90; за градоначалник на општина од 25.001 до 50.000 жители, коефициент е 3,20 и градоначалник на општина со над 50.000 жители коефициент 3,40.

Коефициентот за утврдување на платата на градоначалникот на град Скопје изнесува 3,70. Градоначалниците кои функцијата ја вршат волонтерски, имаат право на надоместок на плата во висина од 30 отсто од соодветниот износ кој би го добивале доколку би биле во редовен работен однос на оваа функција.

Ставот на претседателот Пендаровски е дека во време на криза е невкусно да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет. Тој ја повика Владата да интервенира во Законот и да ги намали коефициентите.

Некои од засегнатите функционери рекоа дека разликата ќе ја донираат во хуманитарни цели.

Прв тоа вчера го објави градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, а денеска му се придружи и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски. ВМРО-ДПМНЕ, пак, има ист став како претседателот Пендаровски – дека треба да се намалат коефициентите.

Инаку, според информацијата која лани ја објави Владата, а која што се однесуваше на висината на платите, стоеше и дека во 2023 година, во најголем дел од министерствата ќе се зголеми просечната бруто-плата на вработен. Просечната бруто-плата во Владата ќе се зголеми за 5.350 денари и ќе изнесува 64.200 денари, а за 6.600 денари се намалува просекот во Собранието и во 2023 просекот ќе изнесува 66.900 денари.