Премиерот и министрите догодина со поголеми плати


 

Македонскиот премиер и министрите се меѓу функционерите во регионот и во Европа кои имаат најниски плати. Приближно колку македонските министри се платени носителите на јавни функции во соседна Србија, a сите останати во Европа имаат повисоки плати. Во соседството, повисоки плати имаат и премиерите и министрите на Грција, Албанија и на Бугарија, додека платите во Владата на Србија се приближно колку и македонските.

Информацијата за платите на македонските министри и на премиерот беше обелоденета откако деновиве беше најавено дека Владата и министерствата, како и државните агенции, следната година ќе земаат поголема плата.

Според последните објавени податоци, кои ги пренесоа дел од медиумите, премиерот Димитар Ковачевски има плата од 88 260 денари или без малку 1 500 евра, додека платите на вицепремиерите и на министрите се околу 70 илјади денари или речиси 1 200 евра. Тоа е речиси двојно помалку од она што како плата го добиваат нивните косовски колеги. Во Косово, платата на премиерот изнесува 2 950 евра, на вицепремиерите е околу 2 500 евра, додека министрите имаат плати од по 2 000 евра.

Ако овие плати на македонските министри се споредат со владите од земјите во ЕУ, разликата е уште подрастична. Така, на пример, платата на канцеларот во Австрија изнесува 22 640 евра, додека на министрите таа е нешто над 18 000 евра, односно дури за над десет пати поголеми од примањата на македонските министри.

Според најавите, во 2023 година, во најголем дел од министерствата ќе се зголеми просечната бруто-плата на вработен. Просечната бруто-плата во Владата ќе се зголеми за 5 350 денари и догодина ќе изнесува 64 200 денари, а за 6 600 денари се намалува просекот во Собранието и во 2023 просекот ќе изнесува 66 900 денари.

Во Министерството за образование, каде што просечните бруто-плати се повисоки во однос на дел од другите ресори, за догодина е планиран раст за 13 500 денари, при што просекот ќе достигне 58 822 денари. Позначаен раст од речиси 15 000 денари ќе има и во Министерството за финансии, анализира „Порталб“, со што во 2023 година просечната бруто-плата таму ќе достигне до 60 685 денари. Раст од 4 000 денари е пресметан и за Министерството за внатрешни работи, каде што догодина просечната бруто-плата ќе изнесува 62 112 денари. За 7 100 денари има зголемување во Министерството за одбрана. со што просекот ќе изнесува 55 068 денари.

Кај еден од ресорите со повисоки плати, Министерството за надворешни работи, просекот на бруто-платата ќе се зголеми за 5 350 денари и догодина ќе изнесува 122 243 денари.

Раст на просечната бруто-плата има и во Министерството за здравство, каде што ќе достигне 49 752 денари, повеќе за 2 200 денари во однос на годинава, за 2 500 се зголемува и просечната бруто-плата во Министерството за култура, со што ќе достигне 49 509 денари и во Министерството за земјоделство, каде што ќе изнесува 43 358 денари. За околу 4 000 денари ќе се зголеми просекот во Министерството за информатичко општество и ќе достигне 41 910 денари, за околу 600 денари ќе има зголемување во Министерството за труд и социјална политика, каде што просекот ќе биде 41 216 денари, за 700 денари има раст на просечната бруто-плата во Министерството за животна средина, каде што догодина ќе достигне 47 319 денари.

Зголемување на пресекот има во следниве институции: Агенција за вработување со просечна бруто-плата од 38 474 денари, за 6 500 денари се зголемува и просекот во Државниот завод за статистика и ќе достигне ниво од 50 902 денари, за 3 500 денари ќе се зголеми бруто-платата во Агенцијата за млади и спорт и ќе достигне 46 099 денари, раст за 4 400 денари има и во Агенцијата за храна и ветеринарство, каде што просечната бруто-плата ќе изнесува 49 550 денари. За 7 600 денари се зголемува просечната бруто-плата во Дирекцијата за слободни економски зони (ТИРЗ) и догодина ќе изнесува 48 900 денари.