Кочоска лично учествувала во акцијата во Струмица иако не е надлежна


Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, преку пост на својот Фејсбук профил им се заблагодарува на сите што учествуваа во вчерашната акција во Струмица и во други градови во земјава за откривање  финансискиот криминал  и додава дека со акцијата покажале дека сплотениот тим е посилен од сѐ.Притоа таа соопштува дека  лично учествувала во претресите во Струмица, нешто невидено досега од министер за финансии и надвор од описот на нејзината работа.

„Сакам да искажам огромна благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, а особено до колегите од Струмица и другите градови кои денес заедно со мене цел ден неуморно работеа во спроведување на акцијата во Струмица. Дел од нив директно со мене во Струмица, а дел и низ други градови на Македонија. Исто така, огромна благодарност до Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Царинската управа кои беа огромна поддршка на колегите од УЈП. Денес покажавме дека сплотениот тим е посилен од сѐ“, порача Димитриеска Кочоска на својот Фејсбук профил.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера оформи предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ на група субјекти. Предметот е оформен по доставено известување од страна на Министерството за внатрешни работи за сознанија до кои дошла Управата за јавни приходи.

„Заради докажување на основите на сомневање за сторување на наведените кривични дела, на барање на предметниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје издаде наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови“, посочија вчера од Обвинителството. Предмет на истрагата е колапсот на Еуростандард банка и фирмите, пред сѐ од Струмица, кои придонеле за него, а кои според провладините медиуми се сопственост на луѓе блиски до Заеви.