Кочанчанецот кој изврши обид за убиство и побегна уапсен на Табановце


Кочачанецот кој вчера изврши обид за убиство и побегна од местото на настанот бил лишен од слобода на граничниот премин „Табановце“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

– На 14.09.2024 во 06.30 часот на Граничен премин Табановце М.Н. бил лишен од слобода од страна на полициски службеници, постапувајќи по претходна пријава од В.А. (38) од Кочани, дека на паркинг во Кочани на 13.09.2024, додека седеле во автомобилот на В.А. заради купопродажба на мобилен телефон, М.Н. извадил нож и со него го нападнал пријавителот, стои во соопштението од МВР.

Веднаш по добиената пријава, како што дополнуваат, се преземени соодветни мерки и активности и случајот е расчистен, поднесена е кривична пријава, а М.Н. е изведен пред судија на претходна постапка и му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти МВР. 

Од обвинителството во Кочани, претходно соопштија дека за 24-годишник постои основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство во обид“

Како што соопшти ОЈО, на 13 септември, во вечерните часови, осомничениот се договорил со оштетениот да се најдат на паркинг простор кај Споменикот на слободата во Кочани заради купопродажба на мобилен телефон.

Кога се сретнале на наведеното место, осомничениот влегол во возилото на оштетениот, седнал на совозачкото место и започнал да разговара со него и да го разгледува мобилниот телефон.

По кратко време, од џебот извадил нож и му задал удар во витален дел од телото во пределот на главата и вратот  под брадата, нанесувајќи му отворена рана од околу 2-3 см. Ножот се скршил, а осомничениот продолжил со дршката уште неколку пати да го удира оштетениот. Нападнатиот му ја фатил раката и го спречил, по што осомничениот се извлекол од возилото и со трчање побегнал од местото на настанот.