Коалицијата за зелена иднина предупредува дека има нова хаварија во рудникот „Тораница“

Коалицијата за зелена иднина реагира со најостра осуда на повторното заматување на Крива Река и на сомнежите за нова хаварија во рудникот „Тораница“. Доколку се потврдат информациите за истекување на јаловина и/или други токсични супстанци, тогаш ќе имаме пред себе еколошка катастрофа која очигледно ќе остане неказнета само затоа што институциите избрале молк како „одговор“. Централната и локалната власт покажуваат системска неспособност и отсуство на политичка волја кога станува збор за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
Ова не е изолирана криза — ова е модел на функционирање. Додека Скопје и многу други градови ширум државата се дават во труежот од дивите депонии и додека граѓаните дишат канцерогени честички, истите институции се инертни пред јасни знаци на еколошка деградација во Крива Паланка. Таквото однесување е доказ дека власта не знае а и ниту сака да владее според словото на правото, ниту да ги преземе мерките за превенција и одговор. Тоа е политичка одлука за самоуништување на јавниот интерес.
Коалицијата за зелена иднина бара итни и функционални мерки: мораториум на сите активности на рудникот „Тораница“, земање примероци и независно, транспарентно лабораториско тестирање под надзор на меѓународни експерти; јавно објавување на резултатите; и стручна проценка на ризиците за здравјето на населението. Паралелно, бараме да се отвори брза и јавна истрага од страна на Јавното обвинителство за минатите и сегашните инциденти, со цел одговорните да се доведат пред законот.
Ние, како коалиција составена од граѓански активисти, професионалци и политички чинители кои не прифаќаат клиентелистички практики, нема да молчиме додека природата и луѓето се третираат како ресурс за краткорочна добивка. Јавниот интерес и здравјето на заедницата се над секоја партиска калкулација. Ги повикуваме сите граѓани да присуствуваат на јавните расправи и да не дозволат случаите на еколошка опасност да бидат скриени зад бирократските оправдувања и празните ветувања.
Коалицијата за зелена иднина е реална алтернатива на системот што го фаворизира профитот пред живот. На претстојните локални избори кажете „не“ на неказнивоста и „да“ за зелена, одговорна и транспарентна локална власт која ќе ги штити реките, воздухот и иднината на нашите деца. Заокружете го бројот 8 — за општини кои делуваат и не се кријат.