Коалицијата „Сите за правично судење“ со свои забелешки за неправилностите во случајот „Рекет“


Фото: Б. Грданоски

Коалицијата „Сите за правично судење, денеска, еден ден по изрекувањето на пресудите за обвинетите Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева, објави студија од своето набљудување на процесот, во која изнесува низа неправилности.

Коалицијата ја спори квалификацијата на делото, нееднаквиот пристап на одраната и на обвинтелството до доказите, за вештачењето на телефонот на Боки 13 и друго.

Во студијата се вели: „Нејасно е зошто купувањето на материјални добра со илегално стекнати пари е класифицирано како кривично дело од чл. 273 став 1 од КЗ, бидејќи таквото дејство, само по себе не го исполнува битието на казненото дело перење пари. Доколку тоа би било така, во тој случај и обвинетиот кој извршил кривично дело кражба и украл пари за да купи храна или облека би требало да биде обвинет како за кражба, така и за перење пари, бидејќи храната ја купил со илегално стекнати пари, односно истите ги пуштил во оптек“.

„Исто така, друго прашање кое поттикнува конфузија е зошто само првообвинетиот е обвинет за кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело, во услови кога сите три лица посочени во обвинителниот акт се обвинети дека земале пари, па доколку е така нејасно е зошто само еден од нив се товари за тоа кривично дело. Доколку пак, првообвинетиот е тој кој ги „перел“ парите и на останатите обвинети, тогаш се покренува прашањето дали можеби обвинетите сториле кривично дело –
Злосторничко здружување казниво со чл. 394 од КЗ.“, се додава во студијата.

Укажуваат и дека телефонот на Бојан Јовановски е вештачен само од страна на обивинителите, додека одбраната ја немала таа можност со оглед на тоа дека телефонот му бил одземен при апсењето.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ забележале и дека по завршувањето на доказната постапка, со давањето на завршните зборови јавниот обвинител направи „прецизирање на обвинението“, конкретно во делот кој се однесува на првообвинетиот Бојан Јовановски, поточно дека истиот ги пуштил во оптек парите прибавени со кривичното дело „примање награда за против законито влијание“ во период кој започнува од месец ноември 2017 година и завршува со 15.07.2019 година, на кој начин обвинетиот го сторил кривичното дело „перење пари и други приноси
од казниво дело“ од член 273, став 1 од КЗ.12 Со измената на обвинителниот акт, јавниот обвинител воедно предложи сите привремено одземени предмети од обвинетиот да бидат конфискувани со мерката проширена конфискација.
Ваквата измена на обвинението покренува неколку прашања, од кои основното е поврзано со праксата на јавните обвинители да вршат измени во обвинителните акти и предлози со давањето на завршните зборови, прашање кое е често дискутирано помеѓу правниците“.

Целата студија може да ја прочитате ТУКА. Инаку, вчера, сдуот изрече казна затвор за Бојан Јовановски во траење од девет години, а Катица Јанева беше осудена на казна затвор од седум години.