Клубот во Битола ги навредува нашите граѓани, изјави Османи за бугарска телевизија


 

Кога на главниот влез во бугарскиот културен центар во Битола има табла со цитат на Ванчо Михајлов дека „Залудни се напорите на таканаречениот македонски народ да го лаже светот“, тоа е провокација. Ова го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за бугарската телевизија БТВ.

„Ова е голема навреда за нашите граѓани, ова е голема навреда за луѓето што ги застапувам. Ова кај нас се смета за провокација. Не верувам дека бугарските власти дојдоа поради оваа порака на Михајлов, која беше поставена на влезот од клубот. Но вака се толкуваа сите овие пораки што ги налутија граѓаните. И наша должност е да ги разјасниме овие прашања, отворено да си кажеме што е она што нѐ провоцира, што нѐ лути, за да можеме во отворен дијалог да ја создадеме нашата заедничка иднина“, рече Османи.

Тој нагласи дека настанот во Битола придонел за пад на довербата меѓу двете земји. И дека токму оваа провокација била причината зошто немаше ниеден претставник на владата на настанот.

„Целата наша влада би била таму, бидејќи ја поздравуваме и сакаме да ја поттикнеме бугарската заедница да се организира, сакаме бугарската заедница да се интегрира во институциите, системите и механизмите создадени преку Рамковниот договор. Но, мора да внимаваме на чувствителноста на двете страни, особено во овој период на доверба. Сакаме да ја вратиме довербата еден во друг“, рече министерот.

На прашањето зошто во Македонија имало само 3.500 граѓани кои на пописот се изјасниле како Бугари, а во последните 15 години 86 илјади Македонци зеле бугарски пасоши Османи одговори:

„Се разбира дека бугарскиот пасош има повеќе предимства од македонскиот зашто е европски пасош. И луѓето земаат бугарски пасош поради социјални причини. Но не можат да се изедначуваат државјанството и етничката припадност. А на резултатите од пописот реагираа и македонски, албански, српски партии, не само претставници на Бугарите. Важно е бугарските партии да се обратат до инситуциите во Скопје, а не да одат и да се жалат во Софија. Тоа се наши граѓани и тие треба да си ги бараат правата ако им се загрозени во Македонија“, нагласи Бујар Османи.