Клиника „Жан Митрев“: Целосно соработуваме со институциите


Од Клиниката „Жан Митрев“ денеска соопштија дека целосно соработуваат со институциите и дека д-р Жан Митрев по уредна покана на ОЈО денеска бил таму и дал своја изјава.

„Клиника Жан Митрев и сега и понатаму целосно соработува со институциите за кои и да било
случај. Ние како Клиника досега, а и понатаму работиме целосно транспарентно и во интерес
на пациентите. Овој однос не е само кон надлежните институции и тела во државата, туку е
и кон нашите пациенти. Знаејќи ја вистината и водејќи се според високите стандарди на работа ќе помогнеме за откривање на фактичката состојба и ги ставаме на располагање сите наши материјални и човечки капацитети за да излезе вистината во јавноста, наведуваат во соопштение до медиумите од Клиниката посочувајќи дека за понатамошниот развој ќе информираат соодветно.

Искрено веруваме, се наведува, дека само со транспарентен однос и отворена соработка можеме да и служиме на вистината и на етичките и моралните вредности според кои работиме.

Од Основното јавно обвинителство Скопје, денеска потврдија дека доктор Жан Митрев бил повикан на распит за определени околности во врска со предмет оформен по допрен глас во ОЈО Скопје.

Обвинителството на 18 јули годинава, по допрен глас оформи предмет, откако ИРЛ објави истражување за работата на клиничката болница „Жан Митрев“ и доктор Жан Митрев.

Инаку, во друго соопштение од Клиниката „Жан Митрев“ денеска соопштија дека процентот на преживеани пациенти со Ковид-19 во оваа установа бил поголем од националниот просек.

„Стапката на успех во третманот на пациентите со Ковид-19 во ‘Жан Митрев клиника’ изнесува
74,6 отсто“, се вели во соопштенито до медиумите.

Според деталните болнички извештаи во „Жан Митрев клиника“ биле хоспитализирани вкупно 1.738 третирани пациенти, од кои 1.296 преживеале. Во вкупниот број пациенти хоспитализирани во клиниката спаѓаат и пациенти дојдени од други здравствени установи, посочуваат од клиниката.

Притоа се негласува дека оваа стапка на успех во лекувањето е повисока од националниот македонски просек според последните податоци на Институтот за јавно здравје.

„Според овие извештаи ‘процентот на успех’ кај хоспитализирани пациенти исклучиво третирани и лекувани во ‘Жан Митрев клиниката’ е сличен на просекот направен во 200
германски болници, каде просечното преживување изнесува 78 отсто. Стапката на преживување
според исти студии направени во повеќе земји се движи од 30 до 80 проценти, така во Велика
Британија е меѓу 50-89 отсто во зависност од бранот, во Шпанија изнесува 64,4 отсто, во Америка е 80,3 отсто, а во Бразил се движи меѓу 61,6-75,4 отсто“, се вели во соопштението.

Од клиниката додаваат дека хемофилтрацијата претставува само еден дел од спектарот методи и пристапи коишто се користат за лекувањето на пациентите., како и дека третманот на пациентите во Жан Митрев клиника се дефинира според тежината на болеста на прием, клиничката слика општата состојба на пациентот, дали се присутни коморбидитети, колку е критична состојбата и други клинички варијабли.

„Хемофилтрацијата како метод во третман на Ковид-19 има ургентно одобрување од
Американската агенција за лекови (FDA) со јасно дефиниран индикационен опсег. Тоа ја
прави примената на хемофилтрацијата во овој случај легитимна. Ова одобрување е
еквивалентно на тоа за вакцините. При ургентно одобрување од ова највисоко авторитетно
регулаторно тело, третманот не може да се смета за небезбеден, неиспитан и нетестиран.
Затоа, примената на хемофилтрацијата во пандемија според упатство за работа во рамките
на одобреното индикационо подрачје, во дози и начин кој е пропишан за негово користење
нема статус на клиничко испитување и не е предмет на регулативата за добивање одобрение
за клиничко испитување, а со тоа и потпишана информирана согласност од страна на
пациентот“, се вели во соопштението од „Жан Митрев клиника“.