Климатските промени имаат ефект врз инфраструктурата – пример се трагичните настани во БиХ


Да се работи на воведување екотранспорт, регионално, да се вмрежуваме за подобри резултати, да се користи јавен превоз, велосипед или одење пеш, се дел од пораките кои ги пратија денешните учесници на трекалезната маса, „Зелени пратенички групи на Западен Балкан – средба со Транспортната заедница“.

Добро е што се вмрежуваме со другите интерпарламентарна групи од соседните земји. Гледаме колку е неопходно нашата заедничка соработка и во однос на квалитетен транспорт. Транспорт што помалку загадува, тоа се тие брзи зелени железнички линии, за кои си дадовме и одреден рок, дека ќе патуваме така. Нема потреба да патуваме со авиони до Белград и до Загреб, ако имаме таканаречена „зелена линија“, изјави денеска пратеничката Велика Стојкова – Серафимовска во рамки на тркалезната маса „Зелени пратенички групи на Западен Балкан – средба со Транспортната заедница“, што се одржува во Скопје.

Таа рече дека како член на интерпарламентарната – таканаречена „еко група“ за животна средина и климатски промени, нивна цел е интензивна соработка со граѓаните, затоа што сите го дишат истиот воздух.

Стојкова – Серафимовска смета дека кога се зборува за животната средина, мора да се размислува регионално, па и глобално.

– Не можеме само ние да работиме на подобрување на животната средина, а да не работат нашите соседи – додаде пратеничката во изјава за медиуми.

Таа рече дека ние сме поврзани и регионот мора заедно да работи на подобрување на животната средина – и на квалитетот на чистиот воздух и на зелен транспорт и чисти води.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер во обраќањето на почетокот од настанот, рече дека Германија останува посветен партнер на земјите од Западен Балкан во зелената транзиција на регионот, обезбедувајќи финансиска и техничка поддршка преку Германската развојна банка (KfW) и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

– Нашата заедничка цел е климатски одржлива и просперитетна Европа. Преку иницијативи како Регионалното климатско партнерство – каде го усогласуваме Берлинскиот процес со Зелената агенда за Западен Балкан, ја потврдуваме поддршката на Германија за заштита на климата и за зелената транзиција во региониот. Преку овој механизам заеднички работиме на зајакнување на одржливата инфраструктура, подобрување на енергетската безбедност и создавање нови економски можности – посочи амбасадорката.

Таа рече дека Германија веќе се обврза на финансиска поддршка за Регионалното климатско партнерство: до 500 милиони евра на краток и среден рок, како и дополнителни 1 милијарда евра до 2030 година за инвестиции во зелена енергија.

– Пратениците играат клучна улога во оваа трансформација. Нивната вклученост во креирањето на законодавството за климатските прашања и транспортот е од суштинско значење за поттикнување на промените и обезбедување отчетност. Убедени сме во клучната важност на зелените пратенички групи во промоцијата на процесот на декарбонизација во транспортниот сектор и Зелената агенда во поширок контекст, додаде Дрекслер.

Директорот на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек рече дека спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан бара храбро лидерство, бидејќи претставува стратешка визија за иднината на регионот со помалку загадување, достапен превоз и паметни решенија.

– Таa иднина започнува со одржлива мобилност. За нејзино остварување, клучна е поддршката од пратениците, бидејќи таа обезбедува демократски легитимитет и политичка волја неопходна за водење на оваа долгорочна трансформација, истакна Закоњшек.

Транспортот во Европската Унија и на Западен Балкан, како што истакна тој, е еден од главните елементи што ги поврзува луѓето, го поврзува преносот на добрата, но, „исто така, за жал, една четвртина од емисиите што предизвикуваат загадување се предизвикани од транспортот не само во регионот, туку и во ЕУ“.

– Влијанието на овие промени може да го забележиме и денес, не само во воздухот што го дишиме и во временските промени за време на зимата, во градовите во Западен Балкан, истото го забележуваме и во Скопје, туку и тоа го забележуваме во однос на ефектите на климатските промени врз инфраструктурата. Пример за ова се трагичните настани што се случија во БиХ, поплавите што ги засведочиме што влијаат навистина на патната инфраструктура, подвлече Закоњшек во изјава за медиумите.

Тој рече дека затоа се собрани денеска, да се најде решение како превозот, транспортот и мобилноста да се направат позелени, како да воведе повеќе користење електрични возила и повеќе станици каде што ќе се полнат тие возила.

Истакна дека мора да се внимава на транспортот и превозот во градовите – да се користи јавниот превоз, да се возат велосипеди, да се пешачи.

Јасна Секулович, координатор на проектна компонента при Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), рече дека токму зелените партии се оние пратеници коишто сакаат да вложат труд, сакаат да вложат време во промовирање одржливи политики за транспорт, исто така и зелени политики за транспорт.

– Исто така, тие се оние коишто имаат капацитети во склоп на нивната улога на надзор во Собранието, да се залагаат за промовирање на ова прашање и исто така за подигнување на свесноста во однос на ова прашање во регионот – нагласи Секулович.

Во Скопје денеска се одржува тркалезна маса со наслов „Зелени пратенички групи на Западен Балкан – средба со Транспортната заедница“. Овој настан се организира во соработка помеѓу Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Зелените пратенички групи на Западен Балкан, во рамки на зајакнување на политичката посветеност за спроведување на Зелена агенда и одржлива мобилност во регионот.

Станува збор за втора средба меѓу Зелените парламентарни групи од регионот и Транспортната заедница. Целта на состанокот е да се разменат најновите информации за законодавството од областа на транспортот и транспортните обврски од Зелената агенда.

Тркалезната маса има за цел да го унапреди дијалогот меѓу пратениците, институциите и експертите за транспорт, преку разгледување на досегашниот напредок во спроведувањето на Transport community treaty action plan, развојот на Трансевропска транспортна мрежа (ТЕН-Т) мрежа, како и клучните мерки во рамки на Стратегијата за паметна и одржлива мобилност на Западен Балкан.