Палевски тврди дека не знае ни каде е местото Рудник, каде е дупката во која беше фрлен Жежовски


Фото: Б. Грданоски

Љупчо Палевски, првообвинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, тврди дека се нелогични и неточни тврдењата за времето на убиството на Панче и за неговото присуство во куќата на Жежовски.

Смета дека  му се монтираат убиства од страна на Обвинителството, како и дека „прашањето за киднапирањето и класичното убивање на Вања ќе остане неодговорено благодарение на истрагата на началникот на Единицата за насилен криминал, Дејан Димовски“.

– Според обвинението, Панче е грабнат во 9, а убиен во 9.30, а на камерите кај хотелот „Романтик“ возилата се снимени после 10 часот. На телефонот на Панче се најдени траги од извесен Александар Велиновски од Делчево, кој не е обвинет во случајот. Во куќата на Панче не е направена криминалистичка обработка и не е подигнат никаков траг, освен списите на Жежовски за неговиот спор со Манев – рече Палевски.

За копањето на дупката кај Рудник, во близина на Велес, вели дека не е докажано дека тој знаел, како што тврди Манев. Вели дека во сведочењето на Манев, кога тој сведочи „Љупчо знаеше“, тоа е додадено по малтретирањето на Манев. ДОполнително, Палевски тврди дека не ни знае каде е местото Рудник.

Тој се чуди и зошто сведоците и обвинети во случајот велат дека копале дупка со дијаметар од 1,60 метри, длабока 5 метри, што според него претставува 5 кубика земја, две приколки од трактор, а Велибор Манев, од друга страна, тврди дека го затрупал Панче еден метар, па останале уште два метра дупка.

– Зошто при толкава дупка копале нова дупка за закопување на убиеното дете на еден килиметар растојание од куќата на мојата мајка, каде често престoјувам? – рече Палевски.

Палевски не смета дека е докажано ни  кога е убиен Панче Жежовски, дали на 22.11.2023, дали на 24.11.2023 година, кога Манев, како што тврди, со Видевски се вратил на местото на злосторот, во Рудник.

Тој додаде дека Институтот за судска медицина и ОЈО Скопје ниту напишале во наредбата дека треба да се утврди приближното време на смртта на оштетениот, ниту Институтот самоиницијативно го утврдил времето на смртта. Во извештајот било напишано само како настапила смртта.

– На ова место на настан, Рудник, е пронајдена чаура од испалување, на еден метар северно од дупката каде е најден Панче Жежовски. Микроскопски е вештачена и се констатирани идентификациски траги од испалување, но не се наоѓа во листата на докази на ОЈО – додаде Палевски.

Палевски вели и дека не се сеќава дека купил алат како што тврдат Кешишев и Манев.

– Обвинителството тврди дека вештачењето на предметната лопата покажало дека дека со неа е копана дупката за оштетеното дете Вања Ѓорчевска. Но, правена е криминалистичко-техничка обработка, земени се шест примероци од земја од дупката каде е закопано детето, а таква земја не е земена од Рудник. СВР Велес и обвинителката Славица Темелковски повторно направиле пропуст. Алатот кој се гледа на видеото како Манев го внесува дома, при претресот во неговиот дом на 03.12.2023 не е одземен, ниту зеле примерок од земјата од Рудник. Не направиле вештачење за да се утврди каде и што копал Манев. И во куќата на Панче не е направена криминалистичко-техничка обработка, а во Обвинителството и во видеото се тврди дека во подрумот на куќата се правеле состаноци и се одучувало кога да биде грабнат Панче – рече Палевски.

На Палевски сомнителни му се и изјавите на Кешишев, кој неколкупати менува исказ велејќи дека алатот е оставен на местото на настан Дупки, дека претходниот ден е копана дупката за Вања, а во судот го промени својот исказ и кажа дека не се сеќава дека е претходно копана дупката, а алатот е изваден од „кангуто“.

– Изјавите на Кешишев се измислени за потребите на оваа криминална истрага, под раководство на Дејан Димовски, началникот на Единицата за насилен криминал. Освен земање изјави со ќотек, што оваа истрага ја претвори во Гвантанамо стил, и со технологија на рекла-казала на Дејан Димовски, истрагата е уништена и ОЈО е ставено пред свршен чин да брани и да докажува што е многу тешко. Прашањето за киднапирањето и класичното убивање на ова дете ќе остане неодговорено благодарение на истрагата на Дејан Димовски – рече Палевски.

– Во обвинението стои дека вие со пиштол со калибар 9 милиметри сте испукале куршум во главата на оштетениот Панче Жежовски. Точно ли е? – праша адвокатот.

– Претходно кажав дека не сум бил на местото на тој настан ниту во куќата на Жежовски. Не е точно тоа што го тврди ОЈО во обвинителниот акт – рече Палевски.

Тој повторно цитираше искази на Манев, кој наводно на 03.12.2023 изјавил: „Жежо беше убиен од Палевски со пиштол, се нафрла земја и заминавме.“ На 06.12.2023 година наводно рекол: „Не видов точно, бидејќи беше поркриен со церада, но најверојатно беше пукан во главата на некои 10 сантиметри.“

– Во судот кажа трета варијанта на пукање во Жежовски. Церадата исчезна, добро видел дека е пукано во главата. Така ОЈО утврдило дека јас сум пукал во Панче, без ниеден доказ, благодарение на исказот на Манев, кој е различен во три распити. Последниот исказ е составен откако прочитале во извештајот од Судска медиина дека во сивата церада во која бил замотан Панче, не постои дупка од куршум, ниту барутни траги. Затоа ја промени изјавата пред судот. Никогаш не сум бил на тоа место и не сум пукал во Панче Жежовски. Жежовски дефинитивно не е убиен на 22.11.2023, затоа што е невозможно на камерите на „Романтик“ да се забележани возилата во 10.30 часот, а првиот повик на Кешишев да му биде во 11.47 во Скопје и за тоа време да се пројдат споредни патишта, да се изнесе од кола, да се убие. Веројатноста да биде убиен и закопан е подоцна, на 24 ноември, но немам докази, затоа што сум во притвор – рече Палевски.

Вели дека моторолите во стариот штаб (на партијата) се појавиле откако ги донесол Велибор Манев, сосе полначи, но ги ставиле во режија да се полнат и ги заборавиле цел месец.

– Подоцна си ги зеде – рече Палевски.

– Сте набавувале и WD-40 и за која намена? – праша адвокатот.

– Не, не сум набавувал WD-40. Мислам дека судот утврди кој купувал, покажа фискална сметка најдена кај Манев. Но и WD-40 е сликано во боца во подрумот на Манев кога е правен претресот. Одземна е фискалната сметка. Се поставува прашањето од каде му е таа сметка на судијата Ивица Стефановски. Има 5 фискални сметки, една одземена од Влатко Ефтимов и 5 сметки во плико. Обвинителството заборавило да ја достави таа сметка како доказ, но се појави кај судијата. Му беше покажана на Манев и тој ја потврди. Сметката е регуларно одземена при претресот на 03.12.2023 но ОЈО заборавило да ја напише како доказ во обвинителниот акт. Затоа ми е чудно како доаѓаат фискални сметки до судот – рече Палевски.

Сведочи и дека со Влатко Кешишев на 21.11.2023 со „рено кангу“ од Скопје никогаш не пристигнале на паркингот кај пругата во Велес, а не пак точно во 7.30 часот.

– Никогаш со Кешишев не сум пристигнал на тој паркинг. Сум бил во Велес неколку пати во 2023 година, ама никогаш на тој паркинг и не на 22.11.2023. Има директна спротиставеност на исказите на Кешишев и на Манев токму околу овој паркинг, од кој заминале кон Рудник. Кешишев тврди дека се возел во „кангуто“ заедно со Манев, а Манев тврди дека бил со Боре Видевски во „цитроенот“. Лагите одат доттаму, што сведокот на одбраната, полицаецот Стојан Кујунџиевски сведочеше дека во „цитроенот“ има само едно лице, а не две – рече Палевски.

Тој негираше дека добил слика од Панче како стои покрај својот „цитроен“.

– Чудно е како јас пукам во Панче, а сликата од жртвата не е праќана на наводниот убиец. Ако Обвинителството сакаше вистина и ако сакаше казна за злосторствата, имаше време да вештачи чаура на која има идентификациски траги и отисок од ударна игла. Сликата на жртвата, испратена на еден од обвинетите 9 дена пред убивањето, е уште една нелогичност. ЈО тврди дека сум дошол од Скопје да го убијам Жежовски, а не знам како изгледа – рече Палевски.

Тој го негираше тврдењето на Манев дека бил под закана од Палевски дека морале да грабнуваат луѓе, дека морале да копаат дупки, а во спротивно ќе изгубеле глави.

– Тие двајца обвинети, ресурси на ОЈО, чекаа 18 месеци, Александар Ѓорчевски да биде тепан, компромитиран од медиумите, да се направи дополнителна штета на семејството и да им проработи совеста, па да кажат дека не го познаваат – рече Палевски.

На ова реагираше Александар Ѓорчевски, таткото на убиенета Вања. Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ реагираше дека Палевски не мора да го брани Ѓорчевски и дека Александар тоа го смета за злоупотреба на неговото име од страна на Палевски.