Ќучук: Дискутабилно е дали билатералните прашања спаѓаат во преговарачката рамка
„Прашањето дали билатералните прашања спаѓаат во преговарачката рамка е дискутабилно и оваа дилема ги одбележа билатералните односи меѓу многу земји кои сега се дел од ЕУ“, оцени во интервју за БНР, Илхан Ќучук, известувач за Македонија во ЕП. Според него, ова не се однесува само за спорот на Бугарија со нашата држава.
„Бугарија нема зошто да се притеснува или да се обидува да избегне искрен разговор со Северна Македонија – и за минатото и за иднината“, вели европратеникот.
„Дозволете ми да додадам нешто за зголемениот и легитимен притисок на европските институции. Проширувањето е клучен приоритет на оваа Европска комисија. Јасно е дека од национална гледна точка немаме јасна позиција на ниво на власт. Ако ова владата треба да биде критикувана, тоа е затоа што не најде консензус за клучните прашања. Едно од нив е Северна Македонија, другото – нашиот однос кон Украина“, коментира Илхан Ќучук.
Тој смета дека формулата за решавање на проблемот треба да биде резултат не само на напорите на владеечката коалиција, туку и на опозицијата.
„Нелогично е и тешко за објаснување како ја лансиравме тезата дека ќе ги ослободиме преговорите со Албанија, а за прашањето со РСМ ќе гледаме од историски аспект. Процесот на евроинтеграција има за цел раскинување со историското минато. На Европа долго ѝ беше тешко да ги разбере сложените историски разговори затоа што треба да ја отвори Пандорината кутија на сопствената историја, а не сака да го стори тоа. Но, Европа ги разбира многу човековите права и слободи и фер е да се бара Бугарите во Северна Македонија да бидат составен дел од македонскиот устав“, оцени тој.