Ќеиф ми е што со „Амадеус“ се враќам на сцената во МНТ, вели режисерот Александар Поповски

По „Амадеус“ , имам желба и потреба да режирам претстава дома, на тема носталгија, рече на денешниот прес во МНТ, Поповски


По претставата „Животот на Молиер“, поставена во стариот МНТ во 2012 година и единствена која уште се игра на репертоарот на новиот МНТ, нашиот најтрофеен режисер и актуелен  уметнички директор во Словенечко народно гледалишче од Марибор, Александар Поповски, се враќа на сцената на МНТ со претставата „Амадеус“ од наградуваниот Питер Шафер. Премиерата е закажана за утре, 1 април, и е во рамките на роденденското одбележување 81 година МНТ.

„Амадеус“ се темели на митот за животот и меѓусебното ривалство на композиторите Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери. Шафер црпи инспирација од кратката драма на Александар Пушкин „Моцарт и Салиери“ од 1830 година. 

Претставата е псевдобиографска комична драма за еден од најславните композитори на сите времиња, напишана од англискиот драматург, сценарист и романописец, добитник на многубројни престижни награди. Првпат била изведена во 1979 година, а светска слава стекнала благодарение на истоимениот филм на Милош Форман (1984). Во своето најпознато дело, Шафер ги сумира историските околности и создава прецизни психолошки профили на протагонистите. Драмата е напишана во стилот на ретроспективна драматургија, што овозможува широки епски режисерски решенија и бројни можности за врвни актерски остварувања.

„Амадеус“ на Поповски, исто така, се одлепува од сличноста со истоимениот филм на Форман, како што истакна на денешниот прес, нашиот славен режисер, кој веќе втор мандат е уметнички директор на Драмата, што е реткост и во Словенија. 

„ Фасцинантна ми е врската меѓу уметноста и семоќниот создавач на световите. Тоа на некој начин го потврдува феноменот Моцарт, кој својата музика ја транскрибирал – без преписи, без корекции. Она што го слушнал во својата глава го преливал на хартија. Барем така го замислил Шафер генијалниот Моцарт, иако тоа не е чиста вистина, лично за мене, божественото инспирирање, кое го добива уметникот е многу значајно. И верувам во него. Во мојот живот музиката отсекогаш имала посебно место. Меѓу сите уметности, таа е несомнено највозвишена, бидејќи само преку еден сигнал, нота или тон, отвора други светови. Во музиката нотата е или точна или погрешна. Нема средина. Интересен ми е моментот во драмата кога Салиери сфаќа дека преку музиката на Моцарт го слуша Божјиот глас. Со страв сфаќа дека Бог има друг избраник и му се спротивставува“, вели македонскиот режисер Поповски.

Поповски, како и директорот на МНТ, Никола Кимовски, не го криеја задоволството, што повторно ќе соработуваат.

„Ќеиф ми е што со „Амадеус“ се враќам на сцената на МНТ. Скопје е мојот простор од каде тргнаа сите мои режисерски „освојувања“ во регионот. По „Амадеус“ , имам желба и потреба да режирам претстава дома, на тема носталгија, рече денес Поповски. 

За 8-мата година како уметнички директор на Драмата во Словенечко народно гледалишче од Марибор, Поповски, кој живее на релација Загреб-Марибор, рече дека му било предизвик и чест да ја дели сцената на која работел славниот словенечки режисер Томаж Пандур, кој пред 10 години, ненадејно почина додека спремаше претстава на сцената на МНТ. 

-Како дотогаш слободен уметник, ми требаше да се навикнам на работата и правилата во театарот  кој постои 160 години, а 100 години како театар кој функционира на словенечки јазик, рече Поповски.

Театарот во себе интегрира и театарската сцена, Опера, Балет и фестивал, и кој знае во една вечер да продуцира по три-четири претстави, како што објасни денес на пресот, директорот на СНГ Марибор, Данило Роскер кој е на оваа позиција 25 години.

„Пресреќни сме што СНГ Марибор после повеќе од 20 години гостува повторно со своја театарска продукција во МНТ. И од овој момент најавуваме меѓусебна соработка, што значи дека и МНТ во периодот што следува ќе гостува на нашата мариборска сцена“, изјави Роскер. 

Во претставата играат: Алеш Валич, Жан Копривник, Јулија Клавжар, Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и Борис Каваца – глас. 

Во креативниот тим се потпишуваат: Вања Магиќ – сценограф, Марита Ќопо и Миа Поповска – костимографи и Росана Хрибар – кореограф. 

Во пресрет на големата роденденска прослава, директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна: „Свесно одбравме продукции, кои носат силни режисерски имиња. Носиме актуелни регионални продукции и со тоа сакаме да понудиме различна театарска естетика. Гостувањата не се програмски додаток или шминка, туку суштинска потреба за една национална институција. Ако МНТ сака да остане релевантен, не смее да постои во затворен културен круг. Мора да комуницира, да се компарира со други естетики и други сценски јазици. Затоа, годинава ја степенуваме важноста на рецентни регионални продукции – претстави, кои веќе живеат активен сценски живот и носат јасен авторски став. Гостувањата не се само уметнички настан, туку огледало, во кое МНТ ја проверува сопствената позиција и капацитет да биде дел од поширокиот современ европски театарски контекст.

 На 3 април ќе биде изведена монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata) според драматизација и адаптација на Ливија и Томаж Пандур, претстава која е омаж за Томаж Пандур (Словенечкото народно гледалиште СНГ Марибор) и на 4 април „Другата страна“ во режија на Борис Лијешевиќ (Црногорското народно позориште). 

Л. Сабит