Ќе си замине или ќе се спаси директорот на Шутка?


Македонија го доби новиот претседател, во саботата Државната изборна комисија му го додели уверението на Стево Пендаровски, а во неделата беше инаугуриран во Собрание и веќе се всели во вилата на Водно. Повеќе од два месеца откако директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Ѓоко Котевски, си поднесе неотповиклива оставка, изборите не се пречка за разрешување и именување на функционери и Владата конечно може да ја разгледува. Првата владина седница по претседателските избори ќе се одржи денеска, но премиерот Зоран Заев нема да присуствува бидејќи користи неколку слободни дена. Првиот работен ден ќе му биде в среда, па на денешната седница многу малку е веројатно дека ќе се разгледува оставката на Котевски која следуваше по инцидентите во затворот, кога беа нападнати поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Од Владата не коментираат ништо конкретно за оваа оставка, само кратко одговараат дека не знаат официјално што се е ставено на дневен ред на првата седница. Сепак, на секоја владина седница се разгледуваат кадровски прашања и тие може да се отворат на самата владина седница без претходна најава. Оставката е констатирана и ако не денеска, ќе се разгледува на некоја од наредните владини седници. Владата може или да ја прифати оставката на Котевски или да донесе одлука да продолжи да ја извршува функцијата.

Котевски си поднесе оставка на крајот од февруари кога во затворот во Шутка осудени за кумановските настани ги нападнаа поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски кои беа таму во притвор. Оставка од директорот тогаш побара премиерот Зоран Заев кој заедно со министерката за правда Рената Дескоска повикаа на одговорност бидејќи Котевски дозволил да се случат два инциденти еден по друг во установата со која раководи.

„Без разлика дали истрагата ќе покаже дека нападнатите две лица го испровоцирале инцидентот или не, во затворот секој треба да си ја врши работата и да не дозволува ни намерни ни ненамерни инциденти. И секое лице што се наоѓа таму лишено од слобода треба да биде безбедно“, рече Заев.

„Мора во затворските установи да се почитуваат правата и слободите на лицата кои се лишени од слобода. Во спротивно, треба одговорните во тие установи да си поднесат оставка“, дополни Дескоска. Остра критика за инцидентите во затворот стигна и од Делегацијата на ЕУ. По барањето на премиерот веднаш се огласи директорот Котевски и рече дека ќе поднесе оставка од морални причини, иако инцидентите ги предизвикале Јанакиески и Ристовски.

„Кога службата ќе потфрли, логично е од професионални и морални причини да се поднесе оставка. Од досегашната истрага се утврдени пропусти во постапувањето и непочитување на стандардните безбедносни протоколи од службата за обезбедување во затворот и затоа преземам одговорност. Сакам да повторам и да потврдам дека, согласно очевидците и писмените изјави од лицата од вчерашниот настан, вербалните инциденти ги почнаа лицата М.Ј. и С.Р., по што биле физички нападнати. Се разбира, за сите физички насилства нема оправдување, секој од нас треба да ги осуди и затоа преземам одговорност“, изјави Котевски. Сега не сака да коментира и вели дека каква и да е одлуката, тој ќе ја почитува.

Тој ги достави до Владата оставката и извештајот во врска со инцидентот во затворот и покрена дисциплински постапки против 11 вработени поради пропусти во работењето. Иако неколку дена се зборуваше за оставката на Котевски, Владата на седница само го констатираше поднесувањето на оставката и рече дека ќе ја разгледува по изборите.

„Владата го констатираше поднесувањето на оставката од страна на директорот на Истражниот затвор во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски. Со оглед на тоа што оставката е поднесена во период откако се објавени претседателските избори, таа ќе се разгледува по завршување на изборите, штом заврши забраната за разрешување и именување согласно Изборниот законик“, соопштија од Владата по седницата на крајот на февруари. По инцидентите, на Јанакиески му беше одреден куќен притвор, а во Шутка остана Ристовски.

Оставката на Котевски не е дел од партиската метла што ја најави премиерот Заев, но за неа ќе се одлучува во период кога власта ќе се прочистува од кадрите кои не ги исполниле очекувањата на граѓаните. Инцидентот со Јанакиески и Ристовски остави дамка за Котевски иако откако беше назначен за директор ја зголеми транспарентноста на установата и го отвори затворот за новинарите кои претходно немаа пристап до него.

Во овој затвор казната требаше да ја издржува поранешниот премиер Никола Груевски, неколку месеци таму во притвор беа поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев и други поранешни функционери на кои им беше одреден притвор.

Одлуката дали Котевски ќе остане на директорското место или ќе го замени некој друг нема експресно да ги реши проблемите на затворот кои се трупаа со години. Сите релевантни институции констатираа дека во затворот има недоволен број на вработени, а кадарот не е обучен. Проблемот е во тоа што оваа институција со години беше заборавена, 15 години немаше никакви вработувања ниту, пак, потребни ресурси за работа, безбедносни камери, а корупцијата, употребата на дрога и мобилни телефони многу тешко се искоренува.

Во меѓувреме, се очекува Заев да се врати од одмор и да одлучи кој од функционерите од партијата ќе понесе одговорност за изборниот резултат на претседателските избори, особено по првиот круг кога имаше мала излезеност, а нивниот кандидат водеше со многу мала разлика. Заев ја најави метлата по првиот круг, а по завршувањето на изборите се очекуваат и првите разрешувања. Децата, сестрите, сопругите и другите роднини на функционерите вработени во државните институции ги испитува Антикорупциската комисија која секоја недела отвора десетици нови случаи. Меѓу овие случаи се најде и сопругата на Котевски, која е вработена во Управата за јавни приходи.

Фросина Факова-Серафиновиќ