Ќе се собира кабаст отпад во Кисела Вода


Во периодот од 19 до 30 септември, Општина Кисела Вода ќе го собира кабастиот отпад од граѓаните.

– Продолжува практиката за собирање кабаст отпад по урбаните и месните заедници на наша територија. Со оглед на тоа што одложувањето на кабастиот отпад на несоодветни локации претставува проблем за домаќинствата, во период од 19 до 30 септември 2022 година, преку Секторот за месна самоуправа на Општина Кисела Вода, ќе бидат ангажирани одговорни лица и сезонски работници, кои секојдневно ќе го собираат од пред домаќинствата или колективните згради на територијата на Општина Кисела Вода – информираат од локалната самоуправа.

Оттаму нагласуваат дека секој жител на Општината една седмица претходно, во периодот од 12 до 19 септември, ќе може да закаже термин за бесплатно подигнување на кабастиот отпад, на телефонскиот број 02/2785-427, секој работен ден од 9 до 15 часот.

– Граѓаните што ќе сакаат да им биде собран и одложен кабастиот отпад, се должни да го остават пред својот објект, на безбедна локација, со што нема да ја загрозат безбедноста на пешаците, велосипедистите и на останатите учесници во сообраќајот кои ќе се движат во тој период – се вели во соопштението од Општина Кисела Вода.

Оттаму апелираат за одговорно однесување на секој поединец, со што се придонесува за зачувување на чистотата и животната средина, што е наша заедничка цел.