Ќе се реконструираат домот на културата, музејот и општинската зграда во Виница


Општинската зграда, Домот на културата „Тошо Арсов“ и музејот „Теракота“ во Виница ќе добијат термоефикасна фасада, подобрен пристап и проширување на просторот за извршување на дејностите, во рамки на проектот за нивна реконструкција и адаптација.

Носител на проектот „Енергетски ефикасен, пристапен и достапен објект за сите – Општина Виница“ е Центарот за развој на Источниот плански регион, а за реализација на активностите се обезбедени над 10 милиони денари.

-Реконструкцијата и адаптирањето на трите објекти е еден од нашите приоритети, бидејќи по неколку децении од нивната изградба досега немало никакви градежни интервенции и подобрувања. Со оглед што претставуваат една целина, односно заеднички комплекс, кај сите ќе се постави термоенергетски ефикасна фасада, постојната кровна конструкција ќе се замени со термоизолациска, а дел од старите и дотраени прозорци ќе се заменат со нови. Музејот ќе се прошири, ќе добие нова работна просторија и ќе се зголеми бројот на витрините за изложување на експонатите. Во Домот на културата целосно ќе се преуреди големата сала со замена на седиштата, проширување и адаптирање на бината, реконструкција на соблекувалните и тоалетите, а ќе се инсталира и нова опрема за озвучување и осветлување, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.

Со проектот за реконструкција и адаптација ќе се подобри и пристапноста во внатрешноста на објектите, а влезот во општинската зграда ќе добие натстрешница и хидрауличен лифт од приземјето до четвртиот кат.

Во тек е постапката за избор на изведувач на градежните работи, а според изработениот технички проект тие треба да бидат комплетирани во период од пет месеци.