Ќе се пробива нова улица кај трговскиот „Зебра“


 
Општина Центар најавува капитални инфраструктурни проекти во текот на летото, односно реконструкција, рехабилитација и изградба на десетина улици и тротоари на територијата на општината на кои, во зависност од потребите, ќе биде направена обнова на атмосферска, фекална и водоводна улична мрежа.
Со проектот ќе бидат опфатени улици во населбите Водно, Буњаковец, Дебар Маало, Маџир Маало и Капиштец, а реконструкцијата ќе се одвива во текот на јули и август.
Во населбата Капиштец ќе се градат три нови краци на улицата „Новопроектирана 2“. Со ова решение улицата „Козара“ ќе се пробие на улицата „Васил Ѓоргов“ поточно кај ТЦ „Зебра“, со што кои значително ќе се намали сообраќајното оптоварување во населбата. Покрај изградбата на трите краци, и оваа улица ќе добие нова водоводна, фекална и атмосферска канализација. Вредноста на овој капитален проект е 28.000.000 денари, сума која вклучува и експропријација – решавање на имотно правните прашања и изградба на трите крака со вкупна квадратура од 2.336,48 м2.
Во населбата Водно, ќе се реконструираат, „Ганчо Хаџипанзов“ на која ќе се направи комплетна обнова на атмосферска, фекална и водоводна улична мрежа, како и комплетна реконструкција на тротоари и улицата во должина од 2.286м2.
Реконструкција на атмосферска, фекална и водоводна улична мрежа, тротоари и улица во должина од 696 м2 ќе биде направена и на улицата „Караорман“, а рехабилитирани ќе бидат и тротоарите и  улицата „Рилски Конгрес“ во должина 2.613м2.
Во населбата Буњаковец, Општина Центар прави рехабилитација на тротоарите и улицата „Мирче Оровчанец“ во должина 1.688.5м2, а во населбата Маџир Маало комплетна реконструкција на улицатата„Петричка“ во должина од 1.002м2.
Со реконструкцијата ќе бидат опфатени и улиците „Донбас“ во должина од 480м2, „Андон Дуков“ во должина од 330м2 и „Алберт Ајнштајн“  во должина од 605м2 во населбата Дебар Маало.
Во централното градско подрачје (Градски ѕид), Центар го реконструира и паркингот на Палома Бјанка по што истиот ќе биде наменет за паркирање на возилата на жителите, а не само за институциите како што тоа досега беше случај.
Во текот на летото ќе започне и целосна обнова на уште едно детско игралиште, во Градски ѕид зад „Агромеханика“, со кое општината ја зголемува бројката на ново изградени и обновени детски игралишта на територијата на Општина Центар.