Ќе се гласа и по 19 часот таму каде што гласачите не дошле на ред


Метежот на дел од избирачките места ја натера Државната изборна комисија да донесе едногласна одлука дека на сите гласачи кои најдоцна до 19 часот ќе се најдат во дворот или во ходникот од гласачкото место ќе им се овозможи да гласаат и по 19 часот, кажа претседателот на Државната изборна комисија, Алекандар Даштевски на прес-конференција пред малку. Ова е првпат на избори во Македонија да се продолжи гласањето во толку многу избирачки места.

Тој вели дека метежот на избирачките места настанува поради три причини: избирачкиот список има двојно повеќе страници за разлика од претходните избори и проверката оди побавно. Потоа, како што вели Даштевски, една четвртина од отпечатоците на прсти на гласачите кои ДИК ги добила од Министерството за внатрешни работи се со лош квалитет, па утврдувањето на отисоците оди бавно. Како трета причина ги наведе ковид-мерките. Тој повтори дека на општинските изборни комисии им е пратено упатство избирачките одбори во просторијата за гласање да пуштаат онолку гласачи, колку што има паравани за гласање.

Гласањето ќе биде продолжено и таму каде што беше прекинато на одредено време поради техничките проблеми со биометриските уреди, при што најдолго прекинот траел во Ново Село, односно рекордни два часа и 55 минути, што се должи на тоа што не успеала навремено да се заврши техничката исправка на УВ ламбите.

Прекини во гласањето од еден до два часа имаше во по едно избирачко место во Боговиње, Бутел, Гевгелија, Гостивар, Дебарца, Демир Хисар, Липково, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Радовиш, Росоман, Сопиште, Сато Нагоричане, Струга, Струмица, Студеничани, Центар, Чаир, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево. На седум од овие места се гласа на стариот начин, со УВ ламба и спреј. На овие места гласањето ќе продолжи за онолку време колку што било прекинато.

До ДИК досега се стигнати 134 приговори од кои 63 се прифатени, а 10 одбиени. Инаку, исзлезноста до 15 часот е нешто над 32 отсто. Најголема е во Новаци, Демир Хисар, Лозово и Вевчани, над 50 отсто, а најмала во Гостивар, Желино, Боговиње, Врапчиште – секаде под 25 отсто.