Ќе нѐ трујат ли партиите со еколошки патриотизам на изборите?
Наместо да се отвори здрава дебата каков систем за собирање и за уништување на отпадот ѝ треба на нашата држава, од политички причини се поттикнува отпор кај локалното население, се имплицира корупција, се карикира со проектот за менаџирање на отпадот
Слободанка Јовановска
Ако има некоја корист од престојните локални избори, тоа е што место за патриотски теми, партиите се фатија за еколошки проекти. Најавата на премиерот Зоран Заев дека фирма од Луксембург ќе гради фабрика за производство на енергија од отпад во Неготино беше дочекана од ВМРО-ДПМНЕ како „коска“ околу која можат да налепат популистичка реторика, во стилот „ќе нѐ трујат“, „ќе нѐ загадуваат“, „ќе профитираат на нашето здравје“ и слично.
Во Општина Гази Баба, исто така, стана тема најавата на градоначалникот дека на потегот од Железарница па сѐ до обиколницата планира постројки за термички, физичко–хемиски и хемиски третман на отпад, што од опозицијата беше критикувано како најава за градење фабрика за согорување на хемиски отпад во една од најзагадените општини во земјата. За држава во која енормно се зголемува производството на отпад, и обичен и опасен (лани 456 килограми по жител наспроти, на пример, 292 килограми во Јапонија), а нема ниту една организирана постројка за негово уништување освен технолошки заостанатата „Дрисла“, ваквата политичка кампања е општествено неодговорна бидејќи не води кон решавање на проблемот и кон суштинска дебата, туку само се политизира темата.
Во Македонија на граѓаните, а по сѐ изгледа и на некои од партиите, сѐ уште не им е јасно дека ѓубрето не паѓа од небо и дека не можат некои делови од државата да се исклучат од проекти за негово менаџирање бидејќи и тие го создаваат, па нереално е да очекуваат дека некој друг ќе ги спаси од депониите. На некои исто така не им е јасно дека веќе една деценија се дебатира на оваа тема, а во меѓувреме Македонија остана една од ретките земји во која нема организирано рециклирање и уништување на отпадот, така што количествата што се трупаат стануваат се поголеми и, според статистиките на Министерството за животна средина, од 2003 година досега тие се дуплирани на годишно ниво. Или попрецизно, секој Македонец во 2003 година направил 197 килограми ѓубре, а во 2019 година – дури 456!
Со вакво темпо, а без организиран систем на собирање, Македонија дефинитивно ќе стане „Република Депонија“, како што ја нарекуваат веќе многу граѓани и екологисти, свесни за еко катастрофата што ни се случува и која не значи само загадување на земјата, туку и загадување на почвата, на водата и на воздухот.
Во ваква ситуација, место да се отвори здрава дебата каков систем за собирање и за уништување на отпадот ѝ треба на нашата држава, од политички причини се поттикнува отпор кај локалното население, се имплицира корупција, се карикира со проектот за менаџирање на отпадот и сето тоа станува тема за политичко прекупување на изборите за локалната самоуправа.
Според она што го најави премиерот Заев, планот е компанија од Луксембург да инвестира 336 милиони евра во фабрика со плазма за согорување, односно бескислородно согорување на високи температури. Оваа инвестиција, според најавата, е затворен систем без оџак и е целосно еколошка. Со оглед на тоа дека и „Дрисла“ кога се продаваше се најавуваше како модерна и еколошка инвестиција, а се претвори во главен загадувач на Скопје во раце на еко-мафија, граѓаните имаат право да се прашуваат што и кој стои зад сето тоа.
Нецивилизациска политика
Но, да се поттикнува отпор против вакви проекти генерално, како што сега се тврди дека ќе се труе Неготино, е нецивилизациска политика од главната опозициска партија која, додека беше на власт, покажа нула еколошка свест, па и направи Пакистан и Индија од Македонија во тој поглед. Во тој период, имено, беше најголемо загадувањето, нагло порасна дивото сечење на шумите, „Дрисла“ профитираше горејќи увезен отпад, се дозволи набавка и на опасен отпад, а како што се гледа деновиве оттогаш сме се грееле на отровни масла, место на мазут.
Од Владата исто така најавија дека покрај фабриката, вкупната инвестицијата ќе вклучи и 100 комунални возила за собирање на смет, изградба на 11 претоварни станици и 11 збирни потстаници, 6.000 метални и пластични комунални контејнери, како и асфалтирање на патна делница од 5 км до село Дуброво во Општина Неготино, што значи дека ќе се гради интегриран систем за менаџирање на отпадот, и тоа речиси од цела Македонија. На ваков начин целосно и трајно треба да се реши проблемот со отпадот во 48 општини во земјата, или на 74 отсто од нејзината територија, а остатокот ќе се селектира и ќе се преработува во нова фабрика за селектирање и преработка на отпад во Свети Николе, што ќе се гради со дополнителни 37 милиони евра.
Зошто токму во Свети Николе кое важи за земјоделски реон, или зошто токму во Тиквешијата, која е винарски центар во земјата? – се легитимни прашања кои најдобро можат да се одговорат со фактот дека фабрика за менаџирање на отпадот во Токио има на само еден километар од центарот на градот, а во неговиот поширок регион има дури 20 други, и тоа во земја чија политика е многу скоро да стигне до нула производство на ѓубре.
Реакција на најавената фабрика во Неготино имаше и од Иницијативата О2, на која ѝ пречи пред сѐ што отпадот ќе се согорува со технологија која не се употребува во Европа, а таму каде што се употребува, според нив, не се покажала многу успешна, ниту пак може да се гарантира дека ќе биде еколошки прифатлива за околината, бидејќи нема гаранции кај нас дека ќе се почитуваат стандардите за прочистување на гасовите од согорувањето. Со оваа технологија на согорување ќе се произведува синтетички и биогас кои натаму ќе можат да се користат во индустријата. Сепак, од податоците што можат да се најдат се гледа дека вакви фабрики, освен во Кина, Тајван и Јапонија, многу се застапени во САД и во Канада, а се најавуваат неколку и во Велика Британија.
Што ги колеба екологистите?
Она што ги колеба екологистите е фактот дека во ЕУ се отвора дебата и за штетното влијание на ваквите капацитети за согорување на отпадот на емисијата на гасовите, што не значи дека тие не се корисни за екологијата, туку дека развиениот свет оди чекор понатаму – место да уништува отпад да произведува сѐ помалку, да рециклира сѐ повеќе, а тоа малку што ќе остане – да го уништува на природен начин.
За Македонија, која прескокна цела една еколошка револуција во Европа, тоа значи дека преку ноќ треба да изгради таква еколошка свест за намалување на отпадот и таков систем на селектирање што може да си дозволи да не гради капацитети за негово уништување. А, во моментов според официјалните податоци има 54 контролирани депонии низ државата и 270 околу Скопје, од кои некои се сметаат за високоризични за околината. Во Македонија нема воопшто свест ни за пластичната контаминација, така што од кесе во супермаркет на оваа тема не е отидено подалеку во размислувањето и практиката, да не се споменува фактот дека во европските земји се плаќа исфрлање на ѓубрето и – колку ќесето е потешко, толку цената за неговото собирање е поголема. Или поедноставно кажано, бесплатно фрлање отпад во контејнер во неограничени количества и речиси од секаков тип е можно само кај нас.
Дека отпадот нема да исчезне тука така и дека не се прави еколошки чиста држава без тој да се менаџира, покажува бројката од околу 550 вакви капацитети за уништување на отпад само во Европа, од кои најмногу (96) во Германија, а дури 30 во еколошки најчистата европска држава, Швајцарија. Овие капацитети не само што го уништуваат отпадот, туку и произведуваат струја за 18 милиони Европејци и греење за други 15 милиони, односно отпадот го претвораат во струја, греење и топла вода за домаќинствата. Дури 25 отсто од домаќинствата во Данска се грејат на ваков начин, а десет града во Шведска заеднички управуваат и се грејат од една ваква фабрика за отпад. Притоа, само една компанија што работи во овој бизнис во Шведска произведува над 2 илјади гигавати струја и топлина, што е рамно на енергија произведена од 6.500 фотоволтаични панели или на енергија за околу 250.000 ЛЕД светилки.
Што се однесува на сомневањата за можна корупција, како паралела може да послужи фактот дека една ваква фабрика за согорување отпад во Јапонија официјално чини над 370 милиони евра. Колку пак ваквите расправи се задоцнети и прегазени од ситуацијата покажува фактот дека во Јапонија, па и во Европа, отпадот се менаџира на ваков начин уште од 1970 година, а ние сѐ уште не сме сигурни дека треба да се инвестира во ваков систем и какви ќе бидат ефектите од тоа. Дури и Словенија, која важи исто така за една од најеколошките држави во Европа, 98 отсто од отпадот се гори на организиран начин, а само 2 до 3 проценти од ѓубрето што се произведува завршува на депонии.